Ново сонце над Македонија

Фото РФМ

Со Бице по принципот на западните хегемонистички практики развиваме теза, план, прогноза, кога Македонија може да очекува блескави ракометни моменти.

Планот, или позападно речено Проектот го нарековме ПРОЕКТ 3-2-25 !

Да појаснам, 3 е за трите најдобри македонски екипи. Со оглед на моменталниот однос на силите, финасиите, амбициите, инфраструктурата и ростерите, Вардар, Пелистер и Алкалоид се главните номинирани за овој епитет.

2, е за две години последователно играње на горенотираните 3 тимови, во европските лиги. Лигата на Шампиони и Лигата на Европа. Како ќе бидат распределени билетите, незнам но очекувам, догодина Вардар, а следната Пелистер да се изменат во Лигата на Шампиони, или обратно, а најмладите Фармацевтите да бидат две години дел од групите во ЛЕ заедно со вицепрвакот.

25 е за 2025 година во која новата Македонија ќе биде носена кон сериозни резултати. Дали светското или европското 2026, неможам да бидам докрај сигурен. Но верувам дека ако планот функционира и ако моменталната состојба на заземање страни и вртење грбови, брзо ја надминеме, дека тогаш со насмевка на лицето ќе го реобјавам текстов.

Всушност ова е осврт на поразот од Португалија во квалификацискиот дуел за ЕП 2024. Дали е случајно или не, денес бев на преглед на спортска медицина воочи започнувањето на новата полумаратонска сезона. Резултатите исклучително охрабрувачки со исклучок на последиците од долготрајниот зимско славски период во кој македонската кујна си го зема својот данок.

Така некако е и заклучокот по поразот. Охрабрувачки, статистички но и онака од око. Оваа сега ептен подновена Македонија одигра еден сосема коректен натпревар. Натпревар за кој иако одигравме на кец фикс, коефициентот од 9 за победа, однапред кажуваше многу за моменталниот сооднос на силите.

Ајде прво статистиката: Македонија го намали бројот на технички грешки безмалку на едноцифрена бројка, изминативе години кога игравме со сериозни репрезентации, а Португалија е една таква, 15 ни беа загарантирани. Генерално кога сме губеле, противничките голмани биле херои овојпат со само 9 одбрани, за нијанса подобри, ние имавме само 8. Со играч повеќе реализиравме дури 6 голови, што во минативе неколку години ни беше сериозен проблем. Имавме 11 играчи кои се запишаа во листата на стрелците и на крајот, некаде на помалку од десетина минути до крајот по едно упорно бркање, успеавме да поведеме.

Од нематематичките впечатоци, видовме една легија на ракометно голобради момци, кои достојно го бранеа дресот на Македонија. Играа храбро, борбено, без респект и страв.

Што е тоа што не беше добро. Неколку промашени пенали, неколку невешто извлечени транзиции, мала конфузија во преземањето, безмалку катастрофално бранење на пикер, недостиг на маса, трпеливост, дисциплина и да секако искуство. Од крилата малку добивме. Да со малку подобрата одбрана, дојде и подобриот коефициент на голманите, а знаеме дека често тие се пола тим. Лошо беше што можеби Португалија не беше на 100 %, но велам можеби, можеби и судиите не беа баш најсреќно избрани, но Пасивна ќе се погрижи за да ја дознаеме вистината.

Му посакувам добредојде на Џонов, ги охрабрувам Батакот и Цветан, Марко си знае, оној другиот Марко, малиот со пофални зборови од АРЕНА 5 коментаторот, Симба делува се покорисно, Томи и Томо одамна ми се идоли. Фитиљ, гази човеку, Серафимов и Велковски, близнаците, многу можете, Коки на 100%, како и на светското, Џуле со помин грбот.

Еден пасус и за отсутните. За Тале побарав одмор уште лани на европското. Едноставно му треба. Видовме како одморот и промената го промовираа во клучниот играч во Вардар. Деки ти си гол машина и ништо не треба да те поколеба. Играњето за Македонија е чест и гордост, не е обврска, не е политика, верувам уште многу можеш да испорачаш. Марио ти знаеш дека долго време се кладиме на тебе, биди трпелив, играј храбро, знаеш дека е привилегја да се игра на свестско и европско.

Кога една генерација ракометна си одеше во Македонскиот ракомет настануваше ваакум. Овој пат онака шеретски, маалски, сакам да ја превесламе физиката. На добар пат сме ?

Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата… долго ќе ја пееме по ракометните белосветски арени !

Во прилично концертниот Борис, на 09 март 2023 година, една нова Македонија, ракометна загуби, но не разочара.

Македонија 23 Португалија 29

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...