Прво и основно, од појавата на САМО РАКОМЕТ, ова е прво врвно светско натпреварување на кое имаме свои акредитирани претставници. Нека се множат.
Како второ и суштинско, гледање натпревар во сала во живо, и гледање на ТВ се две сосема различни димензии.
Доаѓам до третото, а тоа е темата од насловот. Синоќа во Таурон Арената во преубавиот полски Краков, иако на моменти во првото полувреме сликата на паркетот се совпадна со најавата на селекторот, шоуто сепак го имаа Македонските навивачи.
Една видлива поголема и една помала портокалова група, останата по победата над Аргентина, две три расфрлани но адекватно подготвени групи норвежани, наеднаш се најдоа во средината на едно, однапред подготвено црвено-жолто цунами. Не, не, за нас нумерираните карти немаа моќ, само љубовта кон татковината, кон Македонија и страста за таа топка.
Можеби илјада, можеби и повеќе, не сум сигурен, но овие претходниве и неколку гаучоси, една симболична бројка на неутрални ракометни љубители, беа сведоци на оваа натприродна појава. Да ние сите бевме свесни дека иако кралот најави а играчите така и се однесуваа во добар дел од првото полувреме, победата беше сместена во жанрот НФ. Јужната преплавена од македонските навивачи беше во борбен режим 60 минути. Овие гореспоменативе кои генерално беа зафатени со редовна достава на полско светло, со погледи прашалници кон Фалангата.
Еј, па губите веќе со 7-8 … е да ама ние Македонија ја сакаме и кога губи, а тогаш пак ја сакаме и пожестоко и покрваво и потемелно.
Една норвешка труба на моменти, кога тапаните ќе стивнеа ќе фатеше некоја мелодија или марш, па ќе станевме свесни дека и тие се дојдени да навиваат за своите. Но магијата на Македонците е поинаква, покомплексна, таа во училиште не се предава, со неа ние се раѓаме.
Има поминато неколку децении, откако една исклучително харизматична и колоритна група Шкоти слетаа во Скопје да ги бодрат своите фудбалери, мамејчи срамежливи погледи и воздишки низ центарот, правам паралела.
Размислував тогаш, браво, Вие сте вистински амбасадори на Вашата земја, правите Шкотска да биде земја која ја запознавам и почитувам.
Ако и само еден случаен минувач, пољак или германец, холандез или швеѓанец, ма било кој, само на момент ја дели мојата мисла, целта е постигната.
Македонија е дел од ракометната елита, а ние навивачите со нив ја раскажуваме приказната за Македонија.
Ах дам знам, игравме доста слабо, во одбрана очајно. Многу лесно не пробиваа и технички и физички поспремните норвежани. Во нападот сеуште не видов ништо од новата Македонија, можеби и викинзиве не ни дозволија. Младиве повеќе на клупа отколку на паркет, ама небитно, потполно.
Нашата вистинска битка е в недела, а Курск во вторник!
Денеска го разгледавме Краков со Катја, локален водич, кој копнее по Охрид. Таа за Македонија зборува со почит. Полска е голема и моќна со богата историја, но ниту пола од макеоднската, ниту половина болка нема запомнето како вас макеоднците, забележа.
Хм, треба да отпатуваме илјадници километри од дома за да разбереме кои сме.
Денес беше сабота, Краков беше облеан во сонце, нетипично за ова време од годината, ако и малку има симболика, и ако сонцето е во мода…
Кон поразот на Макеоднија од Норвешка а во пресрет на дуелот со Холандија
Од Краков, за САМО РАКОМЕТ, Виктор Христоски
14.01.2023