ДАНЦИТЕ СУСПЕНДИРАНИ ПОРАДИ ДОПИНГ!

Фото ИХФ

… е наслов кој најверојтно би привлекол многу внимание низ европските и светските медиуми. Верувам и дека тоа, данското, перфидно лоби за отстранување на сите оние кои не им се погодени, би презеле мерки за истражни дејствија со цел елиминација на сите неподобни.

Но исто така е и наслов кој буди сомнеж, дека нешто е чудно во државата Данска. Како е можно да се до толку доминантни. Дали станува збор за генетска аномалија, систем на тренинг, нутриционистички тајни, суплементи непознати за остатокот од светот?

Или просто луѓето ја доведоа до совршенство оваа наша игра. Трчаат без престан, секогаш се на вистинското место, никогаш никој не ги удрил в грб при брз центар, Були онака преполнет има експлозивност на НФЛ линијаш, делуваат недопирливи но и неповредливи, хм.

Просто делува неверојатно. Статистички супериорни во безмалку сите категории, единствени под 7 изгубени топки по натпревар, преку 17 асистенции, скоро 6 украдени топки по натпревар, најмногу истрчани и реализирани контри, минимум исклучувања или само 2 во просек, преку 70% реализација, повеќе од 37 голови по натпревар, голман со преку 40% одбрани… уааау !

Во изминатиов период се соочивме во повеќе наврати со наративот дека денес се играло брз ракомет но некогаш тоа било многу покреативно и имало вистински волшебници на теренот. Хм, патетична носталгија или вистина? Ова светско, донесе таков експлозивен, креативен, луциден и неизвесен ракомет каков што верувам пред 30-40 години не ни сонувале. Токму Данците во безброј натпревари не уверија во спротивното од наративот, наративот кој исто така вели дека ѕвездите со Карабатиќ, Хансен и останатите заминале и дека сега имаме дефицит?! Па дали има поголема ѕвезда во моментов од Гидсел, Питлик, Нилсен…

Денес прашината ќе се наталожи, а утре, утре вистинските ракометни фанатици ќе стискаат палци коцкестите да го пореметат балансот во вселената, да ги отфрлат сомнежите од насловот и да докажат дека чудата се можни. Бидејќи да се победи оваа Данска навистина, ЧУДО е потребно.

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...