Фармацевтите поразени во Нови Сад

Фото РК АЛКАЛОИД

Во моментите додека го пишував коментарот пристигна веста за новиот ранкинг на националните федерации.

Повеќе од јасно ни беше дека Македонскиот рејтинг е во опаѓање, но искрено барам помош и информации како украинскиот рејтинг толку порасна?

Нејсе, одамна е јасно дека ЕХФ е корумпирана и кусогледа федерација, а и не е многу за лутење ако ја споредите со ОН на пример.

Човештвото е во сериозна криза, морална, етичка, секаква. Ако се потсетам на стариот завет и на Ное, се прашувам и дали некогаш воопшто било надвор од кризата.

Назад на ракометниот терен. Во Нови Сад, Алкалоид изигра уште еден убав натпревар. Иако тренерот на еден од тајмаутите посочи дека проблемот е во нападот, моето скромно опсервирање е поинакво.

Фармацевтите имаа проблем во одбраната. Премногу лесно србијанците ја пробиваа првата линија, а втора често и немаше. Па така нивните удари прилично непречено завршуваа во рамката, од друга страна од 47 удари кон голот на Војводина, само 37 завршија во рамката (ако статистиката на овие корумпираниве е точна). Голманите немаа свој ден на двете страни, техничките грешки беа безмалку изедначени, па како сламка на спасот во бруталниот свет на статистиката само оваа ставка ја подвлеков со црвено.

Во прилог на порозноста на Македонскиот фронт и податокот од само 1 исклучување во текот на целиот натпревар. Мирна река брег рони, знам, но за победа во еден евролигашки ракометен натпревар потребно е сепак Цунами.

Но, времето е на наша страна. Во моментов сем Марковски и Бинго, сите останати македонски трупи се исклучително млади. Па така некако се подразбира дека со секој натпревар и со секоја сезона измината, нивото на, како што Бице милува да каже, мангуплук експоненцијално ќе расте.

Радува фактот дека Кире кај овие играчи всадил менталитет на неоткажување, па просто ако ги погледнеме скоро сите натпревари, момците играат до крај, не се предаваат, гризат и не ретко се наоѓаат во ситуација да им се доближат на противниците. Радува брзиот центар и големиот број постигнати голови, бројот на технички грешки е во опаѓање, а генерално и играта е гледлива.

Од развојот на формата издвојувам, а воопшто не е небитно, Серафимов кој од натпревар во натпревар игра се послободно и подрско, 24 голови вкупно со процент на реализација кој расте. Митев кој веќе им запна в очи на европејците покрај 22 голови, се повеќе ме воодушевува со луцидноста на решавање на равенки со 2 и 3 непознати. Стојковиќ мојот пикер од иднината, во судирот на линијата стигна до 13 голови и одлична минутажа, Савревски кој покажува одлична мотивираност и дисциплина иако игра во функција на тимот на позиција која му е неприродна. Запирките ми се кај Џонов кој по почетниот блесок иако сеуште е стрелец број еден со 28 голови, како да има мал застој во формата, Велковски кој очигледно сеуште не е до крај вклопен во системот на Лазаров, а за кој има големо очекување, Ѓеоргиев затоа што по големиот притисок од јавноста едноставно не одговори енергично ами малку се инхибира и Михајловиќ за кој јас лично сметам дека може многу повеќе во нападот поготово како шутерска опција која за сега за жал Фармацевтите ја немаат. Енигма е и потенцијалот на Едвин, пред се за во нападот, ефикасноста на Кофиловски, Стојков и Петковски кои се жртви на тактиката па немаат многу шанси, дијапазонот на Галевски кога би бил под притисок и уште една не до крај проверена аквизиција, горостасот Стојчевиќ.

Денеска е еден голем празник од една друга епоха, за која недвосмислено и покрај сите црни дамки, мнозинството од балканот се повеќе тагува. Се навраќам и на една култна радио емисија, Време је на нашој страни, и комплетно ја ставам во функција на оваа Македонска екипа.

Со нетрпение го очекувам и последниот дуел со шпанците, тажен што европското патешествие за овие млади момци Македонци завршува, но среќен и со надеж дека веќе следната година пол позициите ќе бидат драматично повисоки на гридот.

28.11.2023 Нови сад ЕХФ ЕЛ

Војводина 34:29 Алкалоид

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...