1 ви мај празник на … РАКОМЕТОТ

Далечната 1886 во Чикаго, во таканаречената колевка на демократијата, САД, власта жестоко го задушува протестот на работниците за своите права. Демократијата ја манифестирале со убиства за време на штрајкот но и со смртни пресуди за организаторите. Од 1889 па навака, во спомен на тие жртви се организираат протести и штрајкови ширум светот. Кај нас пак прераснува во празник на трудот за време на поранешната СФРЈ и како таков сите до ден денешен си го сакаме и со нетрпение го очекуваме.

Овој први со нетрпение го очекува и ракометната македонска јавност. Дали сосема случајно или намерно беше одбран овој датум и не е многу важно. Симболиката е неспоива со корените на први мај, но празнувањето секако ќе биде исклучително во еден од двата најракометни македонски градови, Битола или Скопје.

Одиме по ред, азбучен секако.

Битола, за неа може да се каже дека е град колевка на македонскиот ракомет. Освојувајќи 6 титули од кои 4, во првите години од осамостојувањето. Последната титула ја имаат во сезоната 2004/2005 и од тогаш се на распаќе. Но во 2019 година се случува ренесанса со потпишувањето на Платформата за ракометна Битола. Малиот Работник, Општината Битола, култниот Пелистер и моќниот Еурофарм, ги ставаат темелите на една сериозна ракометна иднина. Од тогаш полека и стрпливо ја градат својата форма и игра, Единицата со шампионски амбиции, а Двојката со задскриени, но со мошне сериозните настапи на сите им ставија до знаење дека скалпот на шампионот е врвна цел.

И всушност никогаш не биле поблиску до титула во последнива хм, веќе 17 години? Да, што е предноста на Еурофарм Пелистер?

Играат дома, во Битола, во Младост, сега Боро Чурлевски, во чест на големата Битолска и Македонска ракометна легенда. Имаат можност и со реми да станат шампиони. Тие немат пораз од Вардар веќе подолг период. Ростерот е безмалку комплетен. Картите се распродадени, Чкембари наострени по победата во Скопје.

Кои се недостатоците на Еурофарм Пелистер?

Притисокот да се освои првенството, видовме дека во една таква ситуација против Нексе потклекнаа. Големиот број на играчи кои си одат, може да се јави малодушност во одредена сутуација. Тренерот, иден агроном, Бабиќ кој во буџетот и во нивото би имал оправдание за евентуален неуспех. Ростер во кој нема играчи со шампионско педигре.

Скопје, веќе се вдоми на европската ракометна мапа. Играњето врвни и клучни натпревари во Скопје, во Борис и Јане е реалност безмалку 10 години ако не и повеќе. Вардар и Металург освоија милион трофеи. Но Вардар веќе не е тој. Михајло Михајловски еден ракометен гигант, на крајот на својата одисеја и не е веќе така енергичен како некогаш. Неизвесност со иднината на клубот ја реши, но создаде нова, неизвесност за амбициите на клубот.

Што е предноста на Вардар?

Вардар е клуб со шампионски менталитет. Со новиот тренер Дејвис изгледаат многу по смирено. Гледано по позиции доколку Вардар е комплетен, делуваат по конкурентно. Имаат повеќе македонски играчи кои можат да влијаат на играта.

Што е пак недостаток?

Дибиров е повреден. Столе неизвесен. Михалјо тактизира со договорите зависно од резултатот. Пелистер го немаат победено од септември 2021 та. Со реми ја губат титулата. Атмосферата ќе биде пеколна а видовме дека некои вардарови играчи баш и не се снајдоа најдобро на првиот дуел во Скопје.

Горе долу, се чини дека, иако сеуште неможев да ги пронајдам коефициентите на кладилниците, битолчани се во блага предност.

Тие со оваа победа можат многу да добијат но истовремено да извршат и тектонско поместување на силите во македонскиот ракометот. Но за тоа после празниците.

Да и со Аце влогот е кренат, не остануваме само на пиво !

Да живее Македонија, да победи подобриот !

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...