Конечно, Плеј ОФ !

Многу дилеми имав околу употребата на терминот. Пробав на Google Translate, побарав во Македонскиот дигитален речник и се чини дека сме го присвоиле терминот. Па така на страната ДИГИТАЛЕН РЕЧНИК НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК стои

Вид збор: Именка, машки род

Натпревар или серија натпревари меѓу два или повеѓе тима за да се избере најдобриот.

Англиски: Play-off

Употреба: Спорт

Значи може!

Во тој случај потврдувам дека овој Плеј Оф, за мене е еден од најочекуваните во последните сезони. Сам по себе интересен бидејќи овој формат е најверојатно последен, по подолго време имаме 3 легитимни кандидати за титула и уште најмалку 2 исто така легитимни, но би рекол кандидати од сенка.

Фокусот на првото коло секако во Битола. Новиот Шампион го пречекува стариот. Дуел кој може многу да каже, а сепак ништо да не реши.

Пелистерци, се чини прочистени во ростерот, стабилизирани во управата и на клупата, со еден куп репрезентативци кои сосема солидно настапија на европското, пред своја публика, фаворити.

Вардарци пак, тивко и мирно се подготвуваа, со еден голем прашалник за настапот на првиот Македонски Самурај. Во составот ги имаат и Мечка Лазаревски и Томи Јагуриновски, за кои недвосмилени беа сите дека се едни од најдобрите Македонски репрезентативци на европското. Растеретени од притисокот, пристигаат во Битола како аутсајдери, но евентуалниот пораз за нив не би имал висока цена.

Дуел во кој ако нема надворешна интервенција би требало да уживаат сите ракометни сладокусци.

За жал, РФМ ги распореди сите натпревари во иста сатница, па дефинитивно ќе мораме да делегираме приоритети и останатите натпревари да ги гледаме на снимки. Предлог, следните кола сем некое на крај кое би можело да одлучува да се распореди во различни термини.

Фармацевтите гостуваат во Пролет и дефинитивно се фаворити. Но знаејќи ја генетиката на екипата од “Пролеќе”, повеќе од сигурен сум дека ќе биде тоа еден интересен натпревар. Пролет Алаклоид второ дерби по тежина.

Рибарите од Охрид, со неколку зимски засилувања, на ракометната јавност и пратија порака, дека се подготвени да комплетираат голема четворка. Гостувањето во Бутел, вистински тест за нивните амбиции. Рибарите да не ја заборават, скопската симболика за Бутел, тука и најголемите паѓаат.

Последниот дуел но никако најневажен, кај Лозарите кои имаат ново сериозно ракометно име на клупата, пристигаат Поетите. Струга, Македонскиот непресушен извор на таленти, за кој одамна барам закон за заштита и вечна поддршка.

Војната за Шампионскиот пехар започнува, време е да уживаме !

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...