Македонско жешко лето 2022,

ФОТО ИХФ Младеновска, Коцева и Коловска дел од Македонија У18

Не останав имун на настаните летово. Ракометот од прв, замина во втор план.

Нејсе, историјата се повторува. Македонија е повторно мета. Спортот како колатерална штета, Ракометот во првата линија на фронтот. Исфрлањето на Металург, а подоцна и бруталната егзекуција на Вардар, перфидната игра да не може Пелистер да биде пријавен во Лигата на Шампиони, само ја наговестија агонијата. ЕХФ успеа да ја исфрли Македонија од елитното натпреварување.

Од друга страна репрезентациите, младите беа на терен, да покажат дека Македонија е сепак цивилизирана спортска нација. Ракометната Федерација имаше полни раце работа, а по се изгледа и прилично успешно си ја заврши задачата. Плодовите пристигнаа со честитките за одлична организација на светското, избореното 12 место, како и пласманот на машките кадети повторно во елитата.

Па вака некако би изгледал брифингот. Со две комбинирани постави, настапот на медитеранските игри, ако го гледаме низ призмата на стекнување искуство, со пристоен настап. Медитеранските игри секако се манифестација на која е важно да се учествува, да се стекнува искуство и да се биде во контакт со ракометните настани.

Настапот на младинскиот машки шампионат во функција на кадетскиот, по проверен рецепт од минатата година со девојките.

Настапот на девојките на светското првенство, кадетско во Скопје, Македонија, е тоа е посебна приказна.

Себе си се сметам за прилично добро информиран лик кога станува збор за генерацијата 2004, девојки. Токму онаа која се бореше навистина храбро и “машки”. Е сега во јавноста незнам како и незнам кој, но факт е дека кој и да беше и како и да делуваше успеа да создаде амбиент, Ништо девојчињава ништо не направија?!?!?

Не, не, тие направија сензација !

Македонија е 12 сила во кадетскиот женски ракомет во светот!

Таа моја констатација ја засилувам со следниве факти. Прво мора сите да признаат дека во Македонија женскиот ракомет е тотално аматерски. Не постои ниту еден сериозен професионален женски клуб. Она што го прават, Куманово и во последнава година Ѓорче е само обид да се биде клуб. Сите останати клубови работат со не повеќе од 10,000 евра годишно. Толку од професионализмот!

Успехот на оваа генерација се должи на 3 фактори. Првиот е ангажманот на РФМ да создаде кадетски и младински селекции. Вториот е плод на работата на пионерската екипа на Вардар предводена од Анжела Платон. Таа селектира девојки и со нив работеше спартански, на граница на солзи. Дел од заслугите е за нејзиното инсистирање кое за среќа беше финансиски и морално поддржано од родителите за гостувања на меѓународни турнири. Таму девојките растеа како играчи и се соочуваа со реалноста. Во оваа селекција, предводниците на тимот, сестрите Коцеви, Алекс Коловска, Мила Пешиќ, Јана Равојска, Сара Стефановска се токму производ на Платон. Моја забелешка е дека на поширокиот список имаше уште десетина девојки од таа селекција. И третиот фактор беше Селекторот. За жал тој со некои свои постапки за кои можеби ќе има сведочење во скора иднина, апсолутно си ја расипа не само петката ама и поведението.

ФОТО РФМ Претседателот на РФМ, Мукаетов ги пречека кадетите

На крајот, навидум лесната, но кој го гледаше финалето знае, исклучително тешко извојуваната победа на Б шампионатот. Македонските кадети без пораз до првото место кое конечно значи бегство од втората лига.

Рецептот од девојките пресликан кај момците. Па така у20 беше жртвуван, а плодот дојде како и лани така и годинава со освојување на тоа така важно прво место на шампионатот. Од три работи сум апсолутно шармиран. Македонија се претстави со една исклучително луцидна постава од средни бекови. Па така мене најсимпатични ми беа Калајџиевски и Шулевски, Димковски ме воодушеви со дрскоста, иако деснак огромен број на голови даде со лева. Впрочем токму ова момче беше и Најкорисен Играч на шампионатот. Кога на оваа листа надежи ќе ги допишам и Карапалевски, Танковски, Атанасијевиќ, Митев, Ѓеоргиев… заличуваме на Словенија. Толку важна позиција за која долго време немавме опции наеднаш … Вториот момент се голманите. Таков функционален тандем секоја екипа може да сонува. И третата последна но не и небитна работа е фунционирањето на клупата. Овој пат мојот поклон за Радослав Стојановиќ и Бранислав Ангеловски, кои функционираа на двата шампионати како да работат со години заедно.

Народ со ваква младина не треба да се грижи за својата иднина !

PS Под услов народот да опстане, а младината сериозно да работи.

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...