Македонија во цивилизациски вакуум !

Деновиве добивам многу пораки. Дел се подршка, дел критика, дел сугестија. Се сретнуваме низ Краков многу Македонци, разговараме, предлагаме, анализираме, сублимираме.

Притоа, никој од нас не помина на црвено, неколкумина се обидоа да не платат билет во трамвајот, не помина, со насмевки кажуваат, не е голема казната, ама нема веќе. Кучиња скитници невидовме, ниту сообраќаен хаос, полиција на секој чекор, присутна, немо набљудува, има многу туристи. Отпадоци ни за лек, сите дисциплинирани, па да и љубезни. На главниот плоштад десетина кочии со прекрасни коњи. Утрово на појадок низ прозорецот гледаме градежни работници интервенираат на покривот. Сите со шлемови и заштитни јажиња.

Сликата за нас нејасна, онаму каде ние живееме владее хаосот, поточно уништено е се !

Вчера, денот по утрото беше најавен, нигде сонце, само еден ситен досаден полски дожд. Како што повеќемина реални познавачи на состојбите во Македонскиот ракомет прогнозираа, а Манасков по поразот од Норвешка најави, Македонија присуствуваше на час по современ ракомет одржан од страната на Лук Стеинс и другарите. Ви благодариме. На трибините повторно прекрасна атмосфера, пола црвено жолти пола портокалови. Да сигурен сум, на трибините повторно ние победивме, но на теренот повторно не !

Ги барам причините, ама повеќето ги знам, во најавата за мечевите доста пишувавме, а во подкастот со Славе и Џоле прилично и објаснивме. Сепак желбата за победа сеуште е жива.

Денес зборував и со Зенга, Зоки Петковски. Наша голманска легенда, денеска тренер во младинските категории во Вардар. Пренесувам еден негов став напишан во предвечерието на ова светско, изворно:

Почнува Светското првенството во Полска , ние кои сме ,,заразени,, од спорт ,во нашиот случај ракомет ,едномесечен празник на душата исполнет со многу интересни натпревари , каде се очекуваaт изненадувања пријатни, од вториот и третиот ешалон на репрезентации по квалитет . Дај Боже ние да бидеме тоа позитивно изненадување, и уште еднаш ни ги стопли срцата во овие ладни јануарски денови. Но сакам да напоменам неколку работи , да станат појасни за некого помалку упатени во ракометот.

1. Кај нас ракометот е спорт број еден подолг период , самото по себе очекувањата се големи за поголем број љубители на спортот, но дали сме реални ?

– Дали знаете дека во нашата држава се занимаваат со ракомет во сите категории од пионерска до сениорска , колку еден осреден ракометен град во Данска, Германија или Шведска ?

– Дали знаете дека и како нација генетски не сме на завидно ниво , антропомтриски да парираме на големите велесили (како што викаше еден тренер на килажа и метража) , значи од квантитет да ,,избрусиме,, квалитет ?

– Дали знаете дека освен неколку клубови , останатите се борат за гола егзистенција, условите ни се очајни. Ладни сали , немање соодветни ракометни реквизити, спортска опрема несоодветна за овој дел од годината, буџет за летни и зимски припреми освен неколку суперлигашки екипи стаклен, другите немаат воопшто меѓународни турнири и пријателски натпревари ?

– Дали знаете дека буџетите на репрезентацијата и врвните клубови кај нас ни се неколкукратно пониски (минимум 50% до 80%)од водечките и средни репрезентации во европски рамки?

– Дали знаете дека во моментот Холандија и Аргентина котираат подобро на ракометната берза од нас, за Норвешка да не зборуваме воопшто?

После овие факти кои ги изнесов и се дефинитивно точни, дали имаме право да критикуваме мерно и немерно … Да се разбереме , не ми е целта некого да бранам или заштитувам , напротив да ви доловам каде сме во европски и светски рамки.

Што имаме? Срце ,борбеност и еуфорија во репрезентацијата , која со години наназад не краси. Момчињата даваат и повеќе од своите реални можности, се надминуваат самите себеси . Го докажале тоа многупати , без разлика која генерација се работи, и кој е селектор 80-90 % ќе ги селектирале истите играчи . Направена е комплетна промена на генерација, а не се почувствува на резултатски план , го заджавме континуитетот на големи натпреварувања, од 2009 до денес. Како викаат пред фактите и вистината и Боговите молчат. Муабетот ми е, да не имаме два милиона селектори, кои ќе критикуваат мерно и немерно , бидете достоинствени во критиките, да бидат конструктивни и да ,,држат вода,, да бидат реални и имаат поука. Секогаш може подобро треба да биде мото на секој граѓанин , љубител на спортот со својот коментар и критика. Доколку вистински ја сакате својата држава и патриотски сте настроени , давајте одмерени изјави,статуси,постови …

П.С. Иако кај многумина овој статус нема да има ефект , сепак за некого вреди да поразмисли малку повеќе од ,,широката народна маса ,, со својот коментар, доколку има свест и совест …

Македонија загуби од Холандија, тие дојдоа со зелена карта, но така беше и со Данска на едно европско па стана шампион. За фудбал евоцирам спомен.

Мојот повик е следниот, додека директорот на Агенција за млади и спорт, која е единствената институција во Македонија која може и треба да работи за спортот и спортистите, за време на едно елитно светско натпреварување, отвара детски игралишта, место да биде на трибина со подршка, критиките кон играчите да престанат. Сиот гнев и горчина кој се создаде, да се пренасочи на вистинската адреса.

Насловот по сугестија на еден од најеминентните Македонски тетарски режисери на денешницата, Пројковски, всушност требаше да гласи БЕЗ НАСЛОВ НО СО ПОВОД…

Кон поразот на Македонија од Холандија а во пресрет на дуелот со Аргентина

Од Краков, за САМО РАКОМЕТ, Виктор Христоски

16.01.2023

P.S. Ми зачестија завршниците со овој темплејт…

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...