Сиот сјај и сета беда на европскиот ракомет!

Фотографијата е собрана од илјадниците бесни коментари по социјалните мрежи деновиве!

Просто е неверојатно, што се случува на европското првенство.

Нешто што нам ни наликуваше на оркестриран напад врз македонскиот ракомет, пред почетокот на првенството, со ефтината изјава зошто најдобриот судиски пар на светот последните десетина-дваесет години, нема да биде дел од судискиот корпус, прерасна во комплетна фарса, организациска и пред се судиска.

Па така од најбаналното, дека не можеа да ги повикаат Начевски и Николов и да ги тестираат в сала или било каде, до најбизарното, гледање видео анализа и недонесување одлука.

Дал да плачеме или да се смееме!?

Да одиме со ред.

Сјајот,

Одамна не сме гледале првенство со толку многу неизвеснот, атомски ракомет и безброј тимови во борба за подобар пласман. Натпревари во кои секој може да добие секој, просто се магнет за сите љубители на спортот. И ако секогаш постои по некое изненадување овојпат ги имавме десетина.

И ако теоретичарите на заговори или пак подобро носталгичните нарциси, упорно ни ја повторуваат тезата дека ракометот денес немал ѕвезди, токму ова првенство го затвара тоа поглавје и го разоткрива митот.

Гидсел, Питлик, Нилсен, Мем, Мартиновиќ, Волф, Кнор, Коштите, Макуц, Гисли, Инги, можам да набројувам без престан. Ако ги надодадам и еден грст голобради младичи, ракометот воопшто не треба да се плаши за својата иднина, играчка!

Проблем е онаа другата бирократската. Затворената во своите чемери, ЕХФ не гледа и не слуша подалеку од својот нос.

Бедата,

Врие ракометна европа по безброј теми. Ќе ги нафрлам.

Организацијата по незнам кој пат е во иста географска област киднапирана. Скандинавија како мека, ракометот станува игра за повластена група, погубно. Европските пространства се огромни, а само 15 земји досега биле домаќини, при тоа имајќи в предвид дека последните првенства се дисперзирани во повеќе земји.

Системот на натпревари докажано неефикасен и нефер. Згора на се се деновиве сме сведоци на огромен број на изјави од незадоволство, што поради деновите, што поради сатниците, се на се катастрофа.

Публика има само на неколку натпревари, зошто е прашањето а одговорот е најверојатно комплексен но можам да наслутам неколку причини. Се игра во зима, никој не сака да патува во зима, се игра во едни од најскапите земји, во време на криза сите штедат, се игра во една сала и евидентно е дека принципот на дневни карти функционира, па така данците кампуваат на своите седишта, на пример. Оттаму и циничниот предлог ракометот да се префрли на зимска олимпијада.

Крајно време е некој во таа ехф и ихф да ја протресе главата и да го извлече ракометот во мај или јуни, сликата ќе се измени драматично. Па дури и патување во факинг Шведска може да делува симпатично.

Силна забелешка и на темата стаклени шишиња во сала, дали следно ќе се служат и вино и кавијар?

И доаѓам до јаготката на … ќе речев шлагот, но судењето на ова првенство е се само не посластица.

Безброј не авторитативни судиски парови, судат кој во клин кој во плоча, претерана употреба на тн вар, носење очигледни одлуки на штета на неподобните тимови, за нивна несреќа и тв преносите, но и самите екрани во салите ги повторуваат спорните ситуации па на повеќето им е јасно во каква судиска фарса се претвори се. И да, ако нашиве беа исклучени поради физичка неспремност, за добар дел од другиве гарантирам место во секој подобар лесковачки ресторан, како скараџии се разбира.

Нема да простам и да ги наведам и со име и презиме џелатите на македонскиот ракомет, браќата Амар и Дино Коњичанин, кои без срам и перде со сите сили и средства им помагаа на португалците. И ако ова може да зазвучи како пристрасно патриотско и навивачко коментирање, ќе Ве замолам да го погледнете последниот напад на португалците кој започна во 58:08, по пеналот за Македонија и просто не завршуваше се до моментот до кој требаше португалците да постигнат гол. Рака кренаа некаде кон 59:15!

Дали ракометот се претвара во елитен спорт или во циркус за малкумина, е клучното прашање?

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...