Фото ГРК Охрид
Или како солунчанецот Никола ги победи атињаните.
Можно е да заборавивме колкава е моќта на народот, затоа што пропагандната машинерија на меинстрим административците ја достигнаа кулминацијата. Во старо време нашите имаа термин и за тоа, кадија те тужи кадија те суди!
Имено воочи неделниот натпревар на ГРК Охрид во рамки на четвртфиналето од Европскиот куп, во Атина, стигнаа информации дека пренос на телевизија нема да има. По повеќекратно советување со службите на Охрид ни беше совршено јасно дека пренос нема да има.
Одлучивме да реагираме и да упатиме по некоја отровна стрела кон МТВ. Очигледно беше по само неколку часа дека стрелата ја погоди метата. Следеа активности кои за среќа на сите љубители на спортот резултираа со мала слатка победа.
Преносот беше под итно обезбеден!
А таму, во Атина, во услови кои никако не доликуваат на таканаречена европска па уште и колевка на демократијата, фашистичките духови на минатото, кога е во прашање Македонија, не спијат. Можно е и да не се духови.
Охриѓани тренираа во балон, се надевам ЕХФ ќе ни ги испрати членовите од правилниците кои тоа го дозволуваат. Салата за нијанса поголема од Ричко во Прилеп.
Ама ако, баш тогаш победата е послатка.
Ројевиќ ја подготвил Македонската Фаланга, рака на срце со доста легионери од територијата на целиот континент, како да е оваа последната битка. Па така излегоа на терен и уште од првиот свиреж на подпросечните дански судии ставија до знаење дека се подготвени да се враќаат со штитовите, никако на нив!
Бескомпромисни во одбраната, на крилата на фантастичниот Пилиповиќ, темелно ги разоружаа атињаните. Да не им беше за нас од поодамна познатиот Савас Савас, ќе беа на праг на бродолом.
И да се навратам на поднасловот, најслатко можеби од се беше дека демонстрацијата на сила пред се доаѓаше од ликот и делото на солунчанецот Никола, или како би го викале нашите стари Љапе.
Одлична демонстарција на сила, став, подготвеност, тактика и карактер. Македонија за Атина е Данска!
В сабота во Охрид треба да дојдат и ако се мажи да изиграат. На нашите е да останат будни и по истиот принцип по кој Александар ги плескаше да им го покажат патот дома.
Премногу долго време сме фини и културни со оние кои тоа не го заслужуваат.
Кон победата на ГРК Охрид среде Атина против Олимпијакос, во рамките на четвртфиналето на Европскиот Куп.
Да живее вистината!
Да живее спортот!
Да живее Македонија!
