Нешто станува заштитен знак на натпреварите на Пелистер.
Видено лани под палката на Алушевски, во Лигата на Шампиони, се повтори денеска во новоформираната Лига на Европа. Натпревар кој во 29 тата минута од првото полувреме на резултат 16:9 изгледаше дека е под тотална контрола, Бабиќ успеа да не го добие. Пелистер започна сигурно во нападот, играше трпеливо и смирено до сигурна позиција за шут. Бабиќ бараше од играчите да играат споро, до пасивна и тоа даваше плод. Ротацијата беше на сите позиции освен на лев бек, каде Мандалиниќ го изнесе сиот товар. Ракометарите одговорија со ефикасна игра и дури 10 мина се запишаа во листата на стрелци, Маџовски од активните неуспеа имаше 0 од 2. Кадетен одговори со малку поагресивна игра во одбраната, но сепак проигрувањата до пикер кои беа на 6 од 6, и шутевите на Мандалиниќ функционираа. Во ситуациите со играч повеќе, Бабиќ внесуваше втор пикер и лесно ги решаваше тие ситуации. Се добива впечаток дека во ротацијата на центар Танкоски беше посмирен и покорисен од луцидниот Периќ кој немаше свој ден. Во одбраната почна интересно 6-0, со крилата Маџовски и Радовиќ на 2 и 5. Таа одбрана функционираше одлично. Трајковски забележа неколку одбрани, Чаневски фати пенал и се изгледаше како бајка. Недостасуваа чкембарите да уживаат во претставата. Во еден момент концентрацијата падна, па гостите реализираа неколку напади со шут од дистанца, на што Пелистер одговори со поагресивна одбрана со излегување на бековите подлабоко па така ги ставија под контрола налетите на гостите. Факт е дека доколку во последните секунди не беа статични во одбраната и направеа некој прекршок, пелистерци ќе заминеа на одмор со 16-9, наместо лесно примениот гол. 16-10 на полувреме…
Што се случи во второто полувреме ? Нешто за што долго време беше критикуван Алушовски, сега го видовме од еминентниот Бабиќ, или по народски Од готово вересија ! Кадетен смени и во одбрана и во напад. Во одбрана заиграа 5-1 и тоа се покажа погубно за нападот на пелистерци. Многу нервоза малку решенија, 8 изгубени топки од вкупно 11, едвај неколку топки до пикер, шутот од далечина исчезна. Периќ ја потврди својата луцидност… и само тоа, спор, на работ на пробивање низ средината, ретко и лошо додаваше…Нападот стануваше се поспор и со се помалку енергија. Кадетен во нападот заигра побрзо, нешто што би можело да се нарече брз центар, се почесто се одлучуваа и на шут од дистанца, покрај веќе мрзливата одбрана. Е кога одбранат е лабава и има многу дупки како што велеше Червар, голманите се на отстрел, па во второто полувреме нив ги немавме, додека отспротива австриецот со балкански корени стигна до двоцифрен број одбрани.
Останува горчливиот вкус на пропуштената победа,
НО Сепак Видовме еден Пелистер кој да не заборавиме игра само втор официјален натпревар за неколку месеци, кој одвај составуваше екипа за тренинг, кој ја нема френетичната битолска публика, а сепак имаше 12 стрелци во составот, Пелистер кој доминираше едно полувреме во сите сегменти на ракометната игра.
Пелистер е во Европа и тоа е добро, Пелистер не губи и тое е добро, чекаме Пелистер да победува и тоа да биде најдобро !
Осврт за натпреварот од дипл.машински инж. Виктор Христоски
Да живее Македонија !
Битола Македонија
17.11.2020 ЕХФ Европска лига
Еурофарм Пелистер 25 Кадетен 25