Има една странска која вели ОБЛЕЧИ ГИ НЕГОВИТЕ ЧЕВЛИ, а во слободна интерпретација би значело да се ставиш во одредена позиција или ситуација во која е некој.
Притисокот врз Лазаров растеше од денот на неговото назначување за селектор. Тој самиот призна дека има непријатели. Во одредена констелација на силите и во сенката на одлуките кои најдобриот ракометар, а можеби и спортист на Македонија на сите времиња, во одреден момент ги донесе, тој се најде на отворен простор.
Неговото деби со Данска беше од соништата. Следеа успешно приведени до крај квалификациите за европското. Но потоа дојде тоа долгоочекувано европско, во кое работите на крајот не беа онакви какви ги посакувавме. Во тој момент притисокот полека го достигна својот пик. Замерките одеа од една во друга страна но главно се однесуваа на селекцијата на играчи, можеби по некоја и за тактичката но и за кондициската подготвка. Како и да е скоро и да немаше преодна.
Во таков еден амбиент на рафални критики, во кои се додаде и неуспехот со кадетската репрезентација на шампионатот во Скопје, Лазаров практично за една година успеа да остане без подршка. А требаше ли така?
Полека доаѓам до баражите. Во Скопје против Романија, одигравме стабилно и мудро, па како секој поквалитетен тим победата ја осигуравме на квалитет и искуство кон крајот на натпреварот. Реваншот не посебно убав за гледање требаше да се исконтролира, па впрочем и така беше. Македонија ја прескокна Романија. Не остана незабележан и еден момент на неприкладна нервоза на клупата. Очекувано, без поголеми помпи и потреси. Притисокот сега се зголеми, следен противник е Чешка. Одигра одлични натпревари на европското со Шведска и Шпанија, таа со Босна не ја сметам. Тие не победуваа последните неколку средби, а секогаш на гостувањата лошо сме поминувале.
Но синоќа се случи нешто сосема поинаку. Македонија играше пеесетина минути врвен ракомет. Одлична одбрана, подвижна и агресивна, која не се плаши да фаулира. Голман кој ужива на голот. Напад разноврсен, пикери жестоки. Во еден момент 10-17, да за Македонија.
И сега полека доаѓам до чевлите и притисокот. Да Лазаров го презема врз себе и можеби само тука ќе се осмелам да забележам. Доколку минутите кои ги поминаа тој и Жути на терен се намалеа можеби полесно ќе ја доведевме до победа утакмицата. Можеби…
Дека чесите се спасија е факт, дека Морковот се надмина себеси и тоа е факт, дека можеби се мачиме со реализација е неспорно. Но факт е дека и во огромен дел од натпреварот имавме решение и во нападот и во одбраната, а ни недостасуваше малку спортска среќа.
Македонија одигра врвен натпревар и сега големиот македонски празник Цветници само ќе треба да биде украс на оваа мисија.
Македонија во недела би требало да се прости со две легенди кои коските ги оставија за ракометот. Публиката го препозна моментот и ги разграба картите.
Селекторе, пред една година ја врачив мојата ракометна репрезентација под Ваша јурисдикција, добро грижете се за неа и понатаму.
Требаше освртот да биде за репрезентацијата но ете …