Интересен е фактот дека ракометната репрезентацоија на Чешка е повторно клучен фактор на патот кон светското првенство. Паметиме дека на минатото, едно од нашите најлоши, чесите нападнати од короната мораа да откажат, па Македонија како прва резерва отпатува. Дилемите останаа, требаше ли?
Викендот пред Велигден е празнично пополнет. Лазарова сабота па Цветници.
Сосема случајно ја пронаоѓам врската. Вечерва во Чешка многу работи ќе бидат појасни но сите очекуваме дека во недела ќе биде вистинската разврска. Вечерва Чешка ќе нападне, ќе се обиде да го искористи својот моментум. Игра дома, игра добро во минатиот период. За разлика од Македонија, Чешка на европското остави фантастичен впечаток, во меѓувреме изигра и два квалитетни пријателски дуели.
За селекторот Лазаров прв клучен предизвик. Тој по своето лансирање на космодромот Борис Трајковски ги допре ѕвездите, го победи Светскиот првак Данска, потоа мудро ги одработи квалификациите. Меѓутоа не е тајна дека европското не помина баш како што посакуваше. Првиот бараж со Романците во две, три различни светла. Рамноправна игра дома во првиот дел, огромен притисок и мудро, искусно користење на домашниот терен и притисокот во вториот дел. Видовме и стратешка одбрана на предноста во Романија. Тестот положен. Македонија е поквалитетна екипа од Романија.
Да, оваа сабота можеби ќе биде најтешката за Лазаров, а неделата ќе донесе соочување со реалноста. Да, оваа Македонија има штоф, а селекторот е на прав пат или… ?
Од друга страна Чесите во последните дуели поуспешни од нас, но работите и тоа како се променети. Во очекување на можеби последниот дуел за неколкумина македонски легенди, Кире и Жути сигурно, нема да биде изненадување доколку уште некој добие дрес во недела.
Внимателно, но со доза на поткрената самодоверба, базирано на настапите на нашите јунаци по своите клубови, ја прогласувам Македонија за фаворит во двомечот.
Голманите бранат во лигата на шампиони на високо ниво, Кире игра како во најдобрите денови за Нант, Фитиљо експлодира во бундес лигата, Тале плотунски стрела, пикерите цврсти како секогаш, Жути, Џомба, Ојле, во одлична форма.
Среда навечер да прославиме со по едно чешко пиво, а в недела, в недела е цветници може и повесело.
Македонија е се што имаме ! НАПРЕД МАКЕДОНИЈА !