На север ништо ново, на југ стара приказна !

Фото ВМФ

Кумата моја живее на север, во Осло, Норвешка, доаѓа двапати на југ, дома во Скопје.
Ја сакам многу, светски човек е! Била во безмалку 150 земји на планетава. Најчесто таму каде што нешто не чини, и на шега и велам постојано се враќаш во Скопје, во Македонија, дали тука многу не чини… и таа ми вели „ДА“!

И почнуваме ден, два, три некогаш да анализираме, полемизираме споредуваме, вадиме и додаваме…каде е подобро и кој подобро живее… зошто има разлика?

Таа 2012 беше нерешено, па минус 3, денес 2021 е минус 12 разлика.
Дали навистина овде толку многу не чини? Дали има толку многу разлика ?

А подготовката коректна, 4 редовни, домашна атмосфера, шал, дресови, знаме, пастрмајлија и пиво, анализата сработена, ќе биде тешко, нерешено, а може и да ги нападнеме, ние безмалку комплетни, а тие со втор состав… РФМ организраше подготовки, пријателски, скоро сите се тука, а тие што ги нема ќе дојдат ако треба…

Ама -12 боли, боли кога гледаш дека играат дисциплинирано. Дека се подготвиле за тебе. Дека знаат кога Столе ќе ги нападене. Дека крвава уста на Кире ќе го запре. Дека нема бек кој ќе скокне и ќе шутне. Дека не можеме да се вратиме од транзиција. Дека колку и да ни се добри голманите, а добри се, од 6 метри слаби им се шансите. Дека крилата ни играат во Прва лига и одвреме навреме во Супер лига. Дека играат дисциплинирано, школски. Дека не се плашат да преземат одговорност, ладнокрвни се, дека од север се… а ние ладни, благо дезориентирани, фаул не правиме оти сме на прагот на ЕУ па мора да бидеме фини, спори сме во одбрана, не знам зошто, можеби и знам, но вечерва не кажувам… а тие боже дисциплинирани, ладни, прецизни, смирени…

Темниот облак над Македонија се најави веднаш после изјавата на капитенот, грмотевици со првиот кадар, МАКЕДОНИЈА, црвено-жолтата фаланга на терен во црно!
Побогу каде ли одиме ?

Но, еден изгубен натпревар не значи изгубено првенство. Сите оние наши надежи кои од разноразни причини немаат минутажа во своите клубови ќе имаат забрзан курс по врвен ракомет, и тоа бесплатно! Секоја минута на теренот, секој дуел секој пас и шут е бесценет за нив, за македонскиот ракомет.

Момци добро одморете, кренете ги главите, имаме уште два, а верувам, убеден сум уште пет натпревари, покажете го својот талент, учете, гинете на терен, оставете го срцето таму за Вас и за Македонија!

Ние сме со Вас и во пораз и во победа !

Останува деталната анализа да ја направиме на крајот на првенството, така би рекол и капитенот, знам !

Виктор Христоски

Во добро и во зло секогаш за Македонија!

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...