Имаше дискусија за сините и зелени дресови во битолската чаршија. Постарите Чкембари беа задоволни и со едните и со другите.
Мојата 4 та спортска љубов, америчкиот фудбал, ми откри нови ракурси на спортот генерално. Таму навистина е важно, но без тајни, за какви дострели и со која метода се гради еден тим. Па следствено на тоа, пак моите идоли од First Down, ги делат тимовите на Pretender и Contender тимови.
За појасно да биде, овие првиве се сериозни во својот формат, деловен пристап и пракса, но не се амбицираат на висок пласман. Имаат пристоен тим, со малку или воопшто звезди и имаат за цел да ја забавуаат својата публика. Овие пак вториве, се со пофокусирани цели, влогот и финансиски и играчки е поголем, иако не премногу оти имаат ограничувања, и имаат високи цели. Така и се однесуваат, во предсезоната, сезоната и секако во плеј офот. Најчесто целта е финале, а неретко и титула.
Битолчани се во фаза во која се и едното и другото, во зависност каде играат. Па така веќе трета година се сериозни Контендери во македонското првенство. Амбициите се јасни, а одредени медиуми веќе и ги поставија на првата позиција фаворити за сезонава. Досега толку високо не биле никогаш поставени, па оттука, притисокот годинава ќе биде најголем. Од друга страна нивните настапи во Лигата на Европа и годинешниов во СЕХА, ја оддава нивната втора страна, Притендерската. Што во крајна линија е прилично легитимно. Да не дојдеше до сериозното проветрување играчко и тренерско, јас бев на пат да ги поставам и во Лигата на Европа како Контендери, но сепак малку ќе причекам.
Радува пристапот на Ларс, тој се обиде да изненади, не дека 7 на 6 е нешто ново, но апсолутно беше новина да излезете на мегдан со Маџарине од прв напад токму со тој пристап. Неискуството тимско, како и сеуште нестекнатата доверба и познавање на играчите внатре, едноставно не му дозволија да извлече ништо повеќе од десетина добри минути. Борбата која ја гледавме против белорусите, вчера ја немаше. Одбраната непостоеше, и можеби единствена замерка ќе упатам на делот на залагање во одбраната. Кој и да е противникот колку и да е појак, колку и да беше јасно месец два понапред дека Пелистер нема шанси со Веспрем, чинам дека кожата требаше поскапо да се продаде.
Утре е нов ден, нов испит, Нексе веќе докажан противник, иако видовме дека кога се авторитети во прашање и тие имаат сериозни проблеми, очекувам да ги видам Битолските Зелените во едно навистина по зрело издание.
Кон поразот на Пелистер од Веспрем во полуфиналето на СЕХА Ф4 2022, во Задар.