Фото: Slavko Kolar/RZS
Македонија денеска на пладне ги продолжува своите настапи на ЕП во Словенија, за момчиња родени 2004та година и помали, во борба за пласман за од 9-16 место, во натпревар против селекцијата на Полска.
Штета. После освоени златни одличја на европско и светско првенство во низа на нашата селекција, со претходните генерации ракометари, оваа генерација не УСПЕА, да го повтори успехот и после минатогодишното 9то на СП, сега е во група со банана ракометни репрезентации од типот Франција, Словенија, Хрватска, Унгарија, во борба, повторно за тоа 9-то место.
Малку или малку повеќе иронија, која излегува од мене кога читам коментари и што е уште полошо комуницирам со луѓе од ракометот, кои го деградираат УСПЕХОТ (вреднуван не само со освоено место или не дај Боже медал) или се во обид да и го направат тоа на оваа генерација ракометари и луѓето кои ги водат и се грижат за нив.
Како што најавив во мојата претходна колумна за ова ЕП, а многу љубам кога се враќам назад на тоа што сум го пишувал и истовремено да го потврдам истото во наредната колумна, Македонија, според мене како фаворит влезе во најважниот натпревар за пласман во првите осум европски селекции. Со маaaла доза на скепса во однос три сегменти. (Не)успешно справување со висока и силна 6-0 зона, оптимален број погодоци од транзиција и (не)константност на, во оваа констелација, локомотивата на нашиот напад Мирче Калајџиески. Бројот на погодоци ни покажува дека не сме биле успешни и дека нерешениот исход доаѓа како резултат на пристојно одиграна одбрана и феноменалната партија на Иван Галевски.
Во селекцијата на Австрија, нашите момци имаа сериозен противник, кој демонстрираше брза игра, тактичка зрелост и техничка подготвеност, одлична поставеност во одбраната и супер потентен чувар на мрежата. Селекција, која негува скандинавски стил на игра, како „оставштина“ од селекторувањето (и веројатно многу повеќе од тоа, едукација на останатите домашни тренери) на „големиот“ Дагур Сигурдсон, селекција која има „глава и опаш“, покажувајќи го тоа со победата над Хрватска и убедливиот триумф над Црна Гора.
Ако може да се забележи, Македонија на ова ЕП, во однос на нападот немаше конкретност, како што тоа беше случај претходно, со половични изолации на одредени играчи, од кои тешко излегувавме на крај „еден на еден“, како главно оружје на оваа наша селекција. Исто така, иако не разочараа, нашите крилни играчи имаа просек на успешни реализации кои треба или мора да биде повисок. Сепак, Бели и Марио се светла иднина на нашиот ракомет и најважно е следната сезона да играат „врвен македонски“ ракомет. Од друга страна, во одбраната, немавме алтернативна зона, на таа агресивната, која одлично функционира, во глобала. Нашата 6-0 не беше доволно уверлива, а класична 5-1 дури и ја немаме. Јасно е дека антропологијата на играчите е таа, но мораме да имаме повеќе опции.
Фото: Slavko Kolar/RZS
Македонија на ова ЕП, во континуитетот го нема(ше) Калајџиески на високо ниво, како рефлексија на клупската сезона во „двојката“, исклучително важен играч за стабилност на нашиот напад. Имаме ние уште добри играчи на надворешните позиции, пред се Шулески на ова ЕП, но и Димковски, Митев и Узунчев, како играчи на секвенци, но Мирче беше „генерал“ на оваа екипа во нападот минатата година во Хрватска. На ова ЕП тоа не е случај.
Од друга страна многу повеќе очекувавме од Давид Димевски, од Томи Димковски, но и од Дамјан Митев, како единствен бек шутер, кој треба да ја „отвори“ зоната на противникот и да решава зона со играч помалку. Веројатно, како две години помлад, ќе треба да почекаме да ја предводи својата генерација за да го видиме неговиот, несомнено, голем потенцијал.
Исто така, видовме дека недостасува првиот стрелец во нашиот тим, од минатогодишното СП во Хрватска, Александар Петковски, кој иако рехабилитиран не доби дозвола од „неговото величество“ да настапи во Словенија. „Дупка“ која иако не беше длабока, се почувствува по серијата промашени зицери на Ненад или во ситуација на „барање маж“ кој ќе реализира седмерец.
НО, и покрај сите промашени зицери, создадени макотрпно против габаритна селекција, со одлично поставена 6-0 зона, физички и тркачи супер подготвена, технички грешки, исклучувања за „наивни“ фаули на играч без топка, по лоша измена или по приговор, Македонија во 48 минута имаше +2 и „октопод“ на голот, како ветар во грбот. Дискутабилна судиска одлука, после очигледен прекршок врз Ристовски и непотребна реакција од клупата за казна од две минути исклучување и играч помалку во поле, момент кој имаше „тежина“ и можеби го смени самиот тек на натпреварот. А, можеби и не. Сепак, Македонија, е многу искусна со учество на големи смотри и треба да ни е јасно, дека без „дополнителна опрема“ и лоби придружба, по успех на големо натпреварување не се оди. Затоа што, ракометот (или спортот воопшто) не се игра само во тие 40х20.
Нејсе.
Некој ќе рече, имавме напад за триумф против Австрија, јас би му рекол дека имавме и -7 против Хрватска. НЕБИТНО. Важно е дека, овие момци (ќе) одиграа(т) многу квалитетни натпревари во Словенија, и на следното (и последно за нив) големо натпреварување во Полска. Како последен филтер за влез во сениорски води, иако дел од нив веќе се на списокот и ги имаа првите минути во сениорската селекција. Важно е во моментов да се препознае кој има потенција за „А“ селекција, за навремено „прешалтување“ во истата.
Треба ли да се срами некој за досегашниот настап на ЕП?
„Царот“ Самоил, „малиот“ Митев, „генералот“ од Струга или „супер“ Марио?
Можеби Пурино или Раде?
СЕКАКО ДЕКА НЕ!
Како беше преставена Македонија?
Како и лани во Хрватска, и повеќе од солидно, пред се во однос на пристапот кој овие момци (сите топтан) го имаат кон дресот со националните бои, борбата и желбата за себе промовирање но и промовирање на државата Македонија. Но, и ракометно, каде настапивме со генерација која не даваше сигнали за големи дела, генерација која во многу наликува на онаа од ’98, технички добро „поткована“ и дисциплинирана. Дали можеше подобро? Секако, дури и до медал. Теза која, можеби, ќе се потврди со игрите на некоја селекција на ова ЕП во главната рунда.
Селекција која без пораз заврши во делот за разигрување, играјќи (во поголемиот дел од натпреварите) рамноправно или доминантно против противниците во групата, не отстапувајќи од играта и замислата, но и до крај не откажувајќи се и не губејќи го духот, како врвна особина и квалитет на секој спортист, па и човек на крајот од денот. А тоа е духот во кој ние (сакаме) да ги воспитуваме идните генерации спортисти и личности кои ќе бидат корисни за државата и општеството.
Затоа,
МОМЦИ МАКЕДОНЦИ – ГЛАВАТА ГОРЕ….
…многу успех денес против Полска.
Поранешен македонски репрезентативец, основач на проектот Ракомет За Секое Дете