Многупати сме биле во улога на фаворити. Вечерва апсолутни.
Селекторот Лазаров доби можност на одложено плаќање на својот старт како селектор. Овојпат дефинитивен. Тој сега има јасна слика на своите трупи. Ранетите и повозрасните ќе ги чекаат своите ордени, а новите, младите, зрелите и останатите нема да имаат изговор: Недостасуваше …
Најавената брза и поинаква Македонија со нетрпение очекуваме да ја видиме. Рака на срце, денешниот противник нема да биде најверојатно никакво мерило, но по принципот среќата ги прати храбрите така и “Генералот” Лазаров, првата битка ќе ја има против лесно наоружана и малубројна пешадиска формација.
За ракометен Луксембург дознаеме веднаш по трансферот на нашиот Темелков во 2011 во Handball Käerjeng. И понатаму се редеа само исклучително несекојдневни приказни, за начинот на функционирање, за амбициите.
Луксембург се тотални аутсајдери! Нив дури и обложувалниците ги отпишаа, поточно не ги ни запишаа. Коефициентите рамни на моите за победа на Скопскиот маратон.
Куриозитет за машката ракометна репрезентација на Луксембург е дека, верувале или не играле на едно европско натпреварување. Во Западна Германија во далечната 1958 и го освоиле 16 то место. Или попрецизно одиграа 3 натпревари против Германија, Норвешка и Франција и постигнаа 20 а примиа 128 голови и притоа бетонираа неславен рекорд во првото полувреме со Франција со резултат 19-0.
Е сега да, тоа било одамна, но во меѓувреме ништо позначајно се нема променето. Македонија секако е репрезентација од првиот или вториот шешир, па во овој натпревар ќе треба да ги видиме контурите на тимот за следните години, ритамот нивни, амбицијата, дисциплината, борбеноста и желбата за победа. Најавениот брз ракомет, но јас пред се очекувам дисциплина и брз проток на топка.
Денес како подготовка за посериозниот предизвик во недела, сакам на терен да ги видам, Стојковиќ и Серафимов, Јагуриновски и Костески, Атанасијевиќ и Кузмановски малиот, Кизиќ и Младеновиќ. Одамна не сме имале ваква иќ генерација.
Се освен победа од 7+ разлика ќе го сметам за несериозно !
Со срце за МАКЕДОНИЈА
Среда 12.10.2022 во Скопје, Македонија од 19,00 часот прво коло од квалификации за ЕУРО 2024
Македонија против Луксембург