Факт е дека годинава македонската ракометна сцена е во фокусот.
Враќањето на сехашите, амбициозна женска супер лига, за првпат со директни стрим преноси и интересна како никогаш досега битка на прволигашите за влез во елитата.
Со 19 екипи во две групи поделени започна сезоната во првата лига. А таму по бранувањата помеѓу КЛ 7 и Голден Арт, еден куп аспиранти за врвот.
Во малата сала на СЦ Јане Санански, кој преку ноќ се накити со обележјата на МОК, се одигра воведното коло од групата Б и веднаш дерби. Веќе проверените борци, Јуниор Кисела Вода, со нов тренер, легендарниот пивот Игор Котески од една страна и ремонтираниот и преименуваниот РК Голден Арт. Токму Котески беше на кормилото во последната сезона и токму со измените на тренерското место почнаа турбуленциите во клубот.
Како и да е, Голден Арт најавија стабилна сезона, доведоа неколку играчи, го задржа дел од ланскиот ростер и си назначија нов тренер, Матлиевски.
Олабавувањето на мерките, како и долгото отсуство од салите, овозможија чинам овојпат да биде до последно место исполнет дозволениот цензус на публика во салата. А таму интересни ракометни ликови. Екс селекторот на женската селекција, Симовски, поранешниот но и еден од новите министри за одбрана, Ристовски и Томовски. Еден куп алкалоидци, ги немаше оние кои со Голден Арт ја расипаа калимерата, еден куп вардарци и уште еден поголем куп љубители на ракометот.
И никој од нив не зажали. Одличен прволигашки натпревар од почетокот до крајот. Многу машка борба но исклучително коректна. Многу емоции, и по некој одличен потег. Екипите составени од по некој докажан ветеран, но и еден куп млади ракометари за кои овие дуели се од витална важност.
Голден арт, го наметна темпото од самиот почеток. Играа цврсто во одбраната, а искусниот Даскаловски на голот ја правеше разликата. Во нападот на крилата на врвниот стрелец Илиев дојдоа до 6-4. Од другата страна, Печенковски беше мозокот и срцето на Јуниор. Тие успеваа да фатат приклучок, по раната повреда на Илиев, но се чини дека беа потенки во ростерот и во играчи кои имаа храброст да преземат одговорност.
Неизвесноста траеше до безмалку 5-6 мин до крајот кога Голден арт конечно се одлепи на +4. Конечниот резултат од 24-21, само ја најави очекуваната долга и неизвесна сезона.
18.09.2021 Скопје
Прва лига група Б
РК Голден Арт 24 РК Јуниор Кисела Вода 21