Очекувајќи жесток дуел во реваншот помеѓу Чеховските Мечки и Лавовите од Манхајм видовме за жал неповеќе од 7 минути вистински ракомет. Сценариото од првото полувреме од Чехов пресликано. Русите спори, неинвентивни, со многу лош избор на шутеви. Германците на 150%.
Делумно за да ја докажат класата. Делумно за да ја искористат шансата по доделување на организацијата на ЕХФ ЛЕ финалниот турнир. Но и делумно да се извадат по лошото второ полувреме и поразот во Русија.
Тоа што Швалб и неговите трупи го покажаа на теренот во играта во одбрана треба да се изучува во секоја ракометна школа. Работа со нозе, брзо движење, покривање на просторот и правовремено излегување на бековите и блокирање на пикерите. ИДЕАЛНО !
Спорите мечки немаа теоретски шанси. Ако на тоа го додадеме и неверојатниот Паличка кој на крајот беше на неверојатни 56, повторувам 56 % одбранети шутеви, се е јасно.
Брзите голови од транзиција и контра дополнително ги фрустрираа гостите. Тие во нападот беа очајни, дури ни чуварот на руските шуми, Котов неможеше да дојде до израз. Поразителна партија имаа сите но со задоволство ќе го потенцирам десниот бек Кисељев, европски шампион со Скопски Вардар, кој беше катастрофа.
Дека тренерот на русите, Максимов и покрај длабоката спортска старост е врвен стратег покажа уште во првите минути кога повика тајм аут. Тој почувствува дека неговата Лада е пред зарибување па се обиде веднаш да реагира. Иако ништо не промени, го нотирам овој момент како показател за нашите сега веќе бивш Брестовац, и Симовски, кои по традиција викаа тајм аут кога натпреварот е веќе изгубен.
Дека од секој натпревар каде барем неколку актери се врвна класа може да се учи, денеска добивме потврда.
20.04.2021 Некаде во Германија
ЕХФ ЛЕ четвртфинале
Рајн Некар Левен 37 Чеховски Мечиња 27