Фото РК Алкалоид
Всушност, Тиквеш е клубот кој за првпат ќе учествува на Финалните 4. Своевидно признание и за Кавадарци и нивниот тренер, еден од претендентите за титулата Најдобар Тренер во Македонија, Раде Стојановиќ. Под претпоставка дека некој ќе организира таков избор?!
Во три организирани и еден неорганизиран турнир, Ракометна Македонија ги доби финалистите. Во прилично очекуван исход, на безмалку секој натпревар, сем победата на Голден Арт над Пролет (таа сигурно не е случајна и очекувам наскоро да дознеме нешто повеќе) и на Мулти Есенс над Прилеп, Вардар, Пелистер, Алкалоид и Тиквеш се финалистите.
Од натпреварите кои ги погледнав можам да издвојам неколку заклучоци, во една форма која многу ја сакам а ретко ја ползувам, “Редење”
Гледавме прилично демоде ракомет, спор и неинвентивен, полупразни сали и публика оштра и често непотребно вулгарна и зајадлива, појаките не баш мотивирани, послабите свесни за слабоста, тренери коси што кубат оти тимовите не им се дисциплинирани, притисок врз судии, организациски парадокси и недоследности, стриминзи очајни и термини хаотични.
Видов и нешто убаво, дресовите на Бутел, малите Михајловиќ, Субашевски, Митев, Карасманакис и уште по некој, Алкалоид со организација за пример, испеана химната, стримингот со повеќе камери и коментатор, кој притоа го номинирам и за наградата Фер Плеј на Годината, кој во безброј ситуации потсетуваше дека противниците се без својот најдобар поединец, Респект !
По социјалните медиуми мојот предлог за реорганизација на Купот, почна да живее. Горд сум на тоа. Во предлог планот ги додавам и следниве забелешки, Интонирање на Македонската химна пред секој натпревар од купот задолжително, стримингот обавезно со коментатор, можат Кавадарци и Автокоманда, значи можат сите (предлог и за Првенството во целост) и воведување на пионерски куп натпревари, пред секој сениорски дуел, дуел и на најмладите. Со овие мечеви пионерите ќе ја почуствуваат возбудата на играње Куп и ќе се соочат со тимови од разни краишта на Македонија.
Засега толку
Да живее Македонија !