Живко Мукаетов “Би се повлекол веднаш во полза на личност со кредибилитет и визија за РФМ”

ФЕДЕРАЦИЈАТА 8 ИПОЛ ГОДИНИ Е КВАЛИТЕТЕН СЕРВИС НА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ !

Живко Мукаетов активен и исклучително успешен во две области од македонското општество. Еден од ретките кој на една успешна бизнис приказна од минатото, не само што успеа да се надоврзе, туку успеа да ја надгради и да создаде светски бренд. Генерален менаџер на Алкaлоид, македонскиот фармацевтски гигант. И другата за нас поважна област, ракометот. Од доаѓањето на Мукаетов на чело на РФМ, веќе ништо не е како порано во апсолутно позитивен контекст.

  1. Како дојдовте до идеја за активно учество во ракометот? Кој е виновникот за претседателското место?

Чинам дека сѐ започна на СП во Вараждин во 2009 година, кога шаторот на „Алкалоид“ стана еден вид упориште на македонските фанови и претставниците на репрезентацијата. Дружењето продолжи и за време на ЕП во Ниш во 2012 година, каде исто така бевме поддршка на репрезентацијата. На крај се случи во март 2013 година да бидам предложен од ракометната фела да ја преземам федерацијата. Таму сум веќе трет мандат.

  1. Што беше прва задача како претседател на РФМ? Што се променивте ?

Кога за првпат бев избран за претседател на РФМ, ветив дека македонскиот ракомет ќе функционира на поинаков начин од дотогашниот: дисциплина и напорна работа пред сѐ; организациска структура со точно дефинирани одговорности и конкретни задолженија во сите сегменти. Приоритет беше модернизација и дигитализација на работењето на Федерацијата, регрутирање на подмладок, интензивирање на активностите кои кај младината би поттикнале уште поголем интерес за овој спорт, подобрување на условите за работа и комплетна поддршка на сите национални селекции,  едукација на судии и тренери, градење на солидна тренерска база и ред други придобивки.

Како долгогодишен менаџер на голема компанија и како етаблиран деловен човек, со задоволство можам да констатирам дека во изминативе осум години е направен значаен квалитативен исчекор во поглед на функционирањето на федерацијата и нејзината главна цел – беспрекорен сервис на македонскиот ракомет. Со огромна посветеност, сериозна работа, заедно со голем број ракометни работници во земјава, систематски, чекор по чекор, создадовме систем на вредности кој претставува здрава основа за понатамошен развој на македонскиот спорт број 1!

  1. На кои проекти работи РФМ во моментов? Кои се следните приоритети и задачи пред РФМ?

Накратко, во моментов, работиме на екипирање на стручните штабови, подигнување на стандардите во супер-лигата, формирање на Б-репрезентации, систем за координација помеѓу селектори и тренери во клубовите, правиме напори за зголемување на базата на нови судии и делегати и слично. Фокусот се наоѓа на оперативно ниво, односно на активности кои би можеле значително да го подобрат организацискиот квалитет на македонскиот ракомет како на репрезентативно така и на клупско ниво.

  1. Евидентно е дека имаме проблем со младите играчи, таленти многу репрезентативци малку. Како РФМ може да помогне во процесот ?

Интересот за ракометниот спорт кај младата популација е евидентен. Во изминативе осум години, РФМ направи база од преку 3000 млади ракометари и ракометарки, од која се издвоија неколку квалитетни сениори и сениорки.

Трендовите на новото време, недоволното залагање како од играчите така и од тренерите па и клубовите, приликите и системите во македонскиот спорт воопшто, разните обесхрабрувања со кои се соочуваа(т) на почетокот од ракометните кариери – сите придонесоа многу млади надежи релативно бргу да згаснат или среќата сами да ја побараат некаде надвор, што не секогаш е вистински избор.

  1. Клубовите имаат проблем со трансфер на младите играчи. Еден мал клуб со години инвестира во некој играч, а потоа без никаква надокнада заминува во поголем клуб.
    Се чини машкиот ракомет нема проблем со финансии, супер лигата и првата лига имаат стабилни клубови. Еден претседател на прволигашки клуб дури изјави пари имаме колку што треба.

Како членка на ИХФ и ЕХФ, нашата федерација има хармонизирани правилници со големите ракометни авторитети. Во Македонија проблемот е што дел од клубовите во Федерацијата не ги депонираат вистинските договори кои тие ги имаат со играчите туку некаква проформа за ангажман, која злоупотреба секако резултира со проблем. На крајот, оној кој треба да го износи жешкиот костен е РФМ. Ние како национален ракометен ентитет функционираме согласно дефинирани акти и статут, но не можеме да бидеме надлежни за договори кои никогаш не ни се дадени на увид и соодветно на тоа, за кои немаме никакви ингеренции.

  1. Ситуацијата со женскиот ракомет е сосема поинаква. Безмалку катастрофална. Женскиот ракомет преку Кометал и репрезентацијата всушност ја постави Македонија на меѓународната ракометна сцена. Сега имаме ситуација да практично, без навреди, во Македонија не постои професионален женски клуб. Дали РФМ е моќна да влијае и како? Потегот со Савевски како шок терапија. Дали РФМ ке биде трпеливо со него како и со Симевски ?

На полето на женскиот ракомет, не сум задоволен од сработеното и постигнатото во изминативе мандати. Можеби можевме повеќе, но знаете што обично се случува со задоцнетите камати.  Да; пред скоро дваесет години Кометал беше национална гордост за сите нас, но од репрезентативен аспект имаше многу мало влијание. Требаше и треба многу повеќе да се работи на женскиот ракомет. Факт е дека оваа генерација кадетки влеја некаква надеж и со селекторот Савевски планираме почести собири на репрезентативките, персонализирани програми за работа, размислувавме дури и за клуб-репрезентација но за сега, ќе се фокусираме на конкретни активности кои би можеле да дадат квалитативен исчекор во оваа репрезентативна категорија. Савевски има полна доверба од Федерацијата и ред е да добие комплетна логистичка поддршка за неговите планови. Тој има визија, на која ние како Федерација вреди да ѝ дадеме шанса, но ќе треба трпение, дисциплина и напорна работа!

  1. Следната година Македонија е домаќин на европското женско првенство. Дали сме подготвени организациски и какви се очекувањата?

Интересно е што историјата на македонскиот женски ракомет датира од 1930та година. Нашата апликација за ова престижно првенство беше да оддадеме почит на старите добри времиња на женскиот ракомет, да обезбедиме директен настап на Европското првенство за нашите сениорки и да го поттикнеме интересот кај јавноста. Во тековните оранизациски активности, тимот на РФМ е во постојана комуникација со ЕХФ и ко-организаторите на првенството од Црна Гора и Словенија. Ова ќе биде одлична шанса за нашите ракометарки да ги одмерат силите и да ги покажат своите способности најдобро што знаат и умеат, секако со поддршка од домашните фанови.

  1. Со доаѓањето на Кирил Лазаров се чувствува една голема позитивна енергија. Селекторот има очигледно целосна подршка од Вас и од РФМ. Се најавуваат, пионерска, кадетска, младинска, Б селекција, дали сево ова ќе може добро да функционира?

Кирил Лазаров и целиот сегашен стручен штаб внесоа една нова енергија, знаење, искуство и пример за односот кон македонскиот национален дрес. Тесно соработуваме на полето на ракометот веќе 8 години и јас за Лазаров како професионалец, имам само суперлативи. Верувам во неговата експертиза, посветеноста е максимална и очигледна а неговото лидерство преку личен пример е она што влева огромна надеж. Систематски, чекор по чекор, верувам дека ќе воведе препознатлив систем за модерен ракомет кај сите репрезентативни категории.

  1. Во јануари сме на европско. Дали ако бидеме лошо пласирани, се надевам нема, притисокот врз Лазаров ќе порасне?

Притисокот и жедта за резултатски успех никогаш не изостануваат кога е во прашање настапот на машките ракометни сениори, години наназад. Ние сме единствениот тимски спорт кој во континуитет ја претставува државата на големите натпреварувања веќе 10 години по ред. Не би сакал да калкулирам со пласмани, ќе останеме како и секогаш, фокусирани на играта и со сите сили ќе се бориме спортски, фер и достоинствено.

РК АЛКАЛОИД НЕМА ДА ТРЧА ПО РЕЗУЛТАТИ, ТУКУ ЌЕ НАМЕТНЕ СИСТЕМ НА ВРЕДНОСТИ ОД КОИ КОРИСТ ЌЕ ИМА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ И ДЕЦАТА КОИ ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД КЛУБОТ

  1. Сега малку и за РК Алалоид. Кога се роди идејата? Дали во визијата за клубот има место и за настап на евро сцена? Колку ќе биде важно да се влезе во суперлигата?

Години наназад, како Федерација, се обидувавме на разни начини и во разни форми да се наметнеме кај македонските клубови за правилно насочување, посветена работа и форсирање на терен на македонски играчи. Но, како станува збор за приватни ентитети кои сами си ја креираат својата политика и откако не наидовме на сесрдно разбирање; се оствари проектот за ракометен клуб чија цел ќе биде младите македонски ракометни таленти правилно да ги насочи и моделира според дефиниран систем на функционирање, посветена работа и вистински спортски и животни вредности.

Тоа е всушност нашата главна и за сега единствена цел како компанија покровител на „РК Алкалоид“: регрутирање, градење и насочување на млади македонски ракометни таленти. Се одлучивме за ваква стратегија зашто токму првата лига во националниот систем за натпревари, е место каде се кршат копјата и се кали челикот кога станува збор за млади ракометни надежи. Нашата цел ќе биде модерен ракомет и издигнување на ракометната игра на највисоко можно ниво.

„Алкалоид“ има долга историја и богата традиција во спортот. На неодамнешната поставка во Музејот на Град Скопје можеше да се видат само дел од трофеите кои се освоени под закрила на компанијата. Шаховскиот клуб „Алкалоид“ стана Европски првак четириесет години од своето основање. Идеата со ракометниот клуб, за сега, не е да се трча по резултати, туку да наметне систем на вредности од кои корист единствено ќе има националниот тим и сите тие деца кои ќе бидат дел од клубот.

  1. За крај, годинава ја добивте довербата за водење на РФМ, имате ли доволно време и енергија за понатаму?

Кај почесните функции: 14 години сум генерален конзул на Кралството Данска, 11 години сум во претседателството на Стопанската комора, член сум на организацијата Млади глобални лидери 7 години а повеќе од 8 сум во РФМ – време имам за сите почесни функции и не се штедам за што доказ се бројните признанија кои ги имам добиено за своите несебични ангажмани.

Енергијата пак како димензија во секојдневното работење зависи од мотивацијата и поставените цели, кои во ракометот имаат посебна динамика. Во ракометот запознав многу прекрасни личности, но чинам дека немам повеќе волја за справување со хипокризија и разни медиокритети од кои вистинскиот квалитет на луѓето кои навистина знаат и вредат во ракометот, не може да дојде до израз.

Осум-ипол години се солиден период за било кој потфат и постои реална основа да се процени дали истиот бил успешен или не. Подготвен сум да се повлечам, но не во корист на ретроградни структури кои ги ‘наследивме’ во федерацијата и кои работат единствено за лични интереси. Веднаш би се повлекол во полза на личност која ќе има желба, визија и стратегија и понатаму квалитетно да го развива македонскиот ракомет.

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...