Враќање во реалноста и ПР „гимнастики“ како најава на убав ракометен викенд

„Големите македонски спортски брендови го обелија образот во ракометна Европа“…

…..

Се истрчав малку пред некој ден, како прле пред магаре, после краткиот ракометен блесок на двата ракометни брендови во Европа и уште пократкото враќање во реалноста, каде едните си продолжија по старо, а оние другите уште еднаш „им покажаа“ на своите следбеници дека овој Вардар 1961 е далеку од тој Вардар на Русот. Спортот бара константоност, стабилност и планирање.

Ама бара и трпение.

А јас, уште на првата „победа“ на Битолчани годинава, и повеќе или помалку очекувано, освојување на првите бодови на Вардарци на стартот на ЛЕ, повеќе задоволен од учинокот на Македонците во нашите претставници, отколку од резултатите, повеќе како пуста желба отколку како сурова реалност, побрзав да ја задоволам потребата од возвишување на се што е Македонско. Тоа е таа фрустарација, на човек кој живее во држава во која како државотворен народ секојдневно е понижуван, оспоруван и на кој некој трет му ја „крои капата“.

Човечки да се погреши, ама и да се признае грешката 😊

А сега за тоа што го видовме. Во Плоцк и во Мелсунген.

Ќе почнеме од тазе поразот на Пелистер во Полска. За мене лично, очекуван. Како игра Висла годинава, во домашно првенство, а и во ЛШ (без разлика што до вчера беше на 0 бодови), тешко веројатно беше овој Пелистер да ја „добие“ среде Плоск. Тешко веројатно дека овој Пелистер и дека воопшто ќе проигра, така како што очекуваат Чкембарите, па и широката ракометна јавност. Досадни сме си веќе самите на себе, и ние што пишеме „рефереати“ веќе неколку години со ред, и оние (нај)издржливи на Фб со коментари после секој нов пораз или лош настап. А богами, жилави се покажаа Битолчани во таа смисла, имајќи предвид дека и после две години, на ФБ во коментари, сеуште се прават анализи околу погрешно поставената тактика по натпреварот или се води кадрова политика. Сум спомнал и претходно, читајќи ги нив, во секој коментар гледам дека има грам вистина, килограм сарказам и еден тон љубов за „светото име“ на Битолскиот спорт.

Што се однесува до самиот натпревар, во кратки црти, ни потврди неколку, веќе одамна, истаканти ставови дека тимот, и покрај засилувањето во името на екс титуларот од Вардар и супер талентот од Хрватска, никако неможе да состави зона која е посакувана и конкурентна. Особено на позициите пет и шест, каде стручниот штаб „го гори“ Фитиљот, како играч кој е носител на нападот или бара решение во Борзаш, за кој и врапчињата знаат дека е „статистичар“ и го интересира бројката во записникот до неговото презиме. Пелистер е уникатен пример на екипа која игра сериозен ракомет, а нема алтернативна зона. Во делот во одбраната ќе завршам со пристапот и борбената готовност на екипата, за која нема потреба од коментар.

Што да се каже за нападот.

„Bez Tajnik tolku e silata“  – ако ги чита човек Чкембари на фејсбук 😊

Но..

Што се случува со десните бекови на Пелистер?

Што се случува со Пешевски?

Колку чинат крилните играчи (барем оние кои играа во Плоск) и кој е нивниот учинок?

Првите анемични, без идејни, изгубени во простор и во време.Во два правци. Нашиот Жаре, како „тотален“ ракометар кои игра во еден правец, тешко доаѓа до ситуација да прими топка, а и кога е во таква ситуација има слаба реализација. Двајца супер искусни и скапо платени (екс) репрезетантивци на своите земји и интернаципналци во најсилните лиги во светот, не се додадена вредност на екипата. Точка.

Овој Пелистер, или Еурофарм Пелистер, кој, како што стои на нивната официјална Веб страна „Битола го доби“ во 2019 годнина, а на истата таа Веб страна информира дека тој истиот осовјувал титули во текот на деведесетите години од минатиот миленимум, звучи како илузија во стилот на Худини, има сериозно лош скаутинг и состави исклучително нехомогена, истрошена, немотвирана и на крајот на краиштата не квалитетна екипа. За амбициите и буџетот кој (треба да) се потроши.

Самоил Ристески го продолжи договорот со клубот до 2028 година, како прекрасна вест за ракометна Битола, вест објавена на официјалната ФБ страна на Клубот, цитирам: „потврди дека местото му е во нашиот проект и во иднина. Затоа клубот го препозна неговиот талент, напредок и проекција…“.  

11.07.2024 г. Читај ракомет со Горан Ѓоргонсоки. Колумна за настапот на младинците на СП во Хрватска. Цитат: „Како резиме од вчерашниот ден: генералот од Струга и “Цар Самоил” сериозно се наметнуваат како опција за “првата битолска бригада” и не смее да бидат надвор од суперлигата и ЛШ…“.

Затворен цитат.

Вардар е друга приказна. Сеуште е во игра, има кредит кој полека се троши и оставаме времето да даде одговор на некои прашања. Поразот во Германија е очекуван, но начинот на кој се дојде до поразот, барем за мене беше изнендување.

Мелтсунген е екипа која е проектирана да го нападне врвот на Бундеслигата и својствено на тоа да се вброи во првите 7-8 екипи на Стариот континент. Да загубиш не е срамота, но да не знаеш “каде удираш”, на крајот на краиштата па не е ни својствено за “двократниот”.

Бутин со тројца “трошајлии” на топки во стартната постава, на кои и три топки не им се доволни, тешко може да спроведе што и да замислил, особено што дел од нив очигледно беа дојдени да направат материјали за CV, а не да одиграат за клубот кој го претставуваат. Против вака силен противник јас не би играл со тешка артилерија, барем не на СИТЕ три позиции.

Со напад каде не видовме тактичка поставеност кој има некаква цел, да нападне каде е најтенко (ако има таков сегмент од зоната на Германците, кои делуваа застрашувачко силни и доминантни), нападот многу брзо доаѓаше во фаза да решава индивидуално, а тогаш исходот е предвидлив и неповолен.

Бескрајните вкрстувања, на средината на зоната, без изолација и без играчи (во стартна постава) кои можат да решаваат еден на еден, без пивоти кои можат да отсечат зона,  го донесоа Вардар да решава “од надвор”,  со принудени (и на неуспех осудени) шутеви и можност противникот да реализира транзиција и лесни голови. После 6:1 и 8:3 веќе влегува “вода во уши”, нервозата расте, самодовербата се губи и во таква ситуација со екипи како Мелтсунген е скоро неверојатно да се извлечеш. Особено кога зоната ти почнува атипично, со тотален напаѓач (ала Борзаш) на позиција пет и слаба поддршка од голман. Останатото е мачење, за тие што гледаа(т), а како ли им е на тие на терен кои што едвај чекаа(т) да заврши натпреварот.

Вардар мора да гледа напред, мора да знае која е поставата која почнува и која носи “успех”. Експерименти во вакво натпреварување не се дозволени. Валур направи услуга, сега Вардар е на потег да покаже дека она во вторникот било само лош ден. А такви има секој спортист, клуб, селекција…

Утре уште два наши клубови од врвот на Мак ракометот ќе излезат на терен. Охрид има незгоден противник од Романија и сериозно исчекори организациски за таа цел, додека Алкалоид е ставен во улога на фаворит против Литванските „змејови“ и отчита лекција за организација и директен пренос на прес-конференција пред натпревар во Европа. „Стариот“ од Охрид ги храбри своите и ги „билда“ со самодоверба после поразот во Битола, со изјава дека секој треба да се плаши од Охриѓани, а Кралот во стилот, целта ги оправдува средствата, наместо како минатата година во „Јане“ ќе ја води екипата во салата во Автокоманда, каде притисокот ќе биде многу (по)голем и ќе се обиде да го реши двобојот уште на првиот дуел. Но, за јавност, „ќе биде задоволен со било каква победа“.

Нормални ПР „гимнастики“ и стратегии, како најава на убав ракометен викенд.

Среќно и на двете екипи.

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...