Трофеи што „тежат“, порази што болат и надеж што не згаснува – епилогот на една од најдраматичните ракометни сезони (втор дел)

Од Битола до Скопје, низ дерби возбудувања, млади ѕвезди и историски национални триумфи на Алкалоид во Европа – ракометната 2024/25 во две продолженија што го обликуваат идниот лик на македонскиот ракомет

Се спушти завесата на една од најнеизвесните и нај израмнети сезони во историјата на македонскиот ракомет. Не дека не беше најавено, или не беше очекувано. Но, самиот финиш, од секој аспект, донесе филмска завршница, режирана само за ракометни сладокусци.

Прашањето е кој, после се што се случи последниот месец два е нај (не)задоволен?

Добредојдовте на мојата последна или завршна, колумна за натпреварувачка сезона 2024/25. Поради обемноста на материјалот, оваа колумна  решив да ја напишам во две последователни продолженија, од кои првото беше објавено вчера, а ова е второто продолжение.

Пелистер во негатива од -5 во „Јане“, изгубено финале во Купот, нервоза во тимот, недоверба кон „шефот“. И неизвесност,  како ќе влијае оваа „посна“ сезона во сениорскиот ракомет, на иднината на битолскиот спортски бренд.

И тогаш пресврт. Ја зема „палката“ во свои раце капитенот на битолчани, сериозно поддржан од искусниот Манасков, не уништливиот Хосни, кој „бушеше“ кај што е најтенко, на петка во зоната 6-0, Тајник кој конечно презема одговорност и покажа знаење карактеристично за најдобрата школа за средни бекови во светот на ракометот и секако „Св. Никола“ на голот на Пелистер, човекот кој целата негативна енергија и антагонизам спрема одредени структури покрај аут линијата, ја канализираше во дузина одбрани, клучни за конечниот триумф.

Епилог, Пелистер, пред празна сала, го подигна пехарот и најави кандидатура за вајлд-карта за учество во најквалитетно ракометно натпреварување, следната сезона. Епилог, кој го остави Мистер Алонсо на клупата, како „мечкина услуга“ од страна на играчите за тимот следната есен, кога, според мојата теза, балонот ќе биде поголем и бељата од пукање многу поголема. Да бидеме живи и здрави, јас сум тука, ако погрешам ќе бидам прв кој ќе го признае грешката.

Вардар на другата страна. Подготвувајќи се за ЛШ, со триумфот во Битола и „набилдан“ со самодоверба по освојувањето на Куп трофејот во Охрид, на последниот меч, што би рекле некои фб администратори (на сериозни клубови), не успеа да победи, а всушност загуби. А убаво почна со „набавка“ на сериозни засилувања за следната сезона и притоа, (не)очекувано остана без човекот од Буенос Аирес (добра клима или добар воздух) кој треба(ше) да донесе „позитивна клима“ во клубот. Живот. Којзнае за што е сето ова добро, што му се случи на „двократниот“.

Чупко се најавува како човек кој ќе донесе атмосфера во тимот, сериозно ракометно поткован, со многу одличја на градите, во „братска“ врска со Војводата, минимум искуство во водење еден голем клуб и шанса за етаблирање во светот на тренерите. Така е тоа, кога на нашите тренери не им даваме да возат „ферари“, затоа што се млади или немаат авторитет, а истите тие покажале дека можат и знаат, и тоа на туѓ терен, во земји каде домашните се приоритет.

📸 RK Alkaloid

Многу зборувавме периодов за Алкалоид и достигнувањата во Европа, за концептот кој носи многу „наши деца“ на големата сцена, за одредени ликови, кои не се достојни за најголемиот деловен бренд во државата. Без Митев и делумно Ѓоргиев, во вториот дел, Алкалоид, промовираше нови играч за „големи дела“, загуби здив во трката за титулата и релативно лесно „се откажа“ од онаа во Купот. Треба да бидат задоволни, од напредокот на Галец, кој се „бруси“ за продажба од лето 2027-ма, развојот на Тино, Аце Петко и малиот Митев, но и враќањето на мапа на Марко Кизиќ. Алкалоид „испазари“ доста мудро, барем засега. Го прекомандува 16-годишниот кадет од Мулти Есенс, роден кумановчанец, Ѓорѓи Николовски (кој треба до 2027-ма да биде „новиот“ Галец), го врати Михаил Иваноски како дел од триото десни бекови, ги „позајми“ Аларов, Костески и некогашниот ракометен бисер Ѓорговски, од најлутите ривали и го задржа во Македонија, барем уште една сезона, српскиот репрезентативец од редовите на Пелистер, Урош Борзаш. Доби во перспективност на голот и лево крило (Давид Трајкоски од Прилеп), засили во одбрана, додаде опција на десно крило и му даде последна шанса на Ѓорговски да покаже што знае. И тука уште една моја теза, за која ќе „одговарам“ следната сезона, а тоа е дека Урош Борзаш ќе биде најдоброто засилување на „сините“ од Автокоманда, играч кој му е „насушна потреба“ на Лазаров, кој мислам дека ќе знае да го стави во систем и комплетно да го „исцеди“ неговиот капацитет. Ќе видиме.

А сега за делот кој го промовираше Пелистер во најуспешен (покрај титулата) оваа сезона. Три завршни турнири и учество на ново промовираниот финален турнир во рамките на ЛШ, за момци родени 2006-та и помали. И тоа во Келн.

Пионерите (на Пелистер де) играа финале, на домашен терен, и загубија од ГРК Охрид, кој со Наум Бабакот знае каде тера, промовирајќи нов ракометен бисер во генерација 2010-та и помали. Секоја чест. Останува по тешката работа, да се пренесат низ систем, да се даде шанса, да се овозможат меѓународни турнири за тие деца (и од Охрид и од останатите клубови) и да се „изделкаат“ во сениорски играчи. Титулите во младински категории се слатки, но и ништо не мора да значат.

Кадетите на Пелистер, убедливо најдобри, со неколку момци од оние кои ќе играат викендов во Келн, совладувајќи го домаќинот Мулти Есенс во полуфиналето и „вечната“ Струга во борба за трофејот. Пролет ја комплетираше „големата четворка“ во генерација 2008-ма, како генерација на момци со сериозно голема перспектива. Колку клубот од Пролеќе ќе ги „испрати“ или изгуби истите, зависи од него самиот. Струка имаат во клуб, потребни се инвестиции и надградба.

Младинците, исто како и пионерите, во населбата Бутел играа финале, влегоа како екипа која претходно е пласира во Келн (додуша без Хаџиќ во тимот, но со „Цар Самоил“). Финале или дуел кој ги расчисти сомнежите за тоа, кој и зошто (не) е викнат во националната селекција. Очигледно Дарко од „Јави се јужна“ бил во право кога ме убедуваше во исправноста во изборот на неговиот сограѓанин, за првенството во Црна Гора, минатото лето. Пелистер убедливо го загуби финалето, од „такмичарски“ по подготвена екипа (Мулти Есенс), што игра(ше) во прва лига (сениори), како клучна разлика во однос на останатите. Како патоказ, кој е патот за развој на млади играчи. Но, битолчани, а богами и Македонија, на одреден период го загуби и ракометниот џин, „Цар Самоил“ Ристевски, поради банално „мерење“ кој е кој, здобивајќи се со скршеница на ногата.

📸 gol.mk

И за крај, ако сеуште ги читаш овие редови, ти си вистински ракометен фанатик и ти благодарам за вниманието, за поддршката, но и за изнесената критика. Сето тоа е дел од спортот, но и дел од она што јас, волонтерски, го создавам со пишување на овие редови.

Се радувам на враќањето на „принцот од Автокоманда“, на фундаментална позиција во ракометот, на Филип Талески во домашната лига, на подигање на свеста кај „двократниот“ за повеќе вложување во свој производ, за децата од Охрид, но и инвестициите во тој град. Фасциниран сум од љубовта и пасијата кои ги имаат Чкембарите кон брендот Пелистер, но и системот кој го постави Алкалоид.

Го сакам Вардар, го обожавам Пелистер како ракометна реликвија, го почитувам Алкалоид и македонскиот ракомет.

Се читаме од септември, тука на Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски на „Само Ракомет“ и во најстариот дневен весник „Нова Македонија“.

Ракометот – локомотива на спортот и позитивните промени во нашата Македонија!

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...