Македонија не отстапи од системот промовиран од Стојановиќ како прв тренер и Ангеловски како негов помошник. Систем на агресивна и длабока зона, која бара исклучително вискоко ниво на физичка подготовка, но и уште повиско ниво на спортска интелегенција кај играчите кои треба да го имплементираат истиот. Систем на железна дисциплина во нападот, тактички поставен до перфекција, каде во голема мера се знае кој од играчите прави разлика, кој може да „потегне“ од надвор, а кој треба на глава да влезе со топката во голот.
Фото: Slavko Kolar/RZS – 24 Ракомет
Македонската ракометна селекција до 20 години, после освоеното 9-то место на СП во Хрватска, минатиот август, во директна битка против ракометниот (читај спортскиот) гигант Франција, на штотуку завршеното ЕП М20 во Словенија, го потврди резултатот и пласманот, но она што е многу поважно, го потврди и запечати статусот на селекција, која како никоја претхдоно игра(ше) во континуитет на супер високо ниво, паѓаше и се подигаше, покажува(ше) желба за докажуање и карактер, поставува(ше) стандарди за односот кон дресот со државниот грб, покажува(ше) другаство, сполтеност, кохезија и КВАЛИТЕТ. Квалитет, со кој ТИМОТ ги „ничкоса“ или остана непоразен против, небаре половина ракометна Европа, против земји кои во секој сегмент се поголеми од нас, и во однос на популација или економија, ракометна традиција и според постигнати резултати во минатото. Црна Гора, Хрватска, Австрија, Полска, Романија, Унгарија и како јаготка на шлагот, нај успешната ракометна селекција последните 20 години, Франција. Пред некој ден, како забелешка сум ставил дека Македонија, на ова ЕП е резултатски пред една Хрватска, домаќинот Словенија и секако пред најголемото разочарување Србија, како комплекс кој го влече(в)ме од почетокот на последната декада од минатиот век. Македонија, со само еден пораз, и две нерешени средби го освои деветото место, кое и мене лично ми предизвикува револт, незадоволство и мачнина, затоа што сум сигурен дека беше дојдено време, оваа ракометна банда да освои медал на големите смотри, како дополнителен притисок врз националната федерација, но и многу поважно, врз државата, за средување на работите во однос на најчувствителните прашања во нашиот спорт, како инфраструктура, едуцирање кадар, систем на натпреварување од најмала возраст итн. Освоено е девето место во систем на натпреварување кој е незапамтен до сега, преставен и имплементиран од ЕХФ како најголеми душмани на ракометот, систем без никаква спортска и натпреварувачка логика, скроен за самиот ракометен крем, систем кој треба да предизвика револт, да ја избрка публиката, да ги избрка спонзорите, и најважното, децата од сала. Фудбалска Италија, во ваков систем, никогаш немаше да дојде до трофеј на едно големо натпреварување .
Фото: Slavko Kolar/RZS – 24 Ракомет
Како што спомнавме во една од моите претходни колумни, за штотуку завршеното ЕП во Словенија, Македонија не отстапи од системот промовиран од Стојановиќ како прв тренер и Ангеловски како негов помошник. Систем на агресивна и длабока зона, која бара исклучително вискоко ниво на физичка подготовка, но и уште повиско ниво на спортска интелегенција кај играчите кои треба да го имплементираат истиот. Систем на железна дисциплина во нападот, тактички поставен до перфекција, каде во голема мера се знае кој од играчите прави разлика, кој може да „потегне“ од надвор, а кој треба на глава да влезе со топката во голот. Само како еклатантен пример, навистина неверојатно изгледаше начинот на кој „малите“ Македонци, во континуитет успеваа да ја „решат“ супер високата, агресивна, физички доминантна и многу често груба зона на „триколорите“. Трпеливо, самоуверено, борбено до граница на лудило. Од друга страна, за поклон до земја е фактот дека играчите одиграа еден куп натпревари за краток период, во доминантен дел со сериозно агресивна и подвижна одбранбена формација, и сето тоа го поднесоа на нозе и без големи падови во играта. Навистина неверојатно!
„ЛОНЧЕТО И КАПАЧЕТО“ КАКО НАЈДОБАР ГОЛМАНСКИ ТАНДЕМ НА ЕП ВО СЛОВЕНИЈА
И на ова големо натпреварување, Македонија, на својот гол, како последна брана, ги имаше „лончето и капачето“, и официјално најдобриот голмански тандем на ЕП во Словенија, како реликвија на тимот, составена од двајца, стилски, различни голмани, кои меѓусебно одлично се надополнуваат. Спомнавме и минатиот август, Галец и Давид се квалитет плус за нашиот стручен штаб, во однос на тоа дека може да избира голман според претхдно поставена одбранбена формација, а главоболка за противникот, во однос на тоа дека е тотална непознаница кој од двајцата Македонци ќе го стратува натпреварот на голот и ќе „влезе во елемент“. Едниот е веќе во Германија, и гради статус на сениорски играч, другиот веќе освојува титули во сениорска конкуренција и од следната година, за дебело обештетување ќе „фаќа џаде“ накај развиениот свет.
„МИРНАТА ВОДА“ КОЈА „БРЕГ РОНИ“, РАЗБИВА ЗОНИ И ОДЛИЧНО СЕ ДВИЖИ НА ЛИНИЈАТА ОД ШЕСТ МЕТРИ
По СП во Хрватска, минатата година, малку срамежливо и во сенка на помладиот колега (и сограѓанин) на линијата од шест метри, го спомнавме „чкембарот“ од Автокоманда, двометрашот Тино Карасманакис, „мирната вода“ која брег рони, разбива зони, има железна прегратка, „очи на тилот“ и време кое работи за него. Неверојатно е колку овој мирен дечко напредуваше изминатите 365 денови, на двата дела на теренот, во однос на командување со одбранбената зона, движењата во напад, прием на топка, пас игра и реализација (сегмент во кој има голем простор за напредок). Можеби некоректно, но ако Мирче Калајџиески е командант на нашиот напад, и многу работи зависат од него, Тино е врховен командант на нашата одбрана и според мене нај корисен Македонски ракометар на ЕП во Словенија. Македонија покрај Тино, на ова ЕП ги имаше и ракометниот „Цар Самоил“, играч за кој зборувавме претходно, голем потенцијал со кој мора многу повеќе да се работи индивидуално во матичниот клуб, играч кој заслужува шанса, за да не останеме на онаа „беше најголем талент“ и Дејан Михајловиќ, веќе стандардниот пивот на Бутел, кој покажа дека е исклучително опасен напаѓач, а својата карта за врвниот ракомет ќе ја „чекира“ доколку стане незамнлива „двојка“ или „петка“ во зоната на својот клуб. Без пардон.
КОГА „КОМАНДАНТОТ“ ОД СТРУГА ИГРА – МАКЕДОНИЈА ПОБЕДУВА
Нотирав после несреќно освоениот бод против Австрија, дека Македонија, на ова натпреварување, го нема(ше) препознатливиот „командант“ од Струга и како да го зареков. Во продолжение од првенството, Калајџиески покажа дека е „главна алка“ на нападот, играч од кој тргнува се, играч кој прави разлика, игра за останатите, но и за себе. Мојот став од пред ЕП, дека кога игра Мирче, Македонија победува, доби потврда во текот на истото. Но, Мирче, исто како и Самоил, мора многу повеќе да работи и да добива шанса во шампионот од Биотла. Сигурен сум дека со многу повеќе внимание и индивидуална работа, минутажа во „првата бригада на Битолчани“ за брзо време ќе биде Никола Ристановски за средниот бек од Словенија со убавите шишки. Покрај Мирче, Македонија, во оваа селекција има уште една дузина сениорски играчи во најава, сите со различни предиспозиции, со свои квалитети и карактеристики. Шуле, Томи, Димевски Кумановац, капитенот Стојановски … само собирање суперлигашко искуство и носење екипа во истото, како рецепт за успех за сите нив.
„МАЛИОТ“ МИТЕВ ОЧИГЛЕДНО МНОГУ СОНУВАЛ, АМА УШТЕ ПОВЕЌЕ РАБОТЕЛ НА СЕБЕ
Минатиот август го најави, а овој јули го потврди големиот потенцијал кој го поседува помалиот Митев. „Ракометар кој ако работи и биде посветен, доволно сонува и биде фокусиран, за брзо ќе „тропне“ на вратата на сениорскиот национален тим“ – затворен цитат од минатогодишната завршна колумна за јуначкиот подвиг на нашите момци во Хрватска. Очигледно дека Дамјан многу сонувал, но уште повеќе работел на себе и најавата за влез во сениорскиот национален тим се оствари. И малку повеќе од тоа. Неговата кревкост, имајќи предвид дека сеуште расте и се формира, го оневозможи да добива повеќе минутажа, играјќи во напад само кога Македонија менуваше лев бек на поблиска страна. Но, сосем доволно да покаже, пред се зрелост, дрскот и одлична техника. Неговото допрва доаѓа!
БЕЛИ КАКО ПАРТНЕР НА „АИР СТРУГА“ НА ДОЛГИ СТАЗИ, ПОД ХТИНО МИНУТАЖА ЗА „СУПЕР МАРИО“
Нашите крилни играчи, иако малку ги критикувавме за време на првенството, имаат голем потенцијал во себе. Марио Стојановски, како играч кој покрива игра во два правци мора под хитно да обезбеди минутажа, за да го подигне нивото и процентот на реализација. Има предност пред останатите, затоа што може да биде добар одбранбен играч, но само со гледање клупски ракомет од клупа не се станува „супер Марио“. За разлика од него Субаш покажа дека има „петља“, но и завидна техника и дрскост. Бутел ќе му даде „крилја“, од него зависи колку високо ќе летне. Популарниот Бели, во отсуство на Алекандар Петковски, доби (пре)многу минутажа и машки ја издржа. Би го ставил да му „дише во врат“ на Богдан, и ако го „положи испитот“, кога ќе се врати „Аир Струга“ после повредата на коленото, драстично би го „олеснил“ буџетот на клубот за десно крило. Вин Вин ситуација, со МКД решенија за долги стази.
ДИМЕ АЛИЈАС ОМАР ИНГИ, „ДОКТОРОТ“ КОЈ ЌЕ ГО„ ОЖИВУВА“ РАКОМЕТЕН БУТЕЛ
Свесно или намерно го оставив за крај. Минатата година, несреќно, на некој ден пред СП се повреди, а ова ЕП видовме колку недостасувал и не остави да фантазираме во насока, што би било, кога би било, со него во составот. Доктор по медицина по вокација во најава, со ракометен ген од прво колено во татко му Ице, како младински репрезентативец. „Докторот“ по ракомет, како пеницилин за противничките зони беше додадена вредност на тимот. Во мојот краток работен век во еден клуб, две години „го бркав“ да дојде, ама татко му чекал да му се јави „ вистинскиот“ лик и преку Алкалоид, следната сезона, заедно со брат му, ќе биде „супер оживување“ на ракометен Бутел. Фенеоменална техника и моторички способности, лева рака и за нијанса послаба физика. Од чекор, преку зона, дијагонално на пивот и „од позади“ за Бели. Диме Узунчев алијас Омар Инги Магнусон, „рибарот“ што стана „гладијатор“ и дели лекции по Европа. Кога може овој вториов, со многу работа, серозна физика, фокус и амбиција може и нашиот Узучев. Како кампањата на на еден светски познат бренд – Impossible is Nothing!
Фото: Slavko Kolar/RZS – 24 Ракомет
РАДЕ И БРАНЧЕ КАКО АТИПИЧНИ СТРУЧЊАЦИ, ПЕДАГОЗИ, КОЛЕГИ.. ЌЕ ГИ ИСКОРИСТИ НЕКОЈ ИЛИ?
Како што ништо не е невозможно, кога си предводен од луѓе кои знаат кај се, знаат каде треба и на кој начин да стигнат до целта. Покажаа дека ништо не е случајно, дека примаат критики, дека се луѓе кои може да згрешат, но и дека „им гине екипа“. Ќе го искористиме нивното знаење, искуство и менаџерски способности, како дел од стручниот штаб на сениорите или ќе останеме да бидеме „рогови во вреќа“?
Честитки Раде и Бранче!
Оваа генерација македоснки ракометари својата „лебедова песна“ во М20 ќе ја има во Полска, следното лето, како сериозен кандидат за медал. Да, за медал. Затоа дајте им и „шаком и капом“ се што им треба, бидете покрај нив и поддржете ги на самиот настан, а ако треба и звртете два телефони.
Оти за МАКЕДОНИЈА се работи!
Поранешен македонски репрезентативец, основач на проектот Ракомет За Секое Дете