И волкот сит и овците на број

Можеби најдобро ќе ја опише разврската на овогодинешниов СЕХА Ф4. Во финалето, загрепчани беа на чекор до сензација педесетина минути. Во мечот за бронза за нас позначаен, скалпот на НЕКСЕ конечно на градите на една македонска екипа.

Судејќи по сите параметри, разврската конечна, според очекувањата. Никогаш не ја преценував екипата на НЕКСЕ, секогаш велев дека е маалска, ама добра. Но овој Пелистер секако е граден и поставен на повисока скала.

Проблематична на моменти е реализацијата на Кузмановски и Костески, имајќи в предвид дека тие момци се иднината на Македонската авијација. Тешка артилерија нема, но на моменти и Сери и Суси покажуваат знаци на живот. Голмански врвно, одбраната кога ќе се притегне, очекувам уште подобри резултати. Пелистер игра тимски, малку споро што е за очекување со оглед на неуиграност на тимот но потполно неочекувано со оглед на скандинавскиот кормилар. Времето ќе покаже по кој курс ќе плови бродот.

Најсветлиот момент во ликот и делото на Марио Танковски. Тој треба да му заблагодари и на португалецот но пред се на Данецот, кој делува дека има полна доверба, на што очигледно Марио добро изреагира. Ако продолжи со ваков ритам, да ја подига формата, дрскоста, самодовербата и реализацијата, на Лазаров ќе му следи период на слатки маки за позицијата среден.

Од она што сакам наскоро да го видам ми остануваат недоискажани Кизиќ, Атанасијевиќ и Ѓорговски. Данецот во неколку наврати ги уфрлаше на терен, што значи веројатноста низ суперлигата да играат ќе биде огромна, а тоа пак значи ќе имаат шанса да се изборат и за минути од есенцијален значај во Лигата на европа.

Со надеж дека ова ќе биде последен СЕХА Ф4 во кој немаме претенденти за трон, остануваме со очите вперени кон домашното првенство и со нетрпение ја очекуваме фазата по групи на ЛЕ.

ПС убаво делуваше финалето со крилата на Загреб, и ќе беше како во приказните, земете го Чупко (и Тимур) ако сакате титула.

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...