Спектакл и мизерија – ракометен викенд пред преполни трибини

Она што мене ме радува, или ме растажува е „ролетната“ на Галец, зрелоста на Самоил, макар и споредната улога или принудна минутажа на Стојановски во дресот на „двократниот“, развојот на Стојковиќ, формата на Ѓоргиев, враќањето на Марко Митев, но и „заковувањето“ за клупата на близнаците Атанасиевиќ. Македонските ракометари, особено младите, секогаш ќе ја имаат мојата поддршка и убави зборови, во овие редови, затоа што тие се иднината што мора да ја негуваме, не да ја гледаме оддалеку.

Една поговорка вели: тоа што сам можеш да си го направиш, ни душман не може!

За тоа малку подоцна, а сега неколку реда за еден од „оние“ викенди во спортот.

Во македонскиот клупски ракомет, оваа сезона ждрепката сакаше во еден викенд, на два натпревари, да се судрат четирите потенцијални кандидати за (нај)висок пласман. Ситуација, која колку што е добра, толку и не е. Од различни причини.

Таков беше овој, изминатиот, што би рекле Америте, Rivalry Weekend!

Како и да е, според мене, севкупно, супер успешен, од повеќе аспекти, но оној најважниот, кој треба да биде репер за тоа каде сме, и каде сакаме да бидеме, се преполните трибини во “Билјанини извори” и “Боро Чурлевски”. Затоа што, иако во повеќе наврати заборуваме, спортот постои за управите на клубовите. Или не, за публиката беше. Големата слика е таа, а тоа е распродадени сали во внатрешноста на државата, за најуспешниот спорт во истата таа Македонија. Особено радува, иако па можеби и очекувано (поради тимот кој гостува), беше она што можеше да се види во Охрид, чии граѓани полека почнуваат да „капираат“ што се случува во градот, и колку се сериозни во намерите луѓето кои го водат и финансираат клубот. И, познавајќи ги, знам дека нема да се откажат од намерата. Од друга страна, на “sold out” ситуацијата во Битола веќе и навикнавме, пред се на натпреварите од ЛШ, што е уште едан потврда дека Алкалоид и Лазаров, како своевиден комплимент, за кратко време создадоа „лош имиџ“ кај Битолчани и веќе се високо на листата „посакувани“ екипи, за кои, нај пребирливата публика во Европа, би платила влезница.

Радосен за тоа како изгледаа салите во Охрид и Битола, се префрлам на самиот терен.

ВО НАТПРЕВАР БЕЗ ПОРАЗЕНИ, ВАРДАР ГИ ОСВОИ БОДОВИТЕ

Прв ден од викендот, а ние сведочиме на своевиден спектакл во Охрид.

Не знам, можеби имало и други добри натпревари во „балканскиот бисер“, но според она што го видов, преку ТВ преносот во саботата во Охрид, дефинитивно Вардар привлече големо внимание и достојно беше поздравен. Како што заслужува еден двократен европски шампион, во најава да се врати на старите патеки. Убава организација, рефлектори кон играчите, но и децата кои надоаѓаат. Недостасуваат само девојчињата од локалните денс групи, на паузата од одличниот ракомет. А на терен, две 6-0 зони, кои оваа сезона се покажаа како супер квалитетни, каде Вардар е за нијанса по габаритен и делува, физички поконкурентен. Две зони, кои според филозофија на делување се различни, во однос на напуштање на просторот од 6-7 метри, а својствено на тоа и во однос на компактноста и поддршката која си ја даваа меѓу себе најважните четири играчи во двете зони. Секако, секоја од нив легитимна и со свои предности и недостатоци. Се обиде Охрид и да промени зона, со Гркот на позиција на пред, но ситуацијата, драстично, не се смени, пред се поради лошиот ден кој го имаа голманите на домаќинот, покажувајќи уште еднаш, дека за големи дострели, прво „се одврзува кесе“ за голман. Охрид во моментов ги има дури четворица, но кое фајде од тоа.

Нападот? Оној на Вардар, хируршки прецизен во однос на тоа кој „вози трактор“, кој „отвора капија“. Спорадични Боно, Митровиќ или Петриќ, но разликата ја прават Малус и особено Хорига. Овој последниов, македонски репрезентативец во најава,  играјќи на четворка во зона, и водејќи го нападот, е убедливо најкорисниот ракометар во лигата. Гостинот физички, можеби и предоминантен во дуел игра, особено Малус со „хитри“ нозе и натпросечна спортска интелигенција и Хорига, со „бомба“ во рака и натприродни физички предиспозиции. И однос кон играта и дресот, на кој можат да му позавидат и многу поголеми „војводи“ или „комити“. Охрид од друга страна, игра(ше) убаво за око, но очигледно дека дел од играчите не реагираат баш најдобро на супер силна и физички јака зона, без разлика на нивната поткованост во однос на ракометот. Пред се Стрмљан, кој е одличен играч, но и физички ограничен, и Иванковиќ, на кој му треба малку повеќе простор да „распали“ од надвор, затоа што дуел играта и „пролазите“ не му се јака страна. Но, и покрај се, Охрид беше блиску до противникот, во резултатска смисла, на моменти и на -2, но едноставно работите не се поклопија во однос на квалитетна игра во поле и поддршка од голман. Нема за што да жалат, правецот е тој и што би рекол Ројевиќ, ќе се видиме повторно!

Радува минутажата, макар и принудна на Марио Стојановски, кој одигра солидна 5-ка во зоната 6-0 на Чупиќ. Чупиќ кој знае кога го снима камера, знае кога е на прес, знае што сакаат медиумите и јавноста, но и знае што сака од екипата. Неговото неискуство во тренерлакот, барем засега е добро покриено со играчко искуство на супер високо ниво.

Сумирано, натпревар во кој нема поразени, Охрид победи со полни трибини, атмосфера во формирање, подигање на свеста за тоа која е приказната, а Вардар го доби дуелот на терен, освојувајќи важни бодови.

ФОТО: Поради недостаток на фотографија, на официјалната страна на домаќинот, не сме во можност да поставиме слика која ќе ја долови атмосферата 👎

ОД РУТИНА ДО РУИНА – ПЕЛИСТЕР ВО ДУПАК КОЈА САМ СИ ЈА ИСКОПА

Веќе следниот ден, во Битола гостуваше Алкалоид и Кирил Лазаров.

Доволен мотив за битолската публика да ја преполни „Боро Чурлевски“, како веќе создадена рутина, оваа година, после неколку супер дуели на битолчани во елитната ЛШ. Во сериозен натпреварувачки ритам, со искусна екипа, веќе создадена „банда“ која освои една-две титули, шампионот го пречека тимот на Лазаров, кој после подолг период, во полн состав го одигра еден натпревар.

А самиот дуел на два претенденти за (нај)висок пласман?

Вистинско мачење за кој немам намера да правам ракометна анализа, дуел кој, како што знаат да кажат некои, предизвикува „очобол“. Пародија на дерби во најуспешниот спорт во државата. Единстевно позитивно беше резултатскиот подвиг на гостите, кои се вратија од -7 и освоија бод среде Битола.

Домаќинот, на чело со Господин Рубен, сериозно немотивиран и де фокусиран, на моменти и потценувачки настроен спрема еден серозен противник, кој пред две години му зема титула во Купот. Тренер, кој колку и да го глорифицираат за неговата смиреност и прибраност, отиде во друга крајност, прашувајќи се човек дали „шефот“ е во Битола или Загреб. Нормално, со паметот.

На другата страна, Алкалоид, поминува низ лош период, и имам впечаток дека играчите се во тешка депра, тим кој ја загуби самодовербата и „ни на мртво плаче, ни на живо се смее“, доста неинвентивен и стерилен. Борзаш и десните бекови особено. Загрижувачки, ако се знае дека таму ни е половина национална селекција. Во сето тоа, радува присуството на „Брус Ли“ на терен, трошејќи минути кон комплетно оправување (физичко и особено психичко), иако сеуште е далеку од оној супер незгоден дуел играч, кој знае да оди и против физиката и против логиката. Ќе биде подобар, секако. Едно е сигурно, после ова и тимот ќе биде подобар, во секоја смисла. Бодот вреден два за тимот кој знае од еден натпревар, едно полувреме, еден мал период на инспирација на поединци (читај Галец) да направи серија и да се врати во трката за титулата.

Натпревар кој се до оние последни 20 минути, одеше во насока „едните слаби, другите бетер“, а натпреварот, со тоа и резултатот, го диктираше битолскиот „Свети Никола“, кој собра 13 интервенции. Она што  е многу интересно, а ретко кога сум го забележал претходно е чудната енергија во сала, меѓу публиката, па и меѓу Чкембарите. Како таа самоувереност од тимот, да се прелеа горе во публика, која беше дојдена да види една рутинска победа, да види уште едно понижување на Кралот, и ако е можно и да му пресуди на истиот. Бледо, тивко, мачно во сала. А требаше да биде дерби, до последната капка пот или крв.

Како и да е, сериозно- несериозно од еден професионален погон, од тренер кој е донесен од странство, да биде додадена вредност и да освојува титули. Сериозно болно за луѓето кои го финансираат клубот, за луѓето кои платиле сезонска или поединечна влезница. Стара поговорка вели: тоа што сам можеш да си го направиш, ни душман не може. Така е во ситуацијава со Битолчани, кои се вратија неколку чекори назад во однос на освојувањето на титулата, и се ставија во ситуација на 10 декември да мораат да победат и да чекаат, повторно друг да им заврши работа. Не дека не се нашле во ваква ситуација, и од истата не излегле како победници, но сега и ситуацијата (не политичката) и поделените карти не(ма) (да) се исти.

Пелистер можеби ги потцени скопјани, или пак паметот му беше во Загреб, на клучниот дуел оваа сезона, во која, за првпат имаат фина можност за пласман во најдобрите 16 на Стариот континент. Ситуација која не е за потценување, иако победа во Загреб е на ниво на мало чудо.

Но, кој сум јас да кажувам кој колку може или не може.  Фитиљ, Деки, Никуч, Жаре и останатите решаваат за тоа кога ќе завршат натпреварите на Пелистер оваа сезона во ЛШ.

Она што мене ме радува, или ме растажува е „ролетната“ на Галец, зрелоста на Самоил, макар и споредната улога или принудна минутажа на Стојановски во дресот на „двократниот“, развојот на Стојковиќ, формата на Ѓоргиев, враќањето на Марко Митев, но и „заковувањето“ за клупата на близнаците Атанасиевиќ. Македонските ракометари, особено младите, секогаш ќе ја имаат мојата поддршка и убави зборови, во овие редови, затоа што тие се иднината што мора да ја негуваме, не да ја гледаме оддалеку.

Затоа што македонскиот ракомет е Галец, Петар и Павле, Марко, Марио и Игор. Не Хосни!

п.с за промена, вечерва, макар случајно дојдете во „Јане“. Вардар со убава победа ќе го слави пласманот во следната рунда од Европската лига на ЕХФ. Вардар презимува во Европа!

Се гледаме во сала!

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...