Фото РФМ
Сезоната која измина, на домашно, европско и светско “тло” од ракурс на македонскиот ракомет, подоткри една низа знаени и незнаени недостатоци. Дел системски, дел стекнати, дел наметнати.
ЕХФ пак, таква каква што е, елитистичка, спора, тромава и кусогледа, го разоткри своето лице уште повеќе. Неможам да ги оттргнам мислите од последниот Ф4. Навистина сериозен спектакл, кој привлекува се повеќе и повеќе внимание, барем кај ракометната публика, а заробен во снобовството.
Еве ќе почнам од нив! Форматот со 16 екипи во кои неможете да влезете ако немате рејтинг како држава е тотално фрустрирачки за развојот и популаризацијата на ракометот. Или просто кажано ако немате многу пари или ако едноставно не ве бендисуваат може да сонувате само за Лигата на Шампиони. Колку ли е ова депримирачко за клубови од над 30-40 европски земји неможам ни да замислам. Всушност и можам, ако се навратиме на геноцидот врз македонските клубови и хајката врз македонските судии и делегати, косата на главата ми се крева. Последениот крик на Динамо Букурешт, само ја дополнува мојава констатација.
Вака, никогаш ракометот нема да се доближи до кошарката, а не пак до фудбалот!
Изборот на судии и нивното тенденциозно судење, иако рака на срце Магдебург изигра и машки и тактички и жестоко, го вратија Германскиот ракомет на тронот. А како и да не го вратат кога овие пустиве на сред Ф4 фокусот им беше во продажба на карти за следната сезона, и пак во Келн, досадно и свирепо. Ниту Германија го измислила ракометот ниту Германците се единствените на планетава што го сакаат.
Тики ај нашата черга да си ја гледаме.
Форматот со сите, во супер лига, најверојатно ќе заврши. Долго и широко се лобираше за покус формат, се надевам ќе осмислат најдобар можен модел за сите конечно да имаме бенефит. Клубовите, играчите, Репрезентацијата и секако публиката. Формата со комисија за делегирање на судии исто така неуспешна. Поддршката кон репрезентацијата и состојбите во неа лабави, или климави. Да се слегне прашината и рестарт и таму, ќе биде од корист за сите.
На Вардар му се случува, малку потивко, Металург. Со огромна почит кон влогот во Македонскиот ракомет, кој долго ќе треба некој да го надмине, но Вашето време Михајловски помина. Колку побрзо го реформирате и го предадете во раце на нови амбициозни луѓе толку побрзо шансите за повторно раѓање на Вардар ќе се зголемат. Јорданов ко слепец за стап го чуваше Металург и не го дочува, напротив го закопа, а сите знаеме дека имало обиди да се спаси.
Битола ги дочека своите 5 минути, дај боже да може секој Битолчанец, и оние страстните и оние помалку, да ги доживеат миговите од мемоарите на црвено црната армија, мигови од период кој траеше 6,7,8 години. Таму ќе треба од петни жили да се работи и ракометно и инфраструктурно, за да Битола, се етаблира како ракометен град од мапата на европски великани.
Алаклоид, за краток период стана фактор со огромен импакт. Пропратен со доста прашина, која зад себе ја крева икона од калиброт на Кирил Лазаров, во кус период покажа дека со доволно пари и добра стратегија може до резултат. Како тие понатаму ќе ја кројат својата судбина зависи од многу фактори. Сценариото со македонски играчи засега прилилно солидно. Но, не е тајна дека секој врвен познавач на ракометот ќе потврди дека со неколку квалитетни странци и нашите деца ќе може да напредуваат. Само да останат неколку !
Молкот околу неколку скандални ситуации или инертноста во донесување на одлуки е сигнал дека и во РФМ е потребна вентилација. Ракометот е во подем, несомнено, тоа го потврдуваат и клубовите од вториот и третиот ешалон. За овој тренд да остане така, мора сите машки и чесно да работат.
За женскиот ракомет, веќе нема да зборувам.
Летово сите со ладно пиво на плажа и стиснати палци за момците на Раде и Бранче, тие се на светско а тоа не е мала работа!
Да живее МАКЕДОНИЈА !