Фото РК Еурофарм Пелистер
Во Битола по којзнае кој пат, моите омилени букмејкери ја утнаа!
Заговорниците на тезата дека модерните кладилници ракометот го потценуваат и често грешат, синоќа после натпреварот во Битола, задоволно се смешкаа. Буџетарите од Романија за кои, се почесто во нивните медиуми се пишува како за промашени проекти, го додавам и женскиот ЧСМ во овој контекст, со наведнати глави ја напуштија Боро Чурлески.
Во еден старомоден натпревар, не премногу убав, важен за двата тима, од различни ракурси, за Букурешт да ги оправда инвестициите, за Пелистер да се одржи над нивото на плимата, победи Македонскиот шампион. Битолската публика, онаа која во континуитет и искрено го прати и подржува клубот, резервирана во еден дел од натпреварот еруптираше на крајот. Митревски фактор X, со денови ќе се пребројуваат одбраните, зицерите, пеналите, живите и мртвите, а јагодката ќе биде сокривањето на топката под дресот, пред самиот крај на натпреварот.
Македонскиот ракомет по кој знае кој пат ги руши митовите. Како и многу пати по различни, а пред се финансиски и општествени, критериуми сме во улога на Давид. Романците стартуваа силно во Лигата на Шампионите, но интересен е податокот дека од крајот на октомври ова им е 5 ти последователен пораз. Факт кој потврдува дека на теренот не играат парите.
Дали шпанскиот рецепт е оној вистинскиот и за Пелистер, премногу е рано да се каже. Натпреварот беше прилично тежок, со многу технички грешки и сигурен сум дека ниту еден од двајцата тренери немаа голема контрола врз истиот.
Веќе во понеделник следи нов предизвик за Пелистерци, во Битола доаѓа забревтаниот Алаклоид. Натпревар од новосоздадената голема тројка, натпревар со многу натпреварувачки набој, натпревар во кој после одличниот настап на Македонија на светското првенство, ќе ги соочи едни против други најголемиот број на репрезентативци.