МЕГА интервју со селекторот Кирил Лазаров 2/2
Да го погледнеме и стручниот штаб. Делува генијална идејата за широк состав, составен од исклучително искусни и заслужни борци, но сепак со малку тренерски стаж. Ќе биде тоа предност или? Кој која улога ќе ја има и дали ќе имаме и тренер на голманите?
Кирил Лазаров: Задоволство како селектор ми е што имам ваков квалитетен стручен штаб. Сеуште сме на почеток, но како што поминува времето така работите ќе се кристализираат. Успеав уште подобро да ги запознаам како поединци, иако мислев дека ги знам доволно.
Најважно од се е што се млади и амбициозни и со многу енергија посветени во она што го работиме.
Сите имаат огромно искуство ракометно стекнато во годините поминати на ракометниот терен и не се сомневам воопшто во нив. Секој добива задачи и засега секој ги исполнува многу квалитетно. Тренер на голмани во блиска иднина ќе приклучиме, но ќе видиме на кој начин и како.
Некако без многу помпа, Ристовски се повлече од репрезентацијата ?
Кирил Лазаров: Со Борко се видовме кратко пред натпреварот со Данска. Му ветив дека ќе го побарам и ќе разговараме. Се одлучи за друг правец и секоја индивидуална одлука треба да се почитува. Летото ќе се видам и ќе поразговарам. Борко има дадено доста за овој национален тим.
Која е улогата на Китевски на клупата.
Кирил Лазаров: Директорот на репрезентацијата Левче Китевски го познавам уште од времето кога работеше во Металург.
Сега се запознавме многу подобро и соработуваме одлично. Се работи за квалитетен спортски кадар кој му е потребен на македонскиот спорт и ракомет. Спремен е да работи 24/7 за доброто на македонскиот ракомет, вистински професионалец во својата работа, го почитувам тоа.
Одамна е идејата еден селектор за сите репрезентации, пионери, кадети, младинци и сениори. Реално остварливо или не?
Кирил Лазаров: Ќе се прилагодиме на моменталната ситуација. Не ни цветаат рози ни во младинските категории. Летото ќе го искористиме да работиме со нив, нема да имаме одмор … Во блиска иднина посакувам да имаме тренери во сите генерации кои што системски би биле copy past на А репрезентацијата.
Мора да одиме чекор по чекор и да поставиме темели на куќата. Процесот е долг, но ќе бидеме задоволни и препознатливи во она што го работиме.

Има ли потреба поголем број македонски играчи да играт надвор или македонската супер лига нуди доволно можности за развој?
Кирил Лазаров: Тешко прашање за да ви дадам конкретен одговор. За квалитетен развој на млад играч е потребен квалитетен тренажен процес и минутажа во клубот кај што игра, тоа веќе го кажавме. Доколку играчот се одлучи да оди во странство, клубот во кој што ќе оди треба да биде амбициозен и квалитетен. Како играч странец во странство, треба да знаете дека треба да бидете двојно поквалитетен од домашниот, такви се очекувањата. Не е толку лесно да успеете во странство како што Ви изгледа. Препорачувам на младите играчи прво да се изградат како личности и играчи, па потоа да се одлучуваат за заминување од државата.
Еве и едно прашање за состојбите во клубот Голден Арт КЛ7. Има доста шпекулации, што всушност таму се случува?
Кирил Лазаров: Брендот КЛ7 го градам повеќе од 25 години со многу жртвување, посветеност, труд… Многу време и енергија вложив да создадам тим и да ги створам ракометните школи, ракометниот камп а покасно и клубот… Ги донесов на едно високо ниво во краток период.
Со клубот се разделивме на крајот на ноември, иако сеуште се води како КЛ7. Ретко правам лоши проценки со луѓе, но секој човек греши па така и јас…
Не сакам да навлегувам подлабоко во работите, ќе останам коректен и достоинствен до крај.
Животот е лекција.
До европското има неполна година. Доволно ли е за да се спроведат сите ваши визии?
Кирил Лазаров: Имаме краткорочни и долгорочни цели. Ниту еден успех нема да ме опие, ниту па неуспех да ме разочара. Треба да поставиме база, темели… каде што би биле мирни наредните 15-20 години.
Тоа можам да Ви го ветам и да спиеме мирно за иднината на македонскиот ракомет.
Победа, пораз, еуфорија, моментална депресија, вакви моменти ќе ги имаме многу и тоа е убавината на спортот.
Видете ги скандинавците, французите, германците … нив квалитетниот систем ги држи секогаш високо горе …
Не ни значи многу една победа над Данска, ако потоа не снема од ракометната сцена. Имам поминато многу и знам што зборувам.
Чест ми е да го створам ова, во годините што следат сакам да направам историја со македонската репрезентација.
Продолжувам со сонот !
Со Нант како да ја пишувате магистерската и Вие и Ентрериос, со наизглед сосема скромен ростер ги испишувате можеби најхрабрите и најракометните чекори во историјата на современата лига на шампиони. Ние некако си ги припишуваме овие успеси на вашиот импакт во играта во тимот ? Останува Ф4 и сите овде на југот ќе навиваме за отпорот и за Кире, имаме ли шанси ?
Кирил Лазаров: Не згрешив што дојдов во Нант после Барцелона.
Некако на сите им беше чудна и нејасна мојата одлука тогаш …
Нант беше клуб во подем тогаш, но далеку од Final4 во лигата на шампиони. Два пати во Final4 во 4 години, едно финале… продолжуваме со сонот…
Не сакам да зборувам за мојата амбиција на Final4 … знам дека звучи нереално, но вреди да се верува… ЌЕ ДЕ ОБИДЕМЕ немаме што да изгубиме.
Стекнав огромна доверба и респект овие 4 години, но ќе бидам нескромен и ќе речам ги заслужив.
Нема да ги злоупотребам, и сум благодарен на клубот што ми дозволи покрај активен играч да бидам и селектор на мојата земја, имаа право да кажат НЕ. Тоа е Франција и различно размислување и погледи што ги имаат, големо искуство.

Уште малку за Македонија. Некако немавме среќа со последните селектори. Ниту еден не го истера својот мандат. Червар и Гонзалес не оставија на цедило и си ја расипаа сликата за наши ракометни херои. Брестовац не успеа да изгради авторитет па донекаде и стил. Дури и ЕХФ во најавата рече дека седнувате на жешкото селекторско столче. Дали имате притисок и дали евентуален неуспех може да Ве поколеба?
Кирил Лазаров: Притисок имам и допрва ќе го имам.
Сум го имал како играч и сеуште го имам. Притисокот те води напред, иако е нелагоден во дадени моменти. Меѓутоа затоа задоволството после успешно завршената работа е многу поголемо од самиот притисок. Поколебувања постоеле и како играч, но мислам дека карактерот нема да ми дозволи да се случуваат такви работи и решен сум во она што го работам да успеам знаејќи дека ќе се соочувам доста со вакви работи…
Дали на европското ќе Ве видиме Вас и Миркуловски во составот?
Кирил Лазаров: Како стојат сега работите ДА !
Каде ја гледате репрезентацијата на Македонија на ранг листата за 5 години? Сонуваме за медал од тоа пусто европско во Србија…
Кирил Лазаров: Верувам и во вакво сценарио иако е лудост тоа да се каже во овој момент. Ќе работиме посветено, резултатите ќе си дојдат со времето. Играчите нетреба да бидат оптеретени со вакви работи, подобро е на тренерите да се прави овој притисок. (насмевка)
Играчот треба да биде среќен, да има слободен ум на терен и да ужива носејќи го националниот дрес. Ја познавам играчката психологија.
Со мене како селектор, тренингот и професионализмот е најважен, таму ќе бидам ригорозен, надвор од терен моите играчи од мене ќе бидат третирани како господа исто така и нивните семејства.
Во тој дух која порака ќе им ја упатите на младите ракометари и ракометарки од Македонија?
Кирил Лазаров: Посветете се во она што го работите, верувајте во тоа што го правите. Секоја жртва после одредено време носи резултат, тоа е неминовно. Немојте да се двоумите ниту во еден момент, чекорете цврсто и сигурно.
Спортот, ракометот е најубавото нешто што сте одлучиле да го правите во вашиот живот.
Бидете храбри и со многу самодоверба и трпение ќе успеете во она што го имате замислено.
Во освртот на Вашиот избор за нов селектор, во наплив на емоции Ви упатив порака…
Капитену, Селекторе, ти ја врачувам мојата Македонија, знам дека најдобро ќе се грижиш за неа. Посакувам, сакам, знам дека долго, долго ќе зборуваме, ќе пишуваме, ќе критикуваме и анализираме но и многу, многу ќе се радуваме!
Со срце за Македонија!
Ви благодарам од се срце