Кога официјалните ИХФ статистики објавија дека македонската ракометна репрезентација го освоила 15 тото место, и направила скок од доссегашното 27 место, не можев да се оттргнам од впечатокот што го имам во мојата меморија, врзано за оваа бројка. Имено бројот 15 означува „манифестација на хармоничност, синтеза на материјата и духот“. Добра метафора , нели? Натаму, бројот 15 истотака означува „силен проток на енергија, извор на сила и соработка“. Исклучителен опис на македонската ракометна репрезентација и освоеното 15 место, нели?
Македонскиот национален тим како 15 во светот го заврши својот настап на СП. Многу работи се напишаа изминатите денови на таа тема, но главниот заклучок е дека, впечатокот од комплетниот настап е многу подобар од бројката која стои покрај Македонија на табелата која означува пласман на селекциите од 9 до 24 место.
Добредојдовте во мојата колумна „Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски“ посветена на настапот на Македонија на светскиот шампионат, селекција против која „никому не му беше лесно“ и од која допрва ќе се „тресе“ европскиот и светски ракомет. Овојпат, заради обемноста на мојот пристап, колумната/анализата решив да ја напишам во две последователни продолженија.
Денес следува второто продолжение . . .

МЕЧКА – КОМПЛЕТЕН ПИВОТ, ТИНО, МАРКО И „ЦАР САМИОЛ“ НАДОАЃААТ
Дури петмина понесе во Хрватска Лазаров, што беше (пре)многу за секој вкус. Реално, пола од нив не „помирисаа“ напад, а дел од нив беа тука во мисија да се собира искуство за тоа што следува во иднина. Милан „Мечка“ Лазаревски помина најмногу минути во игра, имајќи предвид дека е „комплетен“ пивот и игра во два правци. Со својот нарав и карактер ја подига(ше) зоната и командуваше со истата. Дуел играта со бековите ја подигна на уште повисоко ниво, и само квалитетен тренинг и силна лига го дели од „крем де ла крем“ играчите. Пешевски одигра одличен турнир, со својот габарит од кој „не се гледа пола сала“, преставуваше проблем за секоја зона, но и проблем за Лазаров кога игра(в)ме со противник како Холандија. Пресметан ризик за супер опција во нападот и менување играч во одбрана. „Кулите близначки“ од Алкалоид, Стојковиќ и Карасманакис беа трн во око на пошироката јавност, која бараше други, поискусни, играчи, да бидат во тимот. Дали Талески и Аларов ќе беа, моментално, подобро решение, како поддршка на Лазаревски на централните позиции, ќе беа факторот Х, кој со Холандија ќе „добијат“ дуел со Стејнс или со Австрија ќе одиграа подобро на таа 7 на 6 на Пајовиќ, е тема за анализа. Но, едно е сигурно, „кулите близначки“ се иднината и тоа никој не може да го оспори. Во тоа „купче“ играчи кои надоаѓаат, не смееме да го заборавиме „Цар Самоил“ Ристески од Пелистер, уште еден ракометен бисер. Никола Марковски, најискусниот наш играч во поле, извонредно ракометно поткован, спортски интелигентен, мирен и сталожен, без еуфорија извршуваше доста „валкани“ задачи во зоната. Покрај годините, неговите инертни нозе (кои ги покрива со сериозна интелигенција во играта) се негови главни „непријатели“. Во секој случај, коректно и на висина на задачата.

ГАЛЕЦ И КИЗИЌ СЕ ИДНИНАТА, „Св. НИКОЛА“ МИТРЕВСКИ ПОКАЖА ВИСОКО НИВО И КОНСТАНТНОСТ
За крај, позицијата која е „пола екипа“, без која ниту еден „генерал“ не оди во војна, онаа ракометна, се разбира. Позиција која исто така беше тема на дебата, пред се поради „исклучувањето“ на Томовски, како голман кој долги години е дел од селекцијата. И ќе биде дел од селекцијата во иднина сигурни сме, затоа што е докажан квалитет, но моментот не е добар за него. Битолскиот ракометен бисер, еден од најголемите таленти во историјата на мак ракометот, го имаше своето деби на големите смотри, како момент кој треба да се нотира, за после 15 години, за Иван Галевски, како еден од најдобрите европски голмани се навраќаме назад на неговите почетоци. Галец има се што треба да има еден спортист, и „глас и стас“, и дрскост (спортска се разбира) и амбиција и фокус. Факторот време не можеш да го „купиш“ и треба да го помине истото, ама на гол, не на трибина. На трибина беше долго време нашиот втор (во оваа низа, не по статус во репрезентацијата) голман, Марко Кизиќ, ситуација која му се закануваше дека ќе го остави во просечноста и дека нема да „намириса“ репрезентација во својата кариера. Од минатото лето е во Автокоманда, добива шанса и истата ја зграби. „Освежен“ е и насмеан, со елан и амбиција да биде број еден во државата. Има се за да „рачуна“ на тоа дека уште 10 години ќе биде во црвено-жолтиот дрес. Одбрани солидно, и видлив е напредок кај него, особено во делот „подигната глава“ и самодоверба, како предуслов за успешен спортист.
И, на крајот Никола Митревски, во улога на „Свети Никола“, улога која од Пелистер ја пренесе во репрезентацијата. Дури и мајка ми дома, преку „малите екрани“ може да забележи какво воспитано момче е Никуч. Имав колумна за големиот „битолски капиталец“, одете на мојата „Читај Ракомет“ на ФБ и ќе ја најдете, таму е се кажано, за каков спортист се работи и најважно, како дошол до таму Никуч. Лазаров, иако пред некој месец, на квалификациите со Естонија и Литванија, го изостави од составот, согледувајќи дека без него, барем, засега оваа селекција не може, оправдано го стави во списокот на патници. Имајќи фактот дека влегува во петтата деценија од животот, покрај квалитет, беше видлива константност и сигурност на голот. Немам намера да трошам повеќе зборови за тоа кој е и што значи Никуч за мак ракометот.
Да резимираме.
НАПАДОТ НА СОЛИДНО НИВО, НА ОДБРАНАТА И ТРЕБА АЛТЕРНАТИВНА ЗОНА И НОВИ ЛИЦА
Нападот, кажавме неколку пати, одигра над очекувано, сегмент кој после ерата на Лазаров, го потенциравме како потенцијален проблем за македонскиот национален тим. Митев е клучен во тој напад, како „ударна игла“ но и како организатор кој го постави Кузмановски на вистинска позиција. Видовме каков резултат даде таа ситуација. Ротација на таа лева бековска позиција со, во иднина, играчки поискусен Павле и големиот талент, Дамјан Митев за уште посилен напад. Калајџиески треба хитно во супер лигата, за да видиме колку може во сениорски ракомет, како иднина на средната бековска позиција.

Зоната, се чини има многу поголем простор за напредок. Недостасуваа(т) алтернативни зони на стандардната 6-0, како дополнителен квалитет на тимот во иднина. Исто така, недостасува(ат) централни дефанзивци со искуство, кои ќе му прават друштво на Лазаревски, во ситуација кога на Маркоски му „истекува личната карта“. Ги спомнавме опциите погоре, и тие што, во моментов можат, но и тие што надоаѓаат.
Завршувам дефинитивно.
СИСТЕМОТ НА ЛАЗАРОВ Е ТОЈ, ПРИЛАГОДЕТЕ СЕ ЗА ДА БИДЕТЕ „ВНАТРЕ“
Лазаров покажа дека со многу напорна работа, верба и наметнување победнички менталитет и самодоверба, кои ги има на претек, успеа да направи систем кој функционира (зборев за тоа минатата колумна). Неговата иднина како селектор на Македонија е беспредметно да се става на маса и да се дискутира за истата. Таа не беше доведувана во прашање во ’22, ’23 или ‘24 година, а не сега, па и во ситуација кога ќе има промени во врвот на РФМ. Сепак, македонските играчи, и оние кои се „внатре“, тие кои биле претходно, но и оние кои надоаѓаат, мора сфатат дека, системот, додека е Лазаров е тој. Профилот на играчи и карактерот на истите е тој, менталниот склоп е тој. Ако сакаш да бидеш меѓу “одбраните” мораш да се прилагодиш и ставиш во функција на тимот. Тимот против кој никому не му беше и во иднина нема да му биде лесно!
Честитки за успешниот настап и благодарност за тоа што ја направивте горда Македонија!

Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете