Одбраната е клучен сегмент, надополнета со супер искусниот Митревски на голот, надополнет со двоецот од Алкалоид, Кизиќ и Галевски. Клучен затоа што од нејзината успешност ќе зависи колку и во која мера ќе имаме шанса да ја користиме транзицијата, како главно оружје, да им „трчаме во грб“ на Бодо, Анчин, Жита, да не дозволиме измена на Банхиди, да има директни „контри“ за близнакот и Костески, да му дадеме на Фитиљ да ја одигра својата индивидуална полуконтра на врвно ниво…да постигнеме 7,8 или 10 погодоци од таа транзиција, како би сметале на бројка од 30 погодоци, доволна за бод или два.
На пазар, во маркет, пред зграда, во сала, в кафеана, или на улица . . .
Се повеќе луѓе, пријатели, познаници, знајни и незнајни уште пред да се каже здраво-живо, ми пристапуваат со прашањето: што ќе направиме на Светско, колку далеку можат да стигнат момците, групата ќе ја поминеме, но може ли бодови да пренесеме …???
Полека се подига атмосферата помеѓу македонската спортска јавност, како се доближуваме до уште еден голем спортски настан, секако ракометен, Светско првенство, 29-то воопшто, а за Македонија, седмо по ред или деветто вкупно. Исклучувајќи го учеството во ’99, како инцидент во период од небаре две децении, од СП во Хрватска 2009 до претстојното, исто така, во Хрватска (и Вараждин), македонскиот машки национален тим има страшен низ на учества на Светските првенства, во голема мера со пласман во втората рунда и конечен пласман според рејтингот и можностите. Во воведната колумна, како нотирање на една убава коинциденција, споменав дека сето ова како едно Déjà Vu, се врти во главата на многу Македонци кои од трибина или пред телевизор ја бодреа македонската ракометна репрезентација, таа 2009-та, до тоа 11-то место, кое, во услови на тешки фрустрации и комплекси од повеќегодишна апстиненција и неколку неуспешни обиди во бараж дуели со селекции од прв шешир, имаше тежина на освојување одличје. Многу работи коинцидираат со таа 2009-та, но и доста работи се различни. На оваа СП, Македонија, иако веќе комплетно „исчистена“ од играчи кои тогаш, во Вараждин, Задар и Загреб, имаа поголема или помала улога, и составена од доминантно играчи кои сеуште не го достигнале својот зенит, сепак е селекција која има одличен континуитет на настапи, составена е од играчи кои измината полусезона играа во Европа, играчи кои комплетно доаѓаат од три домашни клубови.
МОМЦИТЕ КОИ СЕ СЕЛЕКТИРАНИ ЌЕ ГИНАТ ЗА ДРЖАВАТА
Токму затоа, одговорот на моето прашање, поставено погоре, како парафраза или како сублимат на прашањата на многуте Македонци, е дека никому нема да му биде лесно против оваа Македонија. Затоа што, според мене, момците кои се селектирани ќе „гинат“, и за себе но и за државата, оваа Македонија е сериозно уиграна, има одлична транзиција, „јунаци“ за делот во зоната, голмани кои одлично се надополнуваат, играчи кои сеуште не постигнале цена и не се етаблирале во светот на ракометот и тактички (барем од она што го видовме со Хрватска) е добро поставена. Секако дека има и свој лимит, но важно е дека оваа Македонија, има и глава и опаш!
Добредојдовте на мојата колумна „Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски“ за настапот на македонскиот национален тим на СП во Хрватска, со назнака на првиот дуел со, на хартија, големиот фаворит Унгарија.
Македонскиот национален тим е дел од „Д“ групата, заедно со селекциите на Унгарија, Холандија и единствениот дебитант на ова СП, африканска Гвинеја. Група, која не е ништо полесна, но и потешка од останатите со изземање на групата „А“ која е можеби таа т.н група на смртта. Во ситуација кога јавноста е малку збунета, затоа што раководството на матичната федерација „бара“ три победи (во двете фази се разбира!), а селекторот „смирува“ и не става во ситуација да сме под прашалник за втора рунда, треба да се биде реален и да се остават Унгарија и Холандија да уживаат во улогата на фаворити. Мојот личен став го кажав погоре, иако секако шансите во првите два дуели, како процент на веројатност, налегнуваат на страна на противникот. Накратко, ниту Унгарија, ниту Холандија можат да сметаат на сигурни бодови со нас, а ниту ние, доколку не сме на ниво може да сметаме на успех, против било која селекција на ова СП, па таа се викала Гвинеја и првпат е на еден мундијал.
Но, да одиме со ред!

📸 IHF / Facebook
УНГАРИЈА Е ФАВОРИТ, НО НЕ Е НЕДОПИРЛИВА
Унгарија, земјата која долги години наназад инвестира огромни средства во спортот, кој како ретко каде е пред неговото величество фудбалот, земјата која долги години очекува одличје со машкиот национален тим или титула со еден од двата високобуџетни клубови, која има огромна база на фанови, „жедни и гладни“ за успех е нашиот прв противник на претстојното СП. Предводена од Чема Родригес, како еден од многуте селектори на ова СП, кои доаѓаат до Шпанија, со систем добро познат на ракометната фела, селектор кој (треба да) ги „заузда“ унгарските бекови со далекуметен дострел, (да) донесе повеќе дисциплина и одговорност, но и самодоверба за (нај)високи дострели. Унгарија е екипа на играчи со габарит на кој можат да му позавидат и селекции од т.н прв ешалон, со веројатно, најдоминантен играч на линијата од 6 метри, одлични млади играчи кои дојдоа до подиум изминатите две години во јуниорски категории, цврста одбрана, супер искусни Лекаи, Миклер, Бодо и Банхиди….НО, и селекција која, во одредени фази, е релативно спора и инертна, која знае да биде „опструирана“ од голман, која има проблем со организација на напад и нестрпливост да се решава истиот во прва фаза, селекција која прави падни-стани на големите настани, која во последните години нема победено селекција од првите 4-5 и не е недопирлива, како на пример Франција и Данска.
Како против таков противник, во ситуација кога килограмите и сантиметрите не се на наша страна?
ЕФИКАСНИ КРИЛА, ИГРА 1 НА 1 И УПОТРЕБЛИВИ ТОПКИ ЗА ПИВОТИ ПРИ ФОРМАЦИЈА 7-6
Нема да се измисли топла вода ако се каже дека Македонија на поставен напад, доколку не одигра максимално дисциплинирано, не успее да пробие 1 на 1, и не ја отвори зоната со погодоци од полу-дистанца, ќе има доста проблеми да ја „разбие“ 6-0 зоната на Унгарија со Лигетвари, Бодо и Шипош. Очекуваме трпеливост од наша страна и игра еден на еден, после изолација на една страна, пред се Митев и Павле Атанасиевиќ, очекуваме да го „заобиколи“ жолтата минута на Кузмановски и да чека да се создаде шанса за него како единствен кој може од 9 метри да погоди, да ја „отворат“ зоната Костески и Петар Атанасиевиќ, да „испратат“ Серафимов и Велковски како играчи кои се технички одлично подготвени и на крај во таа 7-6 формација, која на секвенци ја користи Лазаров, Лазаревски и Пешевски, како едни од ретките кои можат физички да се носат со Унгарскиот бедем, да добијат и реализираат дузина употребливи топки. Звучи како да треба многу работи да се поклопат. И така е, ако сакаме да добиеме селекција од ранг на Унгарија, која долги години не фрустрираше во бараж дуели за големи смотри.

📸 РФМ / Facebook
КАКО ПРОТИВ БАНХИДИ, СО 5-1 ИЛИ АГРЕСИВНА 6-0?
Од друга страна, нашата зона, како клучен сегмент од играта, кој треба да биде на супер високо ниво, ако сакаме егал натпревар и можност за изненадување, треба да одигра против бекови како Жита и Бодо, кои „пукаат“ од 10 или 11 метри, одлични средни играчи како Лекаи и младиот Фазекаш и двајца супер доминантни пивоти, во името на Рошта и особено Бенце Банхиди. Реално, многу тешка задача за Лазаров, да постави зона, која нема да биде плитка за да дозволи добар залет и „решетење“ од страна на високите бекови, но и нема да биде премногу длабока, како би оставиле простор за Лекаи и особено Фазекаш да продираат низ истата, носејќи се во ситуација Банхиди да биде оставен на „црта“ со само еден играч. Одбраната е сегмент каде Лазаров треба да го изненади својот некогашен соиграч и пријател, селекторот на Унгарија, Родригес, со евентуална 5-1 зона, со Петар Атанасиевиќ како преден играч. Зона која сме свесни дека ќе остави повеќе простор на линија од 6 метри, но ќе донесе длабочина, агресивност, можност за повеќе принудни технички грешки на противникот; или зона 6-0 со агресивна „двојка“ кај Велковски или Серфимов, како поверојатна опција. Лазаров, доколку можеме да забележиме, требаше да го има во Хрватска Аларов, како супер партнер на Лазаревски на позициите 3 и 4, во ситуација кога сеуште бара играч кој ќе може да му ги покрие централните позиции. Стојковиќ, како супер потенцијал, треба сеуште да „расте“, Карасманакис , кој добива повеќе доверба од селекторот, со Хрватска покажа дека ќе треба да почекаме за да може да сметаме сериозно на него, а Маркоски не ни даде за право да веруваме дека ќе може да одговори на предизвикот. Во оваа ситуација, сепак Маркоски и Лазаревски се првата опција, против релативно спората Унгарија.
ЗОНАТА И ГОЛМАНИТЕ ЌЕ НИ ДАДАТ МОЖНОСТ ДА МУ „ТРЧАМЕ ВО ГРБ“ НА ПРОТИВНИКОТ
Спомнавме дека одбраната е клучен сегмент, надополнета со супер искусниот Митревски на голот, надополнет со двоецот од Алкалоид, Кизиќ и Галевски. Клучен затоа што од нејзината успешност ќе зависи колку и во која мера ќе имаме шанса да ја користиме транзицијата, како главно оружје, да им „трчаме во грб“ на Бодо, Анчин, Жита, да не дозволиме измена на Банхиди, да има директни „контри“ за близнакот и Костески, да му дадеме на Фитиљ да ја одигра својата индивидуална полуконтра на врвно ниво…да постигнеме 7,8 или 10 погодоци од таа транзиција, како би сметале на бројка од 30 погодоци, доволна за бод или два.
Толку засега.
Ќе видиме вечерва на терен, колку е реално да се надеваме на успех против Унгарија.
Јас сум оптимист и верувам дека ќе одиграме добар натпревар.
Дали ќе биде доволно, ќе видиме.
Напред Македонија!

Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете