Вчера, точно на пладне, македонскиот национален тим за ракометари до 20 години, со големи очекувања, после убавиот настап на СП во Хрватска минатата година, го стартуваше првенството во Словенија. Очекувано, барем за мене, со победа над селекцијата на Црна Гора, имајќи предвид настапите на оваа потценета група ракометари изминатите години. Иако е непримерно да правиме споредба со претходната генерација ракометари родени 2002ра година, во однос на талентот и очекувањата, предводени од двоецот мак легенди на клупата Стојановиќ/ Ангеловски оваа група ракометари и вчера покажа сериозна стабилност, конкретност и тактички перфектна игра. Со назнака на заедништвото и кохезијата која ја демонстрираат веќе подолго време. Тоа е најголемиот квалитет кој го донесе двоецот на клупата.
Со најсилното оружје во одбраната, агресивна зона и стабилност на голот, Македонија уште од стартот одигра партија на “мачка и глушец”, поставувајќи игра што не дозволуваше проток на топка, носејќи го противникот да решава еден на еден без добар залет, поставувајќи “замка” која ни донесе доста “топки во раце” и лесни голови. Статистички голманите можеби не беа за “вау” но одбранија кога требаше и одлично се надополнуваа како “лонче и капаче”.
Транзицијата, имајќи предвид антропологијата и техничката подготовка на нашите бекови, очекувано, беше на високо ниво и во многу придонесе за брзото резултатско “одлепување” во однос на противникот.
Нападот, со огромна ротација на буквално сите позиции, хируршки прецизно поставен во однос на противникот, предводен првенствено од “малиот генерал” од Струга и горостасите на линијата од 6 метри, одлично ја заврши работата. Подоцна, како на летната се менуваа играчите кои дадоа свој придонес во истиот, оставајќи не само да си претпоставуваме што би било на СП во Хрватска минатата година, доколку го имавме “малиот” Узунчев во ростерот. Истиот тој, вчера одигра “докторски” и донесе дополнителен “уплав” и кармакаша во главата кај секој наш следен противник. А наш следен противник е “ранетиот лав” во улога на прв фаворит во групата, “големата” Хрватска. Австрија и зема мерка, и сега ја стави во ситуација да мора, а во таква ситуација секој противник е опасен. Ќе видиме колку е добро или лошо она што им се случи вчера на “коцкастите”?
Како резиме од вчерашниот ден: генералот од Струга и “Цар Самоил” сериозно се наметнуваат како опција за “првата битолска бригада” и не смее да бидат надвор од суперлигата, Галец, Митев и Карасманакис се веќе во тимот кој ќе атакува на титулата следната година, Давид се етаблира(ше) во Германија, а и останатите наши ракометари ќе бидат важни алки во своите тимови во најквалитетното ракометно натпреварување во Македонија.
Овој стручен штаб со поддршката која ја има полека формира нови сениорски репрезентативци
Среќно денес момци!
#ЧитајРакомет #ЗаМакедонЦкиотРакомет #МакРакомет #Ракомет