Фото РК АЛКАЛОИД
Резултат за паметење е оној неделниот, кога на еден од најголемите Христијански празници, Алклоид го одигра првиот дуел од двомечот со Норвешкиот Рунар од Песочниот Фјорд.
ЕХФ по кој знае кој пат не стави во дилемата, да ги мразиме или да ги презираме? Просто за мене е неразбирливо колку многу се трудат да ни напакостат. По последниот понижувачки став, дека мора да се игра против Словенија во деновите по најголемата трагедија која и се случила на Македонија, следеше одлуката да се игра на Велигден!
И тоа не им беше доволно, пак, за судии делегираа двајца тоатални аматери од една тотално неракометна нација. Судиите од таканаречениот Кипар под нивото на судии почетници, кои судат младински категории. Во повеќе наврати измамија насмевки, па и беа исмеани од публиката која и покрај големиот празник и традиционалното семејно собирање, беше во голем број на трибините. Тие често не беа сигурни во своите одлуки, па и покрај средствата за комуникација кои ги имаат носеа различни одлуки, често и самите незнаеа што имаат досудено, покажуваа чудни знаци со рацете, дел од нив во духот на нацистичките поздрави, а врв на бурлеската беше кога го напуштија теренот по последниот удар, а делегатот трчаше по нив пред да исчезнат во подтрибинскиот простор. Тажно …
На клупата пак на Норвежаните еден мој ракометен херој, Бјарте Мирхол. Со години му се воодушевував, пикер од нетипичен ков, фајтер, одличен ракометар. Имаа тие неколку истакнати поединци, играа храбро на моменти и дрско, напаѓаа без страв и пресметки. Понекогаш делуваа и надмено, како моментот кога еден Норвежанец по дуелот со Тино, во рака го имаше неговиот дрес и на подадената рака тој просто го фрли дресот на земја! Е тоа е таа разлика север југ!
И тоа најверојатно го наплативме овој пат. Киро пред неколку години го привлече вниманието на јавноста со изјавата дека ќе видиме една нова Македонија која ќе игра како Норвешка. Имаше доста реакции, следеа неколку лоши првенства за Македонија, и Норвешкиот модел не го видовме, се до неделата, кога Алкалоид на Македонски погон, со Норвешки систем ги порази Норвежаните. Бесценето !
Не можеше Киро и на пресот да не потсети, постигнати беа без малку 80 погодоци.
Натпреварот навистина беше динамичен, преполн со возбудувања и многу промени на резултатот. Норвежаните делуваа по вертикално и поедноставно кон голот, а Македонците пак беа покреативни, поупорни и кога во второто полувреме кон 45-46 минута Киро ги постави кулите близначки (Стојковиќ-Карасманакис) во средината на зоната, и одбраната почна да делува во Македонски манир, натпреварот беше решен.
Одлично изиграа сите, но го издвојувам Ѓоргиев. Лик кој беше на мета на ракометната јавност долго време, а во последниве натпревари покажа една клучна за мене особина, во отсуство на Марко Митев, тој ја презема одговорноста и испорача.
Навистина жалам што ЕХФ нема визија да ја користи Статистиката како алатка за промоција на Ракометот. Со голема резерва ги земам сите нивни статистички податоци, но овој пат како и да е издвојувам две категории од исклучителна важност. Изгубено топки, Алкалоид 9, во маргината на големите екипи и Рунар 13, маргината на Македонија на последните европски натпреварувања. И втората уште послатка, асистениции, Алкалоид издоминира со 20, и со букви дваесет, во однос на норвешките 10!
РК Алкалоид го очекува тежок реванш в недела, и тие за тоа се свесни, со големи очекувања и стиснати палци ги праќаме Фармацевтите на север, во поход на историското за нив, но и за Македонија финале во ЕХФ Европскиот Куп.
РК АЛКЛОИД 42:37 Рунар
Прв натпревар во полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп