Пелистер одбројува, Вардар се надева, Охрид прославува, а „луѓето во црно“ ги „одредија“ учесниците на завршните турнири

Познати се учесниците завршните турнири во ЛЕ и ЛШ, овозможувајќи ни одлични натпревари, големи пресврти и неизвесни завршници. Во ЛШ, од фазата Келн не е тоа што треба да биде без германска екипа, премина во фазата на два претставника во имињата на актуелниот шампион Магдебург и „(нај)големиот“ Кил. Покрај нив во Келн ќе ги видиме „вечната“ Барселона и тимот кој ја продолжи агонијата на супер богатиот Веспрем, Алборг. Ќе биде тоа судир на различни концепти, каде на една страна е супер досадниот Магдебург со дузина, релативно ниски играчи и многу дуел игра, а на другата, артилерија на Барса со далекосежен домет и особено шутерски потентниот Кил. Минатата година како победници излегоа „седумте џуџиња“ на Вигерт, во финален дуел со „Волкот“ и тимот со слична концепција, Киелце, предводен од големиот Дијшебаев на клупата и во поле. За оваа ќе почекаме до почетокот на јуни..

А во Јуни, во Келн, нема да го видиме „големиот“ Никола, затоа што неговата Барса без милост го елиминираше „бездушниот“ ПСЖ, како веќе евидентирана патолошка појава на клубот на супер богати шеици и екс супер ѕвезди на францускиот национален тим. Само како потврда дека тоа што некој бил (нај)голем играч и освои безброј одличја на големи смотри, не значи дека знае да менаџира, има визија и силна волја, каква што имал кога како играч се пробивал(е) кон светските ракометни висини.

Фото: РК Еурофарм Пелистер

Од друга во домашното првенство познато е кој е минимум втор, кој ќе биде трет, а кој како последен патник ќе ја претставува ракометна Македонија во Европа. Шампионот почна да одбројува и е на -2 натпревари до одбрана на титулата, ставајќи ја првата или втората лопата во темелите на „зелената ера“. „Двократниот“, се чини на позиција на ниво на моменталната состојба, како клуб кој единствен годинава им откина бод(ови) на Пелистер, ќе чека „сините“ од Автокоманда да направат изненадување во Битола, надевајќи се на титула, во ситуација кога зависи од други. Алкалоид, впечатливо ја подигна играта, го одмори ростерот, ги смири нервите и изгледа многу поконкретно од пред месец-два. Охрид е нов играч во „елитното“ друштво кое ќе игра во Европа, со сериозна задача да направи нешто повеќе од да се прошета до Порто или Скандинавија. Охриѓани и понатаму собираат фонд на македонски ракометари, во исчекување на оние кои ќе го „водат орото“, во походот кон врвот на мак ракометот и Европа. За таа намена, туристичкиот бисер, според најавите ќе обезбеди буџет од 7 цифри, во странска валута. Доколку е така, тоа е вест за огромна почит и на радост на сите искрени фанови на ракометот. Само Охриѓани да ја сфатеТ потребата од поддршка на клубот, без барање „влакно во јајцето“, з’ш никој не е безгрешен, а ваков ентузијазам немаТ ни на филмојНе.  

Фото: ГРК Охрид

Неделава, навистина изобилуваше со многу натпревари, потсетувајќи не уште еднаш дека ракометот, оној европскиот, сеуште е заглавен во некои други времиња, упорно пркосејќи и на модерната технологија (читај регуларност), љубоморно држејќи се до „поштењето“ на „луѓето во црно“.  Досадна приказна, раскажана многупати до сега, со очекуван ефект.

Сега малку за тоа што го видовме во „Јане“, на натпреварот кој требаше да биде дерби, на кое требаше да го видиме дел од најдоброто од Македонија, натпревар на кој требаше да „пршти“. За жал, дали поради атмосферата во сала, дали поради пристојниот празник, во духот на христијанската вера, Вардар и Алкалоид одиграа, што би рекол еден мој пријател „матен натпревар“, а јас би рекол рамнодушен, во кој, освен поединци, со своите испади, се останато беше доста фино и без „таласање“.  Се чини дека Вардар не верува дека ќе дочека кикс на Пелистер, а Алкалоид, после изненадувањето минатата година, каде што го остави „двократниот“ да гледа во грб, нема некоја силна мотивација да го повтори успехот.

Што се однесува до деталите од натпреварот. Двете екипи со стандардни состави, со веќе профилирани одбранбени зони и очекувани перјаници во составите. Марко Митев, овој пат осамен, без поддршка од соиграчите во поле и на гол, со повремени знаци за живот од одредени играчи, како Џонов, кој наместо напред, вози во рикверц во однос на неговиот пристап, не можеше повеќе од ова. Погодуваше од место, од скок шут, поминуваше на две страни, проигруваше, создаваше седмерци. Не му беше лесно, имајќи предвид кој има пред себе, во името на Михаил Аларов и особено Милан „Мечка“ Лазаревски. Доста беше за „Атомската мравка“ од Аеродром, да не го „заречеме“. Во овој дел од играта на Алкалоид, убаво беше да се види дека Димовски повторно имаше фина реализација, а Симоноски, во склоп на околности доби можност да потсети дека „има нешто во малиот“. Во едно друго време, Петров, како најквалитетен напаѓач на линијата од седум метри, ќе имаше полна минутажа и ќе се „крстевме“ во него, олеснувајќи им ја работата на бековите, но ова е некој нов ракомет, брз, со минимум измени, измени(а) резервирани(а) за играчи кои се додадена вредност во нападот. Во ситуацијава, кога Митев е Алфа и Омега, нема простор на долги патеки да се менува втор играч во нападот. Токму затоа, на штета на Петров и Симоноски но и на штета на „убоитоста“ на нападот на „сините“, предност во нападот (ќе) имаат Стојковиќ и Карасманакис. Кога сме кај нападот на тимот на селекторот, добар процент на погодоци доаѓаат од линијата за седум метри, а таму Алкалоид, па и Македонија доби вонсериски реализатор, во супер младиот (или малиот) Дамјан Митев, играч со одлична полуга, интелигенција и дрскост.

На другата страна на теренот, „сините“ во одбраната одиграа и повеќе од солидно, особено додека Стојковиќ беше во игра, и Трајковски даваше каква-таква поддршка „од позади“. Лазаров, како што спомнавме и претходно, се реши да ја спушти високата 6-0 и да го ограничи движењето и влијанието на Лазаревски, „удвојувајќи“ го и оставајќи повеќе простор за останатите. На моменти тоа го користеше „Бели јуниор“, кој делува сеуште недолечен и неподготвен, но со убава перспектива. Имајќи предвид густината, одбраната на Алкалоид ја покриваше секоја грешка на поединецот во однос на Јашухира, и го принуди него и останатите играчи да решаваат „од надвор“. Селекторот, имајќи предвид дека голманите синоќа му беа „лоши“ треба и мора да биде задоволен од ефектот на одбраната.

Вардар, покрај „Самурајот“ кој играше еден просечен натпревар, имајќи предвид високото ниво на квалитет на кој не навикна, во составот на црвено-црните има индивидуален квалитет во уште неколку поединци. Пред се Томовски, кој синоќа имаше релативно бледа партија, Лазаревски, кој синоќа беше убаво „затворен“ со плитка зона, Николиќ кој го има ракометот во малиот прст, но не е секогаш подготвен „да јаде ќотек“, Јагуриновски, мојот омилен „зналец“ кој делува физички неподготвен да игра на високо ниво, но и четворица играчи на крилните позиции. Да бидеме коректни и да ја евидентираме играта на Михаил Аларов, како супер партнер на Мечка во зоната на Вардар, како препорака за селекторот, кој „во преводот“ го изгуби претходниот „специјалец за одбрана“. Тоа е своевиден капитал и убава стартна позиција за „новиот Вардар“, кој после 8 Мај ќе ги прави и клучните чекори кон враќање на старата слава.

Зоната на Вардар, во еден дел непробојна но и (пре)агресивна, што резултираше со две исклучувања на супер важниот Лазаревски уште во првиот дел, во еден дел пасивна (Јагуриновски), но и порозна (кај Петриќ и Николиќ). Насочена да удвојува кај Митев, да не дозволи шут без барем минимален контакт на тело или рака, функционираше коректно додека Мело не го замени „проблематичниот“ Мечка, а Џукиќ влезе место „издишаниот“ Јагуриновски, формирајќи ретко видена порозна и неквалитетна одбранбена формација со Џукиќ и Николиќ на позиции два и пет и Мело на позиција три. Свесно составена од страна на Недановски, чувајќи го Лазаревски „во игра“ на клупата, како не би добил трето исклучување, се до самиот финиш на мечот, кога по влегувањето во игра на асистенција Јашухира, го одлучи победникот на натпреварот.

Фото: РК Вардар

Двете исклучувања и лишување од неговите услуги, треба да бидат лекција за дисциплина во играта и присебност во делот на одбраната за популарниот Мечка, кој заедно со Фитиљ е најкорисниот македонски ракометар во домашното првенство.

Националниот тим пред голем предизвик за продолжување на практиката на учество на големите смотри. Фарски острови со Елефсен и Митун се (не)премостлива пречка?

На сите православни Македонци им го честитам најголемиот христијански празник, Велигден.

Христос Воскресна – Вистина Воскресна!

Се гледаме во сала!

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...