Катастрофа од епски размери ! Фарски ја размонтира Македонија!

Фото Фарските Острови

Во еден прекрасен ден, кога Македонците им ставија до знаење на сите непријатели дека Македонија не е за распродавање и по конечниот распад на една криминално предавничка влада, следеше огромен шок за мене.

Фарски ја размонтитра Македонија и во Скопје доаѓаат на реванш како тотални фаворити со депозит од 7 разлика.

Што се случи?

Прашање на кое неможев да дадам одговор, проценката овојпат комплетно промашена. Да, убеден сум сеуште дека Македонија е подобар состав од Фарски, верував дека букмејкерите се во заблуда. Немаше да им биде првпат, но овој пат во заблуда бев јас!

Македонија истрча на терен како тим без никакво искуство од меѓународни натпревари. Натпревар кој се игра во превртен чамец, со љубезна публика и без никаков императив го изгуби од шега!

Впечатокот е дека Данскиот стратег му очита лекција на Македонскиот. Тој напаѓаше упорно со една или две акции, блок од пикер на пример, а нашиот никако не успеваше да најде одговор на тоа. Менуваше играчи. се обидуваше но немаше решение. Згора на се и во нападот нашите не напаѓаа, неретко имаше ситуација кога просто сите стоеа во место. Необично за ракомет!

Дека работите ќе отидат по ѓаволите беше јасно уште во 8 та минута од првото полувреме. Дезориентираниот Талески, следен во чекор од нашите главни сили, Кузмановски, Јагуриновски и Митев, сите со по една изгубена топка, им дадоа знак на домашните дека не се дојдени ниту по победа ниту за битка.

Зошто е тоа така сеуште не ми е јасно. Дали навистина сме го допреле дното, технички и тактички, или станува збор за некаков отпор или недајбоже бунт?

По воведните 7-2, се останато беше мачно за очи, и штетно за кардиоваскуларниот систем. Штетата е направена, Македонија демонтирана се враќа во Скопје.

Каков ќе биде односот на публиката во Борис кон нашите в сабота не сакам да предвидувам, на букмејкерите повеќе ќе им верувам, веќе го поставија коефициентот во корист на Македонија, мојата поддршка нема да изостане, но дали со помош соодветна од Турските судии ќе можеме да тепаме со 8 разлика навистина не сум сигурен веќе.

Инаку статистички гледано, не бевме катастрофа, само 12 изгубени топки, што е напредок ама сеуште светлосни години од просекот на врвните екипи. 73% реализација на шут, која ќе беше подобра ако Талески немаше 0 од 3. 8 исклучувања што би требало да значи дека сме борбени?! И категорија каде бевме очајни, а можеби единствена која ја предвидов, голмански интервенции 6 или очајни 15% !

Македонија се сака и кога победува и кога губи, кога победува бираме херој, а кога губи?

Некаде таму далеку на север во едно првртено кајче, една мала група испадна помангуп од нашите и ни ја прврти утробата на сите ракометни фанатици.

Фарски 34 Македонија 27, Светското 2025 сега изгледа далеку колку и освојување на медала на истото!

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...