CATCH THE EHF EUROPEAN LEAGUE ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 22/23

Насловот на мојата омилена рубрика, во која најслатко се шпекулира, дрско се прогнозира и надмено клима со главата, го копирам од минатата сезона. Бројките ги менувам се разбира, дали и очекувањата?

Пелистер две сезони по ред застануваше на скалилото Last 16, повеќе од јасно е дека годинава очекуваме повеќе.

Дали тие очекувања ни се оправдани навистина е тешко да се каже. Пелистер е сосема нова екипа, делува по студено но можеби и поцврсто. Комплетно нова екипа со нов тренер. За тоа да профункционира навистина ќе треба време. Под услов сите аквизиции да се вистинските и квалитетно да се работи.

Да видимо накратко со кого се ќе имаат работа битолчани годинава.

Архус, сосема непознат тим за мене, со само еден финец во данската постава, во моментов единствен адут е земјата од каде што доаѓаат. Тие се и како тим прилично нови, со еден финансиски бродолом пред една година немаат некоја позначајна улога ниту во европскиот ниту во данскиот ракомет. Имаат една средба со Зомимак во минатото како контакт со македонскиот ракомет. Адут на Пелистер секако е тренерот Ларс за кој не се сомневам дека одлично го познава стилот и менталитетот на данските екипи.

Агуас Сантаз Миланеза, ако данците беа непознаница, овие се тотална енигма. Чисто португалски тим без било какво сериозно минато во европските купови. За нив неможам да се осмелам ништо да кажам, едноставно времето ќе покаже.

Бидасоа Ирун, е сосема друга приказна. Тим со шампионска биографија, освојувач и на лигата на шампиони. Доаѓа во групната фаза низ иглени уши со победа од 1 гол во вториот круг против Колстад.

Ростерот главно е шпански, во кој се издвојува едно легендарно име, Агинагалде. Во тимот има место и за не така мала група на интернационалци. Во домашното првенство играат топло ладно, па со 4 победи и 3 порази се негде на средината на табелата.

Мотор, добар наш познаник, моментално со привремен престој во западната цивилизација. Нејасно е како наоѓаат време за ракомет додека татковината им е во војна, за која очигледно цела белосветска јавност е позагрижена од нив самите.

За крај вистинска делиција, Фуксе Берлин, тим од најелитната лига во светот. Основан пред повеќе од 130 години е олицетворение на врвен клуб. Во него многу познати лица, па карта за 22 ри одсега ќе барам. Милосављев, Ласе Андерсен, Макс Дарј, Пол Друкс, Гидсел, Јакоб Холм, уууу веќе уживам, Линдберг, Марсениќ, Фабиан Виде, на клупата легенди, Периќ, Кречмар.

Едноставно, Пелистер го гледам повторно високо во поредокот. Без обврски и притисоци но пласман во 8 најдобри мора да е императив.

Во контекст на кампањата за нови сали, посакувам ова да е последната сезона во која Пелистер ќе биде домаќин во стариот дом. Тој е одамна надминат и надраснат.

Сезоната вечерва почнува, во Битола моторите се запалени, дали вечерва ќе татнат наскоро ќе дознаеме.

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...