Со еден ракометен пријател, пред дербито во Автокоманда, имав дискусија околу важноста на натпреварот. Стоев на ставот и уште сум на истиот дека, имајќи предвид дека е октомври и „нивата е долга за орање“, ова беше натпревар кој од различни аспекти е значаен за двете екипи, а резултатот како статистика и освојување на бодови е второстепен. На домаќинот победата (ќе) му даде дополнителна самодоверба и потврда за се она што Лазаров сака да го наметне кај своите играчи, а тоа е еден победнички менатлитет, кој го имаше во изобилство во својата играчка кариера, дека можат против секого, било кога, било каде и од друга страна Пелистер, кому победата, како „мечкина услуга“, само навидум, ќе ги залечи „раните“ создадени од поразите во Суперкупот, од „двократниот“ и во ЛШ. Но, само до следниот бродолом кога сите „фекалии“ повторно ќе излезат на површина.

Фото: РК Алкалоид
Добредојдовте на мојата нова колумна, за третото овосезонско дерби, на кое Алкалоид во сите сегменти на ракометната игра го надигра шампионот Пелистер и се промовираше во кандидат број еден за освојување на титулите во домашното првенство, најавувајќи нова ера во Македонскиот ракомет.
РАКОМЕТНАТА ФЕЛА СО ДИЛЕМИ ПОСЛЕ ДЕРБИТО ВО АВТОКОМАНДА
Пред да напишеме неколку реченици за тоа што го видов(ме) во вторникот, имам две дилеми, кои како што можев да слушнам и видам, провејуваа и низ луѓето кој „од блиску“ го следат ракометот, а и Лазаров во својата изјава после натпреварот индиректно начна една од нив. Двете се поврзани меѓу себе и се во насока, дали Алкалоид игра на многу високо ниво или Пелистер „не одигра ништо“ (сегмент што го спомна Лазаров во насока дека „противникот беше под можностите”) и како втора дилема, а поврзана со првата, дали Бранко Ангеловски има сериозна опозиција меѓу играчите и дел од нив го бојкотираа(т), па со самото тоа и „тимот беше под своите можности“. Би било добро за битолчани, но не и за „фамилијата“ (да бојкотира играч кој е дебело платен), ако Ангеловски е проблемот и после оставката синоќа Пелистер полека да се врати во некоја нормала (затоа што ова дефинитивно не е нормална ситуација). На тој начин проблемот (ќе) е решен многу лесно, но се плашам дека истиот е систематски и само со длабоки резови, голема трпеливост во однос на простор и време, „свежа крв“ на сите нивоа и професионализација на функциите ќе може, на среден рок Пелистер да „излезе од калта“ во која е влезен.
После третиот пораз за пет месеци од ист противник, Бранко е аут, а ние ќе почекаме да видиме кој е јунакот кој ќе се нафати да го решава овој ребус во Битола. Нема да типуваме, ниту да мудруваме што му треба сега на Пелистер, ваљда ја научија лекцијата и мудро ќе изберат. Само ќе констатираме дека истиот треба да биде голем јунак и мангуп со две кожни јакни и една спитфаерка.
Толку за Пелистер, повеќе во коментарите на нивната официјална ФБ страна.
5-1 ЗОНА НА ЕДНА И ДРУГА СТРАНА, КАКО ТАКТИКА КОЈА ГО ЗАДУШИ НЕИНВЕНТИВНИОТ НАПАД НА БИТОЛЧАНИ
А сега за самиот натпревар!
Кирил Лазаров успешно го одбрани дипломскиот труд на тема: одбранбена формација 6-0 со трансформација на истата во 5-1 на лева и десна страна, како клучен сегмент кој го одлучи победникот, сегмент кој направи разлика, внесе нервоза, овозможи подигање на самодовербата и како крајна цел овозможи доволен број „лесни“ погодоци на контото на домаќинот. Имајќи предвид кој е „менторот“ на тренерот на тимот кој синоќа го „размонтира“ шампионот, без разлика што истиот тој тренер во својата играчка кариера играше „тотален ракомет“, свесен за важноста на одбраната во нашиот спорт, очигледно, по превземање на екипата пред повеќе од две години, посветил огромно внимание на тактичко поставување на зоната.
Лазаров „излезе“ со изненадување во однос на нападот на битолчани, врз основа на тоа кој беше партнер на Фитиљот на бековските позиции, наизменично менувајќи ја зоната во однос на тоа кој од играчите на позиците два и пет (најчесто Велковски, Бинго или Џонов) ќе има задача длабоко да анитципира, на моменти да отсече играч на лев и десен бек, да го скрати просторот на делување, да не дозволи проток на топка, убав залет на бековите на Пелистер и на тој овозможувајќи сериозна густина (на средината на теренот, каде домаќинот има висина) пред синоќа и повеќе од солидниот Кизиќ. Со еден збор да го задуши и така не инвентивниот напад на шампионот, насочувајќи го на решение еден на еден, анулирајќи го Пешевски, кој на така поставена игра немаше можност да искористи својот габарит и доминација во однос на крајните играчи во зоната на Алкалоид. Резултатот е тој. Симултанка на Кузмановски, со двоцифрен број погодоци, но и безброј промашени шутеви и обиди, како резултат на слободата која капитенот ја има во нападот, но и како резултат на пасивноста и без помошноста на останатите играчи во тимот, пред се Борзаш и Тајник. Што се однесува до десните бекови, Ангеловски беше на мака да избере „помало зло“ помеѓу Хосни и Цехте, како два некорисни скапо платени странски играчи во тимот. Крилата, втор натпревар по ред, со својата реализација и одат во прилог на поставеноста на зоната на Лазаров, со (пре)многу промашени шутеви, дополнително згуснувајќи ја истата. Ако некој треба или може да добие преодна оценка, покрај Кумановски, во нападот на Пелистер, тоа е Павле Атанасиевиќ, пред се поради борбеноста и беспоштедна игра, кај која видливо е неискуство од вакви натпревари, факт кој директно се рефлектира врз играта на „близнакот“, со многу технички грешки и избрзани шутеви. Простено нека му биде.
МИТЕВ И КОМПАНИЈА, „ЕДЕН НА ЕДЕН“ КАЈ БОРЗАШ ИЛИ ПАВЛЕ

Фото: РК Алкалоид
Нападот на Алкалоид. Со јасна цел, после изолација или развлекување, поместување на пивотот од средина на бочни позиции и игра еден на еден на Митев, Ѓоргиев, Серафимов или Велковски со играчите на позиција три или четири, доминантно напаѓајќи ги Борзаш или Павле, во зависност од тоа кој од нив е партнер на Абутовиќ. Нападот е сегмент во кој тешко може да издвоиме поединец, имајќи предвид разновидноста и широкиот дијапазон играчи кои реализираат, но мора да напоменеме дека благодарение на фокусот кој противникот го има на „ракометниот Брус Ли“, останатите играчи имаат простор или ситуација за реализација. Крилните играчи „супер Бинго“ и „големиот Батак“, со беспрекорна реализација допринесе за разводнување, на и така, неквалитетна зона на битолчани. Се на се, нападот игра(ше) многу трпеливо, тактички добро поставен, но она што импонира е техничката совршеност на играчите, со минимум технички грешки и висока реализација.
СПОРТСКИОТ ГНЕВ ГО ТРАНСФОРМИРАШЕ ВО ПОЗИТИВНА ЕНЕРГИЈА ДОЧЕКУВАЈЌИ ГИ СВОИТЕ ПЕТ МИНУТИ

Фото: РК Алкалоид
Спомнав погоре дека многу тешко е човек да потенцира поединец во тимот на Лазаров, како квалитет повеќе во однос на противникот, но откако ова лето пристапи на тимот, како саат функционира(ше) стружанецот Никола Костески, популарниот Барак, кој антрополошки перфектно се вклопи во филозофијата на Лазаров (кај која има многу ротација, многу се трча, се користи контра, полу контра и брз напад за погодок повеќе од противникот) и заедно со „супер Бинго“ формираат убиствен тандем. Веројатно како резултат на ситна повреда која се влече, Батакот само еден напад претходно, по реализиран пенал, даде сигнал дека има проблем со десното стапало (најверојатно Ахилова тетива), а по нецела минута се сруши на терен. Долго време Батак собираше спортски гнев, редовно „шиканиран“ од луѓето кои правеа селекција во националниот тим и не се наоѓаше во фокусот на водечките тимови во мак ракометот. Но, за се има ден, па така и Батак доби шанса и целиот тој гнев го преточи во позитивна енергија, со која лета(ше) по терен и погодува(ше) од сите позиции, факт кој го зацементира во тимот на Алкалоид, но и во списокот на селекторот.
Му посакуваме побрзо враќање на терен!
КАКО „СЕ ДОНЕСЕ“ РК АЛКАЛОИД ДО ОВАА СОСТОЈБА?

Фото: РК Алкалоид
Подолго време, а особено по она синоќа, на сите кои беа во сала, а и пред малите екрани, веќе им е јасно дека во Автокоманда се создава нешто големо, нешто сериозно, на здрава основа, се создава систем со одлични услови за работа. РК Алкалоид е единствена екипа во лигата која има своја сала и истата може да ја користи 24/7, како важен момент за филозофијата на Лазаров, да се „малтретира“ екипата двапати на ден, индивидуално да се работи со сите селекции и напредува. Клубот има нутриционист, има најдобар аналитичар како помошник на Лазаров и најдобар тренер за физичка подготовка. Кога на тоа ќе се додадат редовни примања во текот на целата година на СИТЕ инволвирани во клубот, кога играчите имаат само 15-20 дена одмор и постојано се во процес на индивидуален или полуиндивидуален тренинг, огромна логистика, втор тим, осум селекции…јасно е дека позади сето тоа стои голем буџет и компанија која е синоним за успех во Македонија. Но, голем буџет имале и сеуште имаат и други екипи, поголеми спортски бредови, но фокусот им бил и сеуште им е насочен кон инстант успех, како нешто што наводно природно им прилега, а тоа е да се биде шампион и ништо друго. Во Автокоманда фокусот е на создавање база од играчи, кој веројатно следните две години, со цел да се нападне врвот на Европа, ќе бидат надградени со двајца тројца екстра играчи од странство. Барем мене така ми личи, времето ќе покаже.
Но, за да останеме доследни, две работи се многу важни во целиот овој процес или систем кој полека дава резултати и ги придобива симпатиите кај неутралните фанови на ракометот. Кредитот на „шефот на струката“ и начинот на кој се прави „набавка на материјал“ од кој се создаваат новите македонски ракометари. За првата работа, јасно е дека „шефот“ има кредит до небо како веројатно никој друг ракометен тренер, кредит кој му овозможи долг процес на адаптација на екипата по негов вкус, па и кога резултатите (и во клуб и во национален тим) не беа како што некој поскауваше. Што се однесува до набавка на „материјалот“, клубот во склоп на околности има полуги за носење на најталентираните деца во тимот, и рака на срце, овозможувајќи им сериозен тренажен процес, услови за надградба и шанса да играат на високо ниво од нив формира ракометари за кои (ќе) се интересираат (нај)големите ракометни колективи. Секако дека во процесот на „филтрирање“ многу македонски деца ќе „излетаат од возот“, но тоа е цената на производство на квалитетен производ, процес кој поварува квантитет на талентирани деца, во „гола борба“ за излез под Сонцето.
Тоа е фактичката ситуација на теренот, кога едните купуваат „родени победници“, а овие другите ги создаваат.
Во некоја од следните колумни за „воскреснувањето“ на Кизиќ, враќањето на насмевката на лицето на Серафимов и приказната за Кралот и Симба.
Веќе утре Шундо ќе го предводи Пелистер против еден од најквалитетните тимови кои воопшто играле во Битола.
Со лесно!
Поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете