Фото РК Алкалоид
Почнувам од крајот.
Александар Петковски, 19 годишното леворако крило со гол во последните секунди од натпреварот, му го донесе на РК Алкалоид првиот бод во Лигата Европа.
Многу често во разговорите и анализите, коментарите и критиките, забораваме кои сме и од каде и какви услови доаѓаме. Во една прилика за да сликата биде појасна ги употребив статистиките за број на професионални играчи, во друга прилика бруто националниот приход, во трета политичкото уредување, овојпат можеме да ги споредиме титулите на двете земји освоени во ракомет, на пример?
Мразот е скршен, и од овој клуб и овие играчи, се разбира и од овој тренер, очекувам само да напредуваат од натпревар во натпревар.
Проблемите ги имаше Алкалоид во првиот дел во одбраната и верувам дека тој дел од играта е оној каде најмногу ќе работат. Во првото примија 18 голови, но во второт кога со поцврстата одбрана дојдоа и одбраните од голманот сликата се смени. Очигледно беше дека македонските ракометари се и физички подобро подготвени, бидејќи како за една шпанска екипа, овие беа прилично тромави. Верувам дека во реваншот, ако нема некои драстични промени, Алкалоид ќе слави без проблем.
Кога на паркетот во еден момент ги имате, Митев со 20, Стојковиќ со 20, Омерагиќ 21, Савревски 21, Петковски 19 и најстар ви е Серафимов со 23, (незнам дали навистина имаше ваква формација но можна е нели?), иднината ракометна не треба да биде под знак прашалник.
Независно од фактор дека Шпанците се само 12 ти во лигата, овој натпревар е патоказ и ветар в грб не само за амбициозниот РК Алкалоид, младиот тренер, плејадата млади играчи, туку и за целата Македонска ракометна приказна. Со многу труд и работа целта е дофатлива.
За издвојување не само статистички но и по повеќе немерливи показатели е играта на 26 годишниот Џонов, ракометен лик кој по многу нешта се наметнува на сцената.
Лига на Европа
БМ Логроно Ла риоха 29 РК Алкалоид 29