Денес официјално започнува пролет, започнуваат и елиминациските дуелите во Лигата на Шампиони, но тоа што е во фокусот на Македонската ракометна јавност е дуелот во недела. Во Скопје пристигаат Битолчани. Вардар против Пелистер, во потрага по одговори. Кој во каква кондиција е, кој со какви желби е и кој е подготвен за титула? Климаксот на Македонската ракометна сезона во два натпревари, во недела е првиот !
Двата клуба се наоѓаат во различни периоди од својот спортски живот. Вардар, веќе слави јубилеј. Влегува во 5 тата година од кризата. Таму е тивко, во стилот на епското дело на Ремарк, кое патем со својата најнова филмска верзија сеприсутен на последниве Оскари. Многу малку информации, воопшто најави за засилувања и ниту еден коментар за иднината. Ако ги иземеме настапите на Борко Ристовски есеноска во нашиот подкаст и по некое гостување негово на радио или слично за Вардар ова ќе биде најтивката сезона во последниве дваесетина години.
Во зимскиот период сепак Вардар не мируваше, па така во своите редови ги доведе Јагуриновски и Аларов од Пролет, бразилецот Дутра и легендата Велко Марковски. Од постојните играчи замина Савревски во потрага по минутажа во Алкалоид и Гаџа во потрага по повеќе среќа.
По топло ладно настапите во СЕХА лигата и лабавите дуели во Супер лигата и купот, всушност и не можеме да извлечеме заклучок во каква форма е екипата. По имиња делуваат пристојно, многу искуство и квалитет е акумулиран, но прашање е колку тимот е воигран, колку е мотивиран и како ќе реагира во натпревар од кој може да зависи не само сезоната ами и иднината на клубот. Ако ја поставиме првата седморка во овој дух, на голот Томовски кој брани се подобро, алтернатива Ристовски кој одсекогаш живеел за вакви дуели, на лево крило гол машината Манасков, на лев бек Талески, по многумина најдобриот Македонски бек во моментов, на среден Карапалевски, кој веќе има зад себе вакви дуели, десно жестокиот Моралес, крајно десно рутинерот Георгиевски и на пивот Стоилов со замена во одбрана Велко Марковски, тогаш ова делува прилично победничка постава, не само за дуел со Пелистер ами и за посериозни европски клубови.
Но дали е така?
Во Пелистер сезоната уште потурбулентна. Таму копјата се скршија по фијаското во Европската Лига. Многу запирки имаше на тема селекција, здравствена состојба, залагање, ноќен живот, мотивација и лидерство како и вечната тема, го бива или не тренерот. Се чини дека управата пресече во последен момент. Шок терапијата за Валтер и шансата што долго ја чекаше еден ракометен стручњак од сенка, донесоа нова енергија не само во екипата ами и во градот. Неколку играчи додадени во ростерот кој делува полн како некогаш, па мојата седумка за старт би изгледала вака: На лево Ојлески, лев бек Кисум, данецот иако најнов и ситен по градба делува најопасно, на среден Марио Танковски, иако не ми е јасно недоаѓањето за Македонија и остава сериозна дамка зад неговото име, на десен Хосни кој по неколку критики како да се разбуди од некој сон, на десно крило АИР Струга Костески. На пивот русот, Василев, изгина во два правци и на голот дајнамик дуото Лесјак Кизиќ.
Сериозно нели?
Она што сакам да забележам е дека на насилството и деструктивноста мора да им кажеме СТОП!
Комити и Чкембари, верни сте, жестоки сте, така и треба, немојте случајно да се обидете да правите инциденти, тепачки, бакљи и останати глупости. Сакајте го својот клуб не ги мразете другите, омразата е алатката на деструкција, еј сепак сме едно МАКЕДОНЦИ !
Апелов оди и до двете управи и до институциите, не бидете ниту глуви ниту неми, преземете ги сите потребни мерки за безбедност и превенција.
Ако Македонија живее за ракомет, теза која многупати ја туркаме, во недела Јане треба да биде полн, да видиме сериозен амбиент, уште посериозен ракомет. Шампионот нема да го дознаеме со сигурност, но некој со една нога ќе биде поткачен на пиедесталот.
Хм да, ваков дуел, сакал некој да признае или може да го суди само еден судиски пар, најдобриот на светот, Џоле и Славе Ве делегирав !