
Гледавме еден исклучително квалитетен и интересен натпревар во кој на крај сепак се потврди правилото, дека понатаму оди подобриот. Тимот на Нант, секако беше подобар речиси во сите сегменти. Имаа контрола на играта цело време, го контролираа и резултатот цело време и што е најважно уште еднаш ученикот се покажа подобар од учителот. Во случајов Ентрериос против Душебаев, 1:0, или ако повеќе сакате 58:56
Клучни моменти:
- Натпреварот започна со интересна одбрана која Нант ја практикуваше речиси во цело прво полувреме, одбрана 6:0, која како што течеше нападот на Киелце, се трансформираше во брза 3:2:1 одбрана. Брзи беа бековите на Нант во таа трансформација, па така лесно ги отсекоа нивните два брзи млазни авиони, Карачиќ и Душебаев, свесно дозволувајќи му на Кулеш да се расшутира, па и нека погодува. Од него веројатно само тоа може и да биде како опасност. Нема проигрувања со пикер, нема асистенции кон крила, нема еден на еден. Тоа што беше одлика на Киелце со години наназад, сега го немаше. Кулеш погодуваше, но и промашуваше и толу од него.
- Ентрериос почна и со уште едно изненадување за Душебаев. Кире во одбрана и тоа на краен десно.
- Емил Нилсон, на голот на Нант, го заврши натпреварот со 18 одбрани.
- Одлично расположени бековите на Нант, левиот бек Бриет и особено средниот, младиот Емерик Ман со 8 од 10 гола. Од овој заклучок намерно го издвојувам Лазаров, затоа што неговиот процент на шут беше послаб од вообичаено, но ова важи само до 45-тата минута. Тогаш тој ја превзема работата во своите раце, како вообичаено и го одведе мечот таму каде што треба. Ах, да. Да не заборавам, неговите асистенции беа клучни, обично пропратени со пенал и “две минути” или со сигурен гол и ги имаше секако преку 10. Штета што статистиката на ЕХФ, оваа категорија смета дека не е важна, па не ја ни брои. Уште еден одличен наптревар за Кире, како шлаг на тортата за неговиот влез во историјата и уште еден рекорд. 250 натпревари во лигата на шампионите. Повеќе од сите великани досега !
- Пенали, реализација 5 од 5 за Нант и 4 од 7 за Киелце
- Нант натпреварот го играше без Овничек и без македонскиот зет и новата аквизиција на Вардар, Едуардо Гурбиндо. Но тоа воопшто не се почувствува во нивната игра.
- Клучни играчи: Емерик Мин, за мене изненaдување на мечот, и со играта и со реализацијата (8 од 10), голманот Нилсен со 18 одбрани и секако во клучните 15 минути, нашиот Лазаров.
- Ентрериос одлично го водеше целиот меч, дури во ризичните моменти играше дрско седум на шест, иако без резултат. На крајот кога се кршеше мечот свесно остави се на грбот на Лазаров, а овој верно му се оддолжи со три гола по ред и со уште толку асистенции. Не помогна ни “фластерот” врз него.
- Талант Душебаев, навидум смирен и без паника. Првиот тајмаут го побара некаде во 45 минута, кога конечно изгледа сфати дека французите дојдоа по победа. И овој момент беше без резултат.
На крај сосема заслужено Нант оди понатаму, многу веројатно на Веспрем.
Р.Ѕ.
И да трампата на играчи на релација Барселона – Нант, продолжува. Овој пат оди во обратен правец. Симпатичниот дебелко, Нилсен патува во Барса