Меч за гурмани, што би рекол Витомир Долински во доцните осумдесетти години од минатиот век, известувајќи во тоа време за (не)успесите на Караорман или ракометниот клуб Струга, како дописник на националниот сервис. Така некако би изгледал насловот за натпреварот синоќа во Автокоманда.
Без Фитиљ и екс титуларот од Келн во дресот на „двократниот“, Пелистер, успешно ја помина генералната проба, пред „саботната треска” за титула во „Јане”, каде што само триумф е опција, за продолжување на “зелената ера”.
Со оскуден избор во одбранбената линија, и Борзаш и Цехте (во одредени периоди) на централни позиции, “крпејќи” ја зоната, Мистер Раул со рецептот на Бранче, од минатата сезона, во стилот baby come down, го “заузда” растрчаниот домаќин, го спушти на под 25 погодоци и неочекувано високо го порази среде Скопје. Премалку располжени играчи имаше Лазаров во составот, на двата дела од теренот.
Но, кого го интересира тактика, кога има таков театар во сала.
Веројатно поттикнат од отсуството на првите виолини (во два правци) во редовите на противничката екипа, домашниот тренер, гледајќи голема шанса за триумф што носи надеж за освојување на втората позиција на табелата (во конечниот пласман), ги зголеми и апетитите и притисокот врз своите играчи. Но, тие не беа агресивни на теренот како што сме навикнати да ги гледаме. Домаќинот не беше на нивото на кое не’ има навикнато. Крајниот резултат: нервоза, обвинувања кон судиите, навреди кон делегатот и поттикнување на публиката да го следи во агресивни и недолични испади.
Многу веројатно, осмислено сценарио за конфликт, кој би донесол пресврт во играта со “будење” на играчите, притисок кон судиите и конечно, вртење на резултатот во своја корист. Легитимно оружје, користено и претходно и видено во многу арени и спортски сали.
Но и неуспешно во случајов, иако за момент се доби впечаток дека рецептотот е погоден.
Го заслужи црвениот картон, прв како тренер.
Впечаток е дека судиската двојка „одигра“ машки. Судиска двојка, која, патем, не е „најдена на улица“ и оваа сезона “свиреше” 5-6 натпревари во елитната ЛШ. Без да го правдаме некого, и таа има на своја душа, две или три одлуки, но во никој случај до таа мера да испровоцира агресија на најголемиот спортист што го имала Македонија.

📸: РК Еурофарм Пелистер
Брестовац 2.0 – новата ера започна!
Во целиот овој дерби-вртлог, свое светло место си најде Давид Брестовац – млад, подобрен и зрел за своите дваесет години. Смирен, самоуверен и фокусиран, тој ја имаше својата прва посериозна улога и минутажа во вистинско супер дерби. Не само што не потфрли – напротив, покажа дека иднината е тука и дека има што да понуди на (нај)големата сцена.
Честитки, Давид! Продолжи по овој пат.
🎥 ДЕЦАТА ИГРААТ, СРЦАТА ДОНИРААТ – ЗА ДНК!
Да резимираме.
Клубот кој галопира кон врвот на македонскиот ракомет – и сè поуверено чекори кон европскиот крем – не смеe да дозволи неколку поединци од трибините да бидат „гласот“ на атмосферата. Особено не кога тие урлаат и се изживуваат покрај аут линијата, давајќи (лош) пример за тоа како не треба.
Клубот што сме го пофалиле безброј пати за организацијата, пристапот и професионалноста, треба да биде светол пример. А тоа значи и културна трибина – особено за децата, кои допрва ќе градат вредности преку вакви настани. Тие не треба да учат од урлачи, туку од принципи. Не смеат тие ликови да станат лице на клубот. А уште помалку на брендот кој стои зад сето ова – бренд што вложува пари, визија и доверба во еден поинаков, покултурен спортски проект.
Во духот на ексцентричната интерпретација на паролата „целта ги оправдува средствата“, добивме уште една „масажа на умот“ од дечкото задолжен за атмосфера во салата. Со музика која треба да го крене адреналинот, а завршува како гњаважа, се трудеше по секоја цена да ни го направи „филмот“ поубав. Но, наместо тоа, како и неколку пати претходно, сведочевме на изживување – покажување мускули пред публиката, според логиката „кој е поверен на клубот и брендот“.
Тотално непотребно шоу – особено за клуб кој, барем на хартија, е организиран и финансиран како по книга. Клуб со сите предуслови да стане фамилијарен спортски бренд, препознатлив по својот инклузивен дух и културен пристап. Алкалоид има шанса да се естрахира од клишеата на спортската сцена, каде што често доминираат фудбалски фан-шаблони, со поделби, знамиња и антагонизам по секоја цена. Овој клуб можеше – и сè уште може – да ги привлече неутралните: оние што не водат битки за тоа дали баклавата е турска или грчка, туку сакаат мирно да гледаат квалитетен спорт. Да мислат со своја глава. И, за разлика од многу други – да платат карта за да бидат дел од настанот.
Натаму треба да „вози“ македонски Алкалоид, кој убеден сум дека нема да го толерира девијантното однесување на одредени ликови во средата.

Фотографија на годината, на која и „должев“ објава
А каде, спортски се движи Алкалоид, се потврди со вчерашната, очекувана и правилна, одлука на ЕХФ, титулата да „слета“ во Автокоманада. Титула со евроспски шмек, која требаше да добие многу поголем публикум, но јужните соседи, не дозвлувајќи да бидат декор на триумфалната забава на Македонците, малку латентно, не излегоа на терен. И тие се сигурно задоволни со ваков расплет, после тешкиот (спортски и секаков друг) пораз среде Атина.
Како и да е, ракометот, преку Алкалоид, го донесе европскиот трофеј дома. Победа што оди подалеку од теренот – во меѓусебните дуели меѓу Македонија и Грција, каде историјата ретко била на наша страна, овојпат видовме триумф и јасна доминација.
Тоа не беше само спортски успех, туку редок момент на превласт што ретко го гледаме во кој било друг сегмент од нашето битисување. Ракометот покажа дека кога се работи темелно, професионално и со јасна визија – резултатите не изостануваат.
Алал вера!
п.с. Утре, во „Јане“ како ретко кога претходно, во еден натпревар е собрана цела сезона, во 60 минути ќе се одлучува кој е „поковник, а кој покојник“ во мак ракометот. Така ти е тоа на овој наш Балкан, можеби успех не се простува, ама и второто место е за осуда и за ќотек. Особено, кога се работи за „вечните“ ривали или „душмани“. Тогаш, среќата, но и тагата се множи со 100.
Се гледаме во распроаден „Јане“, утре во 19.30 часот.

Автор: Goran Gjorgonoski
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете