Кантри хитот на Вили Нелсон од почетокот на осумдесетите на минатиот век, најдобро се вклопува во денешното издание на Скопски Металург.
Дека трудот на Иве и Злате дава резултат видовме и во дуелот со Вардар. Но денеска како комплетно да дојде до израз менталната, тактичката а можеби пред се и физичката состојба на играчите.
Двете екипи прилично нервозни. Па така првото полувреме фестивал на технички грешки и избрзани потези. Многу малку ракометна убавина. Но ако се има впредвид влогот можеби и оправдано. За Пролет, да се надмине себеси и да се замеша во борба за тоа фамозно трето место во Македонија. За Металург, да го скрши мразот и да се врати на стари стази, како во песната.
Разликата ја правеа крилата на Металург и расположениот Ангелов на голот на Пролет. Па така по серија измени на водствата, на полувреме безмалку изедначено.
Второто полувреме ја покажа сепак разликата. Металург ги сопре додавањата до Аларов. Иако во одбраната Матлиевски менуваше сепак немаше цврстина. Неговите играчи делуваа потрошено. Од друга страна, агресивната одбрана и брзото покривање на Металург му донесоа многу пресечени топки па аналогно и многу лесни голови. Ако го додадеме и активното вклучување на Серафимов со 7 голови сите во второто полувреме, за Пролет веќе немаше шанси.
Металург овој натпревар го доби иако играше само со 7-8 играчи без првиот центар и првиот пикер. Јасно го најави враќањето кон врвот. Пролет заостана пред се физички, но на моменти и тактички.
23.04.2021 Скопје Македонија
СЛ Разигрување
Металург 29 Пролет 22