Нема спорт без ДЕРБИ, гласи слоганот на спортскиот сајт на исклучително почитуваниот новинар и Ф1 одличен познавач Александар Табаковски.
Во соседна Србија ДЕРБИ прецизно дефинира натпревар помеѓу две екипи (Партизан и Ѕвезда).
Епски се натпреварите ширум светот кои ја носат придавката ДЕРБИ. Слободно, со цела морална и кривична одговорност и без ничива принуда тврдам дека Македонија има свое спортско ДЕРБИ, без разлика во кој спорт се натпреваруваат, Вардар и Пелистер, ја носат тежината, неизвесноста, ризикот, страста и љубовта неопходна за едно ривалство да се нарече ДЕРБИ.
Пелистер е 5 години постар клуб, кој како и Вардар поминуваше низ трансформации, промени, подеми и падови. И Пелистер и Вардар гордо ја претставуваа Македонија во своите забележителни настапи низ европските купови. Пелистер во деведесетите, а Вардар во изминативе десетина години оставија силен белег на ракометната сцена. Пелистер има 6, а Вардар 13 титули во Македонското првенство и како никогаш досега од далечната 97 ма кога Варадар му го одзема приматот на Пелистер за првпат, двете екипи се со иста цел, Шампион на Македонија !
Во предвечерието на дуелот кој титула може да значи, може накратко да прогнозираме. После турбулентниот период и промената на раководството, Вардар полека почнува да заликува на себе. Забележа неколку добри натпревари во Лигата на Шампионите и СЕХА лигата а се чини дека и ростерот ќе биде комплетно на располагање. Ако досега за Вардар немаше, ова сигурно ќе биде првиот натпревар со висок ризик, после кој би можело да летне и некоја глава.
Од другастрана Пелистер во континуитет прикажува се посериозна игра, таму се е стабилно, па на Бабиќ и на играчите во фокусот им е само Вардар, имајќи впредвид дека ЕЛ и СЕХА никогаш не беа прва цел. Скалпот на Вардар како никогаш досега немал повисока цена.
Дополнителниот притисок е за тренерот на Вардар, Алушевски, кој го загуби тренерското место токму во Пелистер од актуелниот Бабиќ.
Дека зборуваме за ДЕРБИ ни потврдија и двете ривалски навивачки групи, најпрво Чкембари во Битола а потоа и Комити во Скопје.
Во очекување на врвен ракомет, самата помисла како ќе беше да имаше публика на трибините … ми поткрева морници.