Македонскиот клупски ракомет имаше супер најава на претстојната сезона синоќа во Гевгелија и покажа дека е највитален на овие простори, нудејќи неизвесност и солиден квалитет, солиден број на екипи во борба за трофеите, но и за излез во Европа. Во натпревар на шампионот на државата и освојувачот на Купот на Македонија, како предвесник на претстојната ракометна сезона, македонскиот учесник во ЛШ „изеде жесток шамар“ од синоќа суперсоничниот Алкалоид и како и на стартот на минатата сезона, остана со празни раце и полна торба проблеми, пред драматично напорниот распоред на натпревари на повеќе фронта.

Физички високо спремен и тркачки одлично подготвениот Алкалоид, давајќи му многу поголемо значење на синоќешниот натпревар, темпираше форма и внимателно бираше противници, се дозираше, за подготвен да влезе во борба за првиот трофеј сезонава. Од друга страна, гледајќи го патешествието на Пелистерци последните 20-тина дена, бројот на натпревари и поминати километри, се доби впечаток дека битолчани не се „набријани“ доволно за дуелот на југот на Македонија. Со променлив ритам, падни стани натпревари и резултати, од Струга, преку Турција и Добој, заморени физички и психички, можеби и малку потценувачки „слетаа“ во Гевгелија, на мегдан со противник кој лани им „украде“ еден трофеј и противник кој апсолутно заслуж(ува)и огромен респект.
Сепак, стартот на натпреварот покажа дека и тоа како им е важно на Пелистерци да го добијат натпреварот и да го освојат трофејот од Суперкупот. Тензија, нервоза, меѓусебни обвинувања и реакции уште на стартот на натпреварот беа воочливи во тимот на Ангеловски, како резултат на водството на противникот, создадено по препознатливиот рецепт на Лазаров, како школа на „Маго ди Умаго“: гранитна зона, голман кој собира отпадоци и фрустрира противник, (пре)многу голови од транзиција и концизен, трпелив и дисциплиниран напад. Да се разбереме, не беше Алкалоид единствениот „кривец“ за случувањата на теренот и резултатската предност, иако, како што велат, ќе играш колку ќе ти дозволи противникот.
А Алкалоид не му дозволи на противникот да „земе здив“, го „трчаше“ постојано, го притискаше во зоната, насочувајќи го на средина каде што ги има „големите“ момци и го принуди шампионот на (пре)многу технички грешки.
Стерилниот напад, со рековалесцентот Тајник, препотентниот Кузмановски и повратникот Хусни не играше ништо од она што „го нацртал“ Бранче, без употребливи топки за предната линија, „туркајќи“ на индивидуален (не)квалитет се обидуваше да ја „пробие“ 6-0 зоната со Стојковиќ и изненадувањето Маркоски на централните позиции. Комплетно неконкурентен во игра еден-на-еден, без добар залет (кој го оневозможија високо поставените Велкосвски, Серафимов и Бинго), Алкалоид ги принудуваше противничките бекови со водење топка, од место да решаваат со неизграден шут или дуел игра, каде небаре во ниедна ситуација не излезе како победник. Со исфорсирани шутеви од страна на Хосни и особено Фитиљ, битолчани играа по ќеиф на Лазаров, носејќи го натпреварот на терен каде Алкалоид царува. Транзиција. Никола Костески и Арно Бинго, Георгиев, Митев и Серафимов од втор план како на филмска лента се менуваа во улога на егзекутори, а резултатот почна сериозно да оди во прилог на скопјани. Тимот не ја слушаше „свирката“ на Бранче, која требаше да значи „крени рачна“. Напротив, тие како „волови у купус“ одеа од грешка во грешка, во „јурнава“, од која само Алкалоид може да излезе како победник. И така бидна.
На другата страна на теренот, во сегментот во кој и оваа година Пелистер ќе има огромни проблеми, а тоа се позициите 4 и 5 на одбранбената 6-0 (а без некаква алтернатива за промена во 5-1), за првпат во дрес со атипчна боја (или бои) се појави новата супер аквизиција, титуларот од некои други времиња и некој друг клуб, во улога на командант на одбраната на битолчани, во малку поодминати години и вратена километража. Играч со огромно искуство, мирен нарав, борбен дух и за негова жал, играч кој доби „погрешен цимер“ на централните позиции во 6-0 зоната. Цимер кој „носи“ или треба да „носи екипа“ во напад, капитен на кој тешко му оди комуникацијата со шефот на струката, лидер кој успеа за 25-26 минути да „фрли се низ река“, шанкуре кое се обиде да ја „силува“ екипата и на крајот во моменти на немоќ и фрустрација да демонстрира високо ниво на спортска и елементарна (не)култура.
Момент кој фрли дамка, но и се чинеше дека ќе го одлучи натпреварот.
Во ситуација кога тимот е на -4 или -5, со еден куп супер скапи липицанери во тимот, без волја да вратат на тимот за вложеното, одбрани по принципот на дете кое бира торти и колачи во слаткарница, притоа земајќи се што (не)може и не треба да изеде, во натпревар на кој тимот е без резервна варијанта на „црта“ во ситуација кога Пешевски немаше ден, а „вундеркиндот“ од „липа наша“, чиј квалитет можеше да се насети, поставувајќи проста логика како „дотичниот“ избегал од радарот на Загреб, Нексе и словенечките „сиротињи“, некој му го ували на Пелистер, и конечно, кога голманите, како објективно најквалитетна позиција на тимот, бранат само тоа што НЕ треба да се брани, оставени на стрелиште и “оставени на цедило“ од капитенот и миленикот на фамилијата, екипата изгледаше безнадежно.
Во таква ситуација, Ангеловски повлече принуден потег, поставувајќи го некогашниот ракометен бисер и голем талент на мак ракометот, Павле Атанасиевиќ на фундаментална позиција во одбранбената зона на битолчани, како партнер на Абутовиќ, притоа давајќи му ја диригентската палка во нападот на шампионот. Павле одигра феноменален натпревар, во два правци, „доби“ огромен број дуели со бековите на Алкалоид, покриваше пивот, блокираше, помагаше, одигра храбро и решително во напад, пробиваше низ зоната, „торпедираше“ од дистанца, носејќи го натпреварот во каква-таква неизвесна завршница, каде Пелистер постојано му „дишеше во врат“ на Алкалоид. Неверојатно е како еден играч како Павле комплетно ја промени физиономијата на зоната, даде агресивност и решителност во нападот и покажа дека треба повеќе време да „носи“ екипа, да победува, да губи, да промашува и да погодува. Павле. Не Борзаш. „Норвежанецот“ кој од Елверум, наместо во Бундес лига (ако беше ербап), несреќно заврши во Битола, играч кој две години игра за статистика и веќе размислува кого финансиски ќе „заколи“ до година. И затоа Павле, а не Тајник. Па макар и загубил титулите, ама на нивен автентичен начин. А гледаме дека Борзаш, Тајник и Цикотиќ не се ама баш никаква гаранција за освојување титули.За Европа не сакам муабет да правам.
Стартот најавува многу турбулентна и нервозна сезона за чкембарите. Иако е рано да се суди, Пелистер не е помрднат напред од минатата сезона, која после трофејот во првенството, некои ја окарактеризираа како успешна. „Успех“ кој фрли под тепих еден куп „прљавштини“, за кои сите се прават луди или недоветни или пак уште повеќе, не им е гајле. Они си знаат. Неверојатно е како од година во година, најбогатиот ракометен колектив во државата селектира просечни, не амбициозни и непроверени играчи со „дебели“ договори. Играчи од кои дел се квалитетни, ама се на погрешно место или време. Играчи кои на терен делуваат како клубот да им должи три плати од лани. Интересно е како Пелистер се претвори во клуб за лешинарење, клуб на провизии, проценти и менаџери. Секоја чест на исклучоците, кои ги има.
Од друга страна, со неколку потези пред три години успеа да собере една група потентни млади македонски играчи, за кои сите „дававме лева рака“ дека ќе бидат следните перјаници на сениорскиот национален тим. Играчи за кои се испостави дека или не се навистина потентни како што ги гледавме или клубот со приоритет на создавање на „зелена ера“ и постојано освојување на трофеи, и за таа намена носејќи „екстра“ играчи од странство, плати висока цена и почна „да ги јаде своите деца“.
Овој „шамар“ можеби и ќе освести некого. Затоа што добар дел од овие што сега се ухлебани во Битола, на ништо не личат. Многу лоша селекција и играчи кои меѓу себе се некомпатибилни. Потегот со Самоил пред некој ден е за поздрав и од спортски и од маркетиншки аспект и реакцијата на битолчани го потврдува истото. Пелистер на средни и долги стази мора да менува нешто. Инаку ќе се „угуши “ и пак ќе дојде време да нема за тренерки и дресови.
Еден ден кога ќе му пукне филмот на некој таму.
Ама и тој некој треба да стави професионалци на фундаментални позиции, а не со полнење на клубот со неработници и „заслужни“ граѓани од некои минати времиња да решава социјални проблеми и ситуации. Спортот, на ниво на кое игра или треба да игра овој Пелистер не трпи импровизации и „мој си е, твој си е“. Пелистер, изминатите две години поради поставување луѓе на погрешни позиции, квалитетни личности во одреден сегмент, загуби тренер на клучна позиција во „двојката“, човек кој е најдобар во тој сегмент и загуби спортски директор или тим менаџер.
За крај, како не би го намалиле значењето на триумфот на Алкалоид, да нотираме дека Лазаров, доста мудро, ја нападна зоната кај Хосни и Фитиљ, кои се трошат во два правци и имаат голема улога во нападот на Пелистер, можеби стартно погреши со Џонов и Велковски (како подобра опција во одбраната на позиција двојка), но брзо се поправи и го остави Митев да решава за себе и за екипата, а му даде простор на Серафимов дополнително да „расте“. Кога противникот се обиде со некои нелогични решенија да смени зона во 5-1 или 5+1 го внесе Симоновски, кој има докторирано на втрчување во простор на линијата од 6 метри. Многу ротираше, имајќи предвид ритамот кој го наметнува Алкалоид и потребата од свежина во играта, го постави Кизиќ на голот, со супер мотивација за докажување, ги „крена“ високо крилата, ги постави „бочно“, го ограничи просторот, ја згусна зоната во средината, го принуди противникот да оди на средина, каде е составена од двомераши и ја казни секоја техничка грешка и секој промашен зицер на противникот.
Мораме да потенцираме дека овој Алкалоид е уште посилен од лани. И тоа не заради новата аквизиција од Португалија, кој синоќа не го видовме, а во Охрид остави впечаток на солиден играч, со карактеристики на паметен играч кој „чита игра“ и може да одигра за себе и тимот, но и играч каков што веќе има Алкалоид; туку затоа што доведе уште еден млад голман желен за освета и докажување, во името на Кизиќ, го донесе Костески на десно крило кој „паѓа на глава“ и го има комплетно подготвен „момокот за се“, напаѓачки најопасниот пивот во државата, голем „такмичар“ и победник, Симоноски. Посилен е од лани затоа што „децата“ од Автокоманда веќе се очовечија, една година се постари и попаметни, посамоуверени и поискусни. Предводени во нападот од „ракометниот Брус Ли“, кој уште еднаш покажа зошто за неговите услуги, „смртно“ е заинтересиран „големиот“ Талант, брилирајќи на теренот, во секој сегмент од ракометната игра, пркосејќи и на физиката и разбивајќи ги сите табуа, момче со неверојатна енергија, следен од се подобриот Георгиев, Серафимов, синоќа бледиот Џонов, поливалентен ракометар со многу префинетост во играта, како креатори на играта, но и предна линија со Бинго во два правци, пет пивоти со различни карактеристики и најважно четири-пет големи момци кои и физички и психички се подготвени со секој да се „истепаат“ во одбрана.
Да резимираме. Суперкупот на терен ни покажа друга „крвна“ слика на Пелистер и Алкалоид, од она што „хартијата“ го најавуваше. В недела, Вардар ќе ни даде малку попрецизна дијагноза за својата, но и реалната сила на Алкалоид, покажувајќи ни дали „шаматата“ за тоа што пехарот од Суперкупот е во Автокоманда, е кај „зелените“ или „децата пораснаа“.
Вардар госува во Автокоманда. Како некогаш.
Се е исто само НЕГО ГО НЕМА!
п.с им се извинуваме на навивачите на Пелистер и на Павле Атанасиевиќ бидејќи незаслужено остана незабележан со фотографија од синоќешниот натпревар при создавање на оваа колумна.
ИмаТ снемано галерија на клупската фан страница.
Поранешен македонски репрезентативец, основач на проектот Ракомет За Секое Дете