Два дена по одличниот впечаток во воведниот натпревар против Босна, вечерва се соочивме со суровата реалност.
Фарските острови практично се по површина нешто како Овче поле а по население безмалку како Велес. Да тие се всушност данци и скандинавскиот ракомет им е мајчин, но дома, во Скопје со нив изигравме едвај 24-24.
За да не го дадеме завршниот збор предвреме ќе почекаме уште 48 часа, па веднаш по дуелот со Холандија ќе знаеме точно на што сме.
Еве сега набрзина само ќе ги наброиме факторите кои се клучни за состојбите во женскиот ракомет. Професионални женски клубови практично и да не постојат по распуштањето на Вардар од периодот на Самсоненко. Куманово за нијанса е во предност пред Вардар и Металург, но далеку од сериозен клуб. На пример за нив котизацијата за играње во еврокуповите беше непремостива. Дали треба да продолжиме со анализата?
Тим се создава со години, а овие девојки тренираа верувале или не 15 денови заедно. Вклучувањето на 6 кадетки и една пионерка доволно зборува со каков проблем се соочил стручниот штаб кога требал да селектира дваесетина девојки !
Денеска за жал освен Јанкуловска во првото полувреме и Џатевска добри пеесетина минути, немавме расположени играчи. Се чувствуваше потрошеност и физичка но и психичка. Савевски се обидуваше со длабока зона, со 5-1 па и со класичен фластер, но проблемите доаѓаа кога требаше да се ротира, а посебно кога требше да се реализира.
Како и да е одлично што во пресрет на еден од трите одлучувачки натпревари на сите сега им е јасно дека нема да биде лесно. Останува, девојките да се одморот, стручниот штаб добро да се подготви и во среда да ја нападнеме Холандија.
12.07.2021 Скопје Македонија
ЕХФ Шампионат W19
Maкедонија 24 Фарски Острови 24