Фото РК Мултиесенс
Прво, затоа што сме добри пријатели. Во светот на конекции и познанства, одамна е лицемерно да се затскриваат релациите.
Второ многу позначајно од ова првото, е дека Пурино не живее од ракомет, напротив тој живее за ракометот! Сериозна предност и дистинкција од голем број ракометни глобтротери кои многу повеќе размислуваат за иднината и не се премногу присутни во денешницата.
Трето, тој е одличен познавач на ракометот. Неговата богата интернационална играчка кариера, како и впечатливата репрезентативна кариера се сериозен багаж. Низ настапите за црвено жолтата фаланга го запознавме и неговиот, не само играчки ами и човечки и патриотски потенцијал.
Четврто, Бранче има неколку човечки особини,опеани во епскиот Волшевник од Оз, кои се од исклучително значење во оваа наша игра.
Како петта причина запишувам. Тој во Битола е дома! Не постои опција која подобро го познава менталитетот на Битола, на чаршијата, на публиката. Совршено им е јасно на сите колкаво е влијанието токму на овие фактори во Клубо. Тој најдобро ќе може да го премости јазот со кој се соочува секој странец со доаѓањето во Битола.
На шесто место е тезата Неискусен тренер. Таа одамна ја побија многу, сега веќе еминентни, а тогаш неискусни, тренерски имиња. Ми ја поби и легендата Дибиров, во еден од нашите, како што би рекол Жика Богдановиќ, ракометни разговори, со ставот или знаеш и разбираш ракомет или не ! Годините не се важни. Па набројувам од за нас најблиските искуства преку Раул Гонзалес и Парондо во Вардар, па нагоре со Илиќ и Веспрем, Јиха и Кил и така натаму.
Седмо, сезоната за Пелистер во Лигата на Шампиони е загубена. Со самото тоа, ниту Бранче ниту Пелистер, ниту Битола, немаат што да загубат, напротив може само да добијат. Може да добие и Македонија уште едно име во новиот бран модерни и млади тренери. Зошто побогу повеќе би му верувале на еден Голужа?
Има сигурно уште, но јас завршувам со мојата Осма причина. Низ годиниве изминати видовме дека Ангеловски многу умешно таму каде што беше, знаеше да извади максимум. Дали се кадети, дали младинци дали неискусни екипи, од ништо правеше непобедлив тим.
Кој знае, можеби ќе продолжи во тој дух?