Јована верува дека можеме !

Интервју со нашата Јована Саздовска која закрепнува после повредата.

Јована Саздовска, Македонска репрезентативка, интернационалка, кариерата ја започнува во скопски Металург,па преку романска Магура, повторно во Скопје во Вардар, Туринген од Германија каде изигра 2 одлични сезони, пристигна повторно во Романија, овојпат во Дунареи. Во моментов за жал во процес на рехабилитација и неможе да помогне во двомечот со Романија.

Јована, најпрво околу повредата, од каква природа е и кога да те очекуваме на терените? – Многу фанови кога пратат било каков спорт, имаат свои херои и често се соживуваат со нивните порази. Само сакам да кажам дека преку порази и падови се учат најбитните лекции. И не е така трагично. Повредите се она најпоразителното за еден спортист. Мојата повреда е од таква природа што единствен третман е за жал одморот. Имам фрактура на коската Tibia и иако јас би сакала да стиснам заби и да ги изиграм оние најбитни натпревари, ми беше кажано од неколку ортопеди, дека тоа само може да ја влоши ситуацијата. Ќе бидам приморана да почекам 2 месеци, повторно преглед и ако сум на 100%, ќе можам да почнам со тренинзи.

Колку е тешко една девојка ракометарка од Македонија да се занимава професионално со ракомет? – Доколку сакате да се занимавате со ракомет во Македонија, околностите ќе Ви укажат дека за да останете во спортот ќе треба да прескокнете неколку препреки и да жртвувате многу голем дел од себе за да може да си дадете придавка “професионална” ракометарка. Сеуште чекорам напред и не сум се осврнала да гледам на работите ретроспективно. Можеби кога ќе завршам со играње ќе имам некаков одговор. Јас се водам по некои основни принципи како Напорна работа, Дисциплина, Одлучност.

Кои би биле твоите совети за македонското првенство, за клубовите? – Прво треба да разбереме што е потребно. Финансии се тоа што е потребно за да се изградат темели! Сопствениците на ракометните клубови треба да изградат јасен, долгорочен план како да се привлечат спонзори, да се најде начин како да се донесе публика во салите и оние кои го водат спортот да се насочат кон помошта на клубовите за да ја остварат оваа цел. Секаде во светот спортот е профитабилен бизнис. Мора да изнајдеме начин и ние.

Што е тоа што малку му фалеше на ЖРК Вардар за европска титула? – Некогаш не мора да се преправаме дека ги имаме сите одговори, јас мислам дека недостасуваше само малку среќа.

Како се стига на меѓународна сцена? – Уф, би можела да ги напишам сите мои искуства и низ се она што јас сум поминала и тоа може да не значи ништо, затоа пак ќе се навратам на трите темели што јас ги всадив како дел од себе, напорна работа, дисциплина, одлучност.

Впечаток е дека Романија е ветена земја за македонските ракометарки, во еден период и ракометари. – Се обидуваат да направат компетитивно домашно првенство и тоа што има многу македонки таму не е чудно затоа што целата лига е исполнета со интернационалки.

Што е потребно за да се стигне до репрезентацијата на Македонија? – Па за почеток … да се сака татковината! Мислам дека ова е прашање за сите што се селектори и дефинитивно ќе го прескокнам.

Колку ти се допаѓа Македонија под палката на Симе Симовски? – Ако земеме во предвид каде бевме пред десетина години, рангот постепено оди во нагорна линија, но според историјата што ја имаме во ракометот никогаш за репер нема да се земат последните 10,20, години, туку оние кога бевме во ракометните височини и тоа е голем товар за овие генерации.

Кои се одликите на оваа македонска репрезентација? – Во блиското минато успеавме да ги добиеме сите противници што се под нас или близу нас по рејтинг и следно е да изградиме идентитет дека сме тврд орев и за поголемите.

Имаме ли шанси против Романија? – На даден ден кога би изиграле перфектен натпревар не гледам зошто да не.

Дали само Неагу и Пинтеа се закана? – Многу ќе биде тешко да се задржи Неагу… добро познато име во женскиот светски ракомет. Станува збор за играч со висока ракометна интелегенција, но дефинитивно опасноста доаѓа од сите страни без издвојување на една или две ракометарки.

Што и како треба да изиграме за да се надеваме на чудо, видовме дека чудата се можни во ракометот со Данска и во фудбалот со Германија? – Претпоставувајќи дека сите се максимално физички спремни, да обрнеме внимание на менталната спремност. Сакам моите соиграчи да знаат дека ја имаат поддршката од целата македонска јавност, за време на натпреварот да не се мисли на крајниот исход и да сме фокусирани само на моментот. Доколку губиме да не се обесхрабруваме, ако водиме да не се губиме во мислите како да го задржиме водството.

Дали против Неагу со фластер да играме? – Ова се одлуки што и самите тренери ги носат за време на натпреварите во зависност како ја читаат играта во тој момент. Навистина е тешко да се каже однапред.

Честитки за продолжување на договорот, значи дека си задоволна од тимот и тие од тебе, какви се амбициите на Јована за во иднина? – Благодарам за честитките. Задоволна сум од екипата, но очигледно е дека има место за напредок. Пред да го потпишам договорот имав состанок со претседателот на клубот кој ми го покажа проектот за следната година и новите играчи кои ќе бидат интегрирани во екипата и да Ви кажам искрено ќе бидете изненадени кога ќе видите кои лица ќе се појават следната година во Дунареа.

Дали треба да се забрани 7 на 6? – Секоја промена што го промовира ракометот и го прави поинтересен мислам дека е позитивна. Кога се игра со 7 играчи во поле топката циркулира многу различно и завршница од скок шут е многу голем ризик и тоа е игра од која најмногу профитираат крилата и пикерите, така да немам ништо против.

Има ли разлика помеѓу германскиот и македонскиот (балканскиот) пристап кон ракометот? – Самата германска култура е многу поразлична од нашата и тоа се одразува на паркетот. Тоа што емоциите играат помала улога во нивниот менталитет им оди во прилог во завршниците на натпреварите кога во жаргон кажано знаат како да го “затворат” натпреварот.

Што е пресудно да се добие еден натпревар во женскиот ракомет, тактика, брзина или сила? – Фузија од сите три е идеално. Од тактичка гледна точка, јас сум љубител на брз ракомет. Кога велам брз ракомет мислам на брзо размислување, брз проток на топка, активна одбрана. За тоа да функционира мора да се има брзина и сила. После завршетокот на играчката кариера би сакала да работам со млади играчи и нивното развивање, затоа што сум била сведок на ситуации каде многу млади талентирани играчи не го достигнувале својот зенит заради X причини.

За крај, топ екипа од актуелни играчи, и што освен ракометот ја преокупира Јована? – Немам одговор на првото прашање, можам да направам топ екипа од фудбалери ! Инаку моја среќа е тоа што моето хоби е и моја професија. Но пробувам да се едуцирам и надградувам секојдневно. Голем љубител сум на македонската опера и балет и за жал сега тоа задоволство ми е скратено. Додека сум во теретана сакам да слушам музика и веќе подолго време на своја сметка прифаќам шеги заради мојот чуден вкус на музика, најчесто нешто поретро. Ќе бидам искрена и ќе кажам дека не читам премногу, но сакам аудио книги и најчесто лесна литература како на пример мистериозни авантури и трилер романи. Моментално изучувам германски јазик, но незнам дали можам да кажам баш дека тоа ми е хоби.

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...