Премиера на РК Алаклоид на меѓународна сцена

Фото РК Алкалоид

Само две години од формирањето, бродот на Фармацевтите заплови во меѓународни води.

Водени од една ракометна икона, како капетан, Кирил Лазаров, но со посада од безмалку голобради јунаци, РК Алкалоид со нескриена возбуда го скрши мразот на настапите, овојпат во Лигата на Европа.

Ждрепката во ваквите натпреварувања по правило не Ви е наклонета, па така и овојпат, на курсот се испречија, Српска Војводина, долгогодишен неприкосновен владател на Српската ракометна сцена, засилена со неколку навистина квалитетни интернационалци, Скандинавската казнена експедиција Бјерингбро Силкеборг, која ме инспирира на една тема за здружување, но за тоа подоцна и секогаш одличните Шпанци, Логроњо Ла Риоха.

Колку еден исклучително нов тим погонуван на се Македонски погон, што е голема реткост, ќе може да се справи со сите бури и невремиња во меѓународните води ќе видиме низ една серија од 6 квалитетни натпревари.

Ако е овој првиов репер за нешто понатаму, тогаш да тргнеме со ред и да почнеме да издвојуваме:

Фармацевтите поради еден склоп на околности својот деби натпревар имаа чест да го играат во Македонскиот ракометен храм, култниот Јане Сандански. Самиот приод кон салата и погледот кон хотел Русија, за голем број македонски ракометни фанови е еден вид на Аџилак. Морници Ве лазат на помислата дека тука со години се поклонуваа великаните пред Црвено Црните херои. Барса, Кил, Веспрем, Флензбург, Киелце, Рајн Некар и плејада одлични тимови си одеа со горчлив вкус. Моја препорака е да останат подолго тука, има нешто во тоа катче покрај Вардар.

Салата пристојно исполнета, на пресот Кире имаше одлична забелешка, момците ќе треба со својата борбеност, упорност, мудрост да ги освојат симпатиите на македонската публика. Мирисот поинаков од Вардаровите времиња, но возбудата лебдеше во воздухот.

Ако почнеме од крајот, дебито беше повеќе од интересно, на моменти и доста квалитетно, публиката присутна, го пратеше секогаш тимот кога се враќаше, за жал не и кога паѓаше, но нејсе и за нив е ова деби.

Играта на фармацевтите во рамките на очекуваното, добро темпо, коректна борбеност, многу решенија во нападот, многу малку шутеви од далечина, добар голман, на моменти одлична игра.

Што недостасуваше? Реализација е краткиот одговор.

Следат останатите забелешки, реализацијата на пеналите катастрофална, играта со играч повеќе разочарувачка, концентрацијата не доволна за ваков дуел, бројот на исклучувања недоволен за домашна екипа.

Од играчите ги издвојувам, Џонов како најстар со 26 години од нашите, одлучен, дрзок и интелигентен. Митев една нова фигура во Македонскиот ракомет со само 20 години е фактор. Бинго одлична додадена вредност од аспект на искуство. брзина, реализација.

Премалку видовме од Велковски кој очекувам понатаму да биде можеби и носител на оваа екипа, Ѓоргиев кој капитенското бреме тешко го носи, Серафимов кој играше активно но се мачеше со реализацијата.

Ако го имаме фактот младост и неискуство в предвид, дебито ќе го оценам со успешно. Мразот е скршен, останува на следните натпревари тимот да расте, играчите да бидат порелаксирани и што е најважно да почнат да уживаат во играта.

Прво коло Лига на Европа

Алкалоид 26 Војводина 31

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...