20 години за Титула

Екипата на Вајперс на ракометната сцена се промовира во 2001 година. 20 години подоцна тие се на тронот на Европа.

Во јубилејната 60 та година од започнувањето на натпреварувањето во европската Лига на Шампиони (1961), интерсено, само по втор пат екипа од исклучително доминантната во женски ракомет, Норвешка, е европски шампион.

Имаа одлична сезона во Норвешка, освоија двојна круна, но не така успешна во натпреварувањето по групи, беа само 5 ти. Сепак, на двата натпревари, вчера против нашата ЦСКА и денес против Брест, изиграа без грешка, врвно.

Беа одлични во сите сегменти, одбрана, транзиција, каде и бездруго скандинавските екипи се врв, но и во позицискиот напад. Таму имаа решенија од секаков вид, шут од дистанца, акција за крило, за пивот, а неретко и пробиваа. Играа исклучително агресивно во одбраната, на топка, но и на играч, ова посебно го акцентирам за одредена група тренери на македонски екипи, машки и женски. Па така само во првото полувреме имаа 4 исклучувања, вкупно 6. Не се двоумеа да прават и пенали, па така французинките изведоа дури 11 пенали.

Сите овие елементи, на прилично норвешкиот состав, во кој од туѓинците само Кнедликова на крило имаше улога и тоа одлична, им ја создадоа предноста. Кога на тоа ќе ги додадеме и феноменалната супербабичка на голот, Лунде, со не пресензационални 31% од одбрана, но најчесто зицери и тоа во клучни моменти, како и огнометот на младата 22 години, Рајстад, со 12 феноменални погодоци, но и со сериозен импакт во играта, трчајќи и контри, јасно е зошто внуките на Тор се на врвот.

Од друга страна, силите на отпорот, некако исцрпени и физички и емотивно по добиената битка против вечните унгарки во полуфиналето. Постојано беа блиску, но кога беше потребно да притиснат, грешеа, промашуваа и едноставно немаа доволно енергија да се вратат. Ниту одличните инаку голманки, Тофт и Дарло, денеска неможеа да одбранат заедно повеќе од 7 шута, се разбира премалку за да се освои лигата на шампионите.

Како и да е, одличен натпревар, потврда дека системската работа на долги стази дава резултати, потврда дека империјата на Ѓер веќе е минато.

Во очекување на свежи ветришта во македонскиот женски ракомет, како и мобилизација на кадетските и младинските репрезентации кои летово треба да ја претставуваат Македонија на еврошампионати, им ја честитам победата на норвежанките.

30.05.2021 Будимпешта

ЕХФ Лига на Шампиони Ж, ФИНАЛЕ

Брест 28 Вајперс 34

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...