Идентично како и минатата сезона, уште во првото коло но со обратен редослед на одигрување на натпреварите дома/гости, кавадаречки Тиквеш, испадна од Европскиот куп, најслабо по ранг европско натпреварување. Грчка Драма, по победата дома со резултат 27:31, во Кавадарци успеа да го издржи притисокот и со резултат кој ги однесе понатаму (26:26), ќе го продолжи натпреварувањето во Европа. Убав „шамар“ за мак ракометот, кој се „кити“ со сериозен кавлитет.
Иако Тиквеш само вторпат во својата историја игра европски натпревар, против екипа од земја која вообичаено предизвикува специјален набој и емоции кај Македонецот, сепак, Кавадарчани не ја исполнија “Јасмин” во очекуван број, како би создале непосакувана атмосфера за гостите. Напротив, веројатно ќе се чекаат “душманите” од домашниот шампионат, Вардар, Охрид или Алкалоид, како преполниот “Јасмин” би ги “истресил” сите свои фрустрации и целата негативна енергија, создадена спрема главниот град и екипите кои доаѓаат од истиот.

Лична архива Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски
ДВА ЧЕКОРИ НАПРЕД, ТРИ НАЗАД ЗА ГРК ОД КАВАДАРЦИ
Што се однесува до самиот натпревар, имајќи предвид дека немавме можност да го видиме првиот дуел кај нашиот јужен сосед, навивачки посакувавме и меѓусебно си се убедувавме дека Тиквеш може над +4 и со тоа да се пласира во следната рунда, стартуваќи го процесот на стабилизација.
Но, очигледно не успеа, барем не во однос на овој двобој. Тиквеш се што градеше изминатите години, првенствено со Матлиески, кој беше изненадувачки отпуштен, а потоа со (пре)краткиот престој на Стојановиќ, како знак дека работите во ГРК од Кавадарци не се за машала, и како капак на се носење тренер од странство кој одамна нема амбиции да создава, успеа да го сруши и да се врати минимум 3-4 години назад.
Сега “врели костени” во екипа која ниту ја селектирал, ниту ја подготвувал, ќе вади Гечевски. На самиот страт не успеа ниту во Пролеќе, ниту во двобојот со Драма да излезе како конечен победник.
Тешка и небалгодарна задача, нема што, имајќи предвид дека екипата нема среден бек (повреди на Симиќ и Шулески), или има од пред некој ден играч кој повеќе личи на баскетчија, пивот кој не сака да игра одбрана (или сака ама не може), а во напад истиот не постои, солиден десен бек кој веќе две години никако да го “среди” коленото и двајца тројца “тешкаши”, кои се комплетно зависни од тоа друг да им создаде ситуација во напад и така „сами“ оставени не знаат „кај тераат“.
Со таков состав и лоша атмосфера Тиквеш со 5-1 зона, со Коцев како “индијанец” го стартуваше синоќешниот натпревар во одбранбената зона и задача истиот да “земе” играч спротивно од топка, оставајќи простор за гостинските играчи да играат на широк простор на средината од зоната еден на ден и да создаваат играч повеќе за крилата. Од друга страна, во нападот, видовме индивидуални решенија на Обина, „силување“ на топката и играта, без среден бек кој ќе спроведе насоки, каде противникот треба да се нападне, ќе одигра за бековите кои се зависни од истиот, продуцирајќи игра еден на еден без залет, без „вработување“ на играчите на црта, и оставајќи впечаток дека противникот е многу подобар и поквалитетен од нас. Како резултат на сето тоа, Тиквеш “каскаше” позади Драма за еден или два погодоци, додавајќи ги на тие -4 од првиот натпревар.
На средина на првиот дел Грчевски ја „врати“ зоната на 6-0, што на површина ги извади сите мани на нападот на Грците, кои малтене, не се обидоа да дадат гол надвор од девет метри. Во Арсиќ на голот, Тиквеш имаше расположен голман, кој не доби поддршка од инертната и некоординирана зона на домаќинот, за уште повпечатлив настап. Како и да е, во таква ситуација, кога Драма немаше решение од „надвор“, со неколку технички грешки, одбранети зицери на Арсиќ и напади до „пасивна“, Кавадарчани имаа можност и 4-5 зицер ситуации во серија да го свртат натпреварот и уште во првиот дел да ја анулираат негативата од првиот натпревар.
Не успеаја.
Многу грешки и недозволиво многу промашени шутеви за еден европски натпревар.
АГРЕСИВНАТА ЗОНА ДАДЕ РЕЗУЛТАТИ, НО И (ПРЕ)ДОЛГО ОСТАНА АКТИВНА
Во вториот дел Тиквеш доби среден бек во името на Кривокапиќ, новата аквизиција, која иако под секое квалитативно ниво за да се нарече засилување од странство, сепак во натпревар кој е на долна граница од плејоф, направи разлика во првите 10-тина минути, одржувајќи баланс во однос на играта и резултатот. Вториот дел донесе и нова зона на Грчевски, на граница на хазардерство, оправдано, со идеја да се разбуди твојата екипа и да се изненади противникот. И успеа во тоа Тиквеш, преку брзите Димовски и Темелковски, со 4-2 зона која ограничи двајца играчи на противникот, да донесе немир во екипата која имаше конатнтно играч помалку во поле. На средината на вториот дел Тиквеш имаше и резултат кој гарантираше најмалку изведување седмерци, но клупата на Тиквеш се чини дека и предолго ја остави во функција зоната за која играчите на домаќинот не беа подготвени физички, психички, а ниту тактички.
Резултатот е враќање во реалноста. Набрзина гостите ја вратија водата на своја воденица, носејќи ги бројките на семафорот во егал.
И сето тоа не е случајно. Почнувајќи од подготовките на екипата, кои беа во најмала рака непродуктивни и анемични во однос на резулатите (што доведе и до брза смена на Марковиќ), повредите на клучни играчи, неадекватни засилувања за новата сезона, влечење повреди на играчи од минатите сезони, доведе Тиквеш да не е оној тим кој „гризеше“ минатата година, и тим кој всушност даде одговор на прашањето кој ќе ја освои титулата. Овој Тиквеш нема глава и опаш, и е зрел за реконструкција, комплетна. Реконструкција која значи подолг временски период да се работи на оформување на база од играчи, кои имаат антропологија и ментален склоп да „гинат“, создавање домашни играчи кои ќе ја вратат публиката во сала, странци кои ќе прават разлика, а не ќе ја празнат касата на клубот.
ТИКВЕШ И ОСТАНАТИТЕ КЛУБОВИ МОРААТ МНОГУ ПОДОБРО ВО СПОРТСКИОТ МЕНАЏМЕНТ И МАРКЕТИНГ
Клуб, кој има голема поддршка од „таткото на Градот“, од богата општина со многу фирми и сериозен буџет, мора во делот на спортскиот менаџмент да внесе луѓе кои го практикувале ракометот, да дадат насока во делот на спортот, без разлика кој е тренер, насока каде ќе се движи Тиквеш, не оставајќи еден играч, колку и да е или бил кавлитетен, колку и да дал за клубот, да се става во ситуација на играч, капитен, спортски директор, скаут и менаџер, притоа, норамлно, водејќи се од личните интереси. Таква ситација е неодржлива и не постои тренер што ќе ја „аминува“ истата, притоа вршејќи си самоубиство во однос на неговиот авторитет и интегритет.
Да не зборуваме за делот со маркетинг, каде можеби и се крие една од причините за недовволно пополентиот „Јасмин“ синоќа, клубот мора многу подобро. Гостите, колку и да доаѓаат од земја без никаква ракометна традиција, дојдоа во Кавадарци со фотограф, со медиа тим, покажувајќи дел од таа што треба да го има секој нормален суперлигаш во Македонија. Нашите клубови, со буџети на кои има завидува регионот, заглавени во 19 век, без сериозно развиени друштевни мрежи, „нахранети“ со видео и фото матерјали, без ПР сектор кој ќе комуницира и ќе ги „храни“ медиумите со информации, без настани кои ќе анимираат најмладите, како локомотива на секоја армија фанови, очекуваат спортскиот дел да биде доволна причина за фановите да дојдат да купат карта и да го проследат натпреварот.
Мало сутра, што би рекол еден наш Нобеловец.
Поранешен македонски репрезентативец, основач на проектот Ракомет За Секое Дете